1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Good Morning, Afghanistan 

20 август 2021

Авганистан е изгубен, а со него и соништата и судбините на милиони луѓе. Западот мизерно потфрли, а Америка го доби својот нов Виетнам. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/3zC2K
Afghanistan | Taliban Kämpfer in Kabul
Фотографија: Rahmat Gul/AP/picture alliance

На припадниците на Виетконг им беа потребни 2 години да го освојат Сајгон, по договорот потпишан помеѓу Хенри Кисинџер и Ле Дук Тхо во 1973 година, со кој беше договорено повлекувањето на американската војска од Виетнам. На талибанците им требаа само два месеца да го освојат Кабул и 2/3 од земјата, откако Бајден го најави повлекувањето од Авганистан пред одбележување на дваесетгодишнината од нападот на Кулите близначки.

Хаосот и трагедијата од аеродромот во Кабул препотентно ја евоцира сликата од 1975 година, кога дипломатскиот кадар со хеликоптери бегаше од кровот на амбасадата во Сајгон. Бајден ветуваше дека случајот нема да се повтори со Авганистан, за сега да ја доживее несреќната споредба со Никсон во Виетнам или онаа на Картер со Техеран.

Кабул речиси една недела е во рацете на талибанците кои најверојатно ќе изградат нов исламистички Емират, во најдобар случај теократија заробена во Средниот век, нешто пострашна од Иран и Саудиска Арабија. Во најлош случај ќе се претворат во нова исламистичка база како од времето на Ал Каеда или во џихадистички кошмар како ИСИС во Сирија. Како и да е, по 20 години илузии, лаги и крв, земјата е повторно во рацете на фундаменталистите. 

-претходни колумни од авторот: Либан – пропаст на една нација

Не може да не ни е жал за напуштените и прелажани генерации на девојки, мајки и малцинства кои 20 години живееја со надеж за слобода, а сега се оставени во состојба на старо-ново ропство. Малку вредат ветувањата на новите газди кога од градовите и провинциите на Авганистан стигаат вести за жени приморани да облечат бурки, за листи на невести и вдовици кои треба да им се дадат на паштунските борци, за соработниците на Западот кои еден по еден ги собираат од домовите и најверојатно ги убиваат. Авганистан е изгубен, а со него и соништата и судбините на милиони луѓе. Западот мизерно потфрли, а Америка го доби својот нов Виетнам.

Но, зошто Америка навистина го напушти Авганистан на својата судбина?

Падот на Авганистан во реалноста не е вест од само последнава недела. Бегството на Западот од Кабул излезе трапаво и срамно, но тоа е директна последица на одлуката која САД преку Трамп ја донесе пред година и половина и така научно им ја препушти земјата на коранските студенти. Настанот кој го гледавме во живо е навистина емотивен, трагичен и симболичен, но во очите на политиката и на американските интереси тој нема поголеми стратешки импликации и последици. Американците сега ги интересира колку некоја друга регионална или светска сила, биле тоа Русите, Кинезите, Пакистанците, Турците или Иранците, ќе одлучат да се втурнат во авганистанскиот хаос. 

Авганистан не падна за 10 дена, туку за 18 месеци, откако во февруари 2020 во Доха, Американците се договорија со талибанците да се повлечат без никакви услови. Всушност, условот беше само еден, а тоа е напредувањето на талибанците да се изведе малку побавно, но очигледно преголема била нивната желба да се навреди и понижи западниот окупатор. 

-претходни колумни од авторот: Зошто е важно да се вакцинираме?

Во тие 18 месеци талибанците склучија договори со сите милиции на теренот, со делови од регуларната армија, со племенските водачи и локалните власти во секој дел од земјата. Детално го подготвија преземањето на власта без речиси воопшто да дојде до проливање на крв. Беа внимателни да не предизвикаат индигнација кај странците и не се дадоа на варварски прослави и масакри како за време на претходното освојување во 1996 година. Ветија и веќе почнаа да доделуваат пари, функции и општа амнестија на сите службеници. Тоа говори дека талибанците денеска се нешто помудри и дека држат до меѓународната легитимација, но и дека работат многу пософистицирано од порано и така градат консензус околу себе. Тоа делумно и го објаснува фактот зошто авганистанската војска така брзо се распадна. Сега надежта на немоќниот Запад е дека паралелата со Сајгон ќе држи и по освојување на моќта, како во случајот со Виетнам кој доби поумерена од очекувањата власт, која успеа да го подобри животот на населението и која се отвори кон иден дијалог со Западот. Но, мислам дека и тоа се илузии од непознавање на авганистанската реалност. 

Мисијата на Америка, без разлика колку денес негира дека учествувала во nation-building, излезе жртва токму на фаталната грешка која произлезе од непознавањето на Авганистан. Луда е помислата од Авганистан да се направи унитарна и централизирана држава. Лошата топографија на земјата, етничката комплексност, племенските и локалните сојузи предизвикуваат постојана политичка фрагментација. Бурната геополитичка позиција на земјата и нетрпението кон надворешните мешања создаваат непремостлива пречка за секаква странска интервенција. Оттука, најверојатната иднина на Авганистан се состои од една латентна или отворена граѓанска војна. 

-претходни колумни од авторот: Живееме во време на климатска криза

Дадениот збор и ветувањата на Америка, веќе и онака опасно девалвирани по напуштањето на Курдите, денес не вредат ни пет пари. Како ли денес размислуваат Украинците и Ерменците, или оние од Балтикот, Полјаците, Чесите, Романците, па и нашите Македонци и Албанци?! Да не зборуваме за Тајванците и Јапонците, сигурно особено чувствителни околу тоа како САД го оставија Кабул на сопствената судбина, иако тоа не значи дека ќе променат страна и ќе им се предадат на Кинезите. „Домино теоријата“ не важи уште од времето на Виетнам. Штетата врз меѓународната репутација на Америка е огромна, но доброто име и зборот што држи не се пресудни околу судбината на една светска сила, хегемон и империја. Тие ниту ја создаваат ниту ја растураат силата која владее со светот.

Ivor Mickovski
Ивор Мицквски, автор на текстотФотографија: Privat

Европејците и помалите партнери од поразеното НАТО може да бидат бесни колку сакаат за соучеството во авганистанската катастрофа, но ниту имаат алтернативен систем на сојузништва независно од Вашингтон, ниту материјална моќ нешто друго да преземат. Се разбира, овој пораз кој пред сѐ ѝ припаѓа на Америка ќе ја подигне цената и отпорот кај Европејците да се вмешуваат во идни воени авантури на американската супер сила, особено во поглед на блокирање и судир со Кина. 

Америка се одлучи и може да си го дозволи повлекувањето од Авганистан од повеќе причини. Пред сѐ, Авганистан веќе не е стратешки важна земја и дури ја изгуби и тактичката улога која до неодамна ја уживаше. Натпреварот помеѓу САД и Кина нема да се одлучува во Кандахар или на планините на Хиндукуш, туку ќе се решава на море. Америка веќе нема никаква потреба од земја без базична инфраструктура, каде за да поместиш трупи од точка А до точка Б, треба да поминеш преку точка В, која се наоѓа на 90 степени од конечната дестинација. 

Второ, Бајден ја потврди одлуката донесена од Трамп затоа што војната во Авганистан опасно го потхрануваше бесот на голем дел од американската популација против институциите. Дури и напаѓачите на Конгресот најмногу се повикуваа на непотребните војни на Америка низ светот, бескрајни зошто крај и не може да имаат, оттука осудени на трагичен епилог. Конечно, Америка од таквите војни дома донесе само порази, а поразите секогаш се одразуваат врз домашните состојби на империјата. 

-претходни колумни од авторот: Куба - диктатура без диктатор

Тие внатрешни судири создадоа идеолошки тензии и опасно ја поделија Америка, па не е ни за чудење дека можеби и Бајден цинично размислува за својот мандат и реизбор и им се додворува на американските „rednecks“ и „blue collar workers“ кои се најмногу истоштени и осиромашени од светската доминација на Америка. Таа внатрешна бура најмногу ги плаши властите и затоа одлучија да избегаат од Авганистан. Но, пониженоста од поразот создава нови главоболки, дополнително ќе ги деморализира американските трупи и федералната бирократија, ќе ја ослабне нивната верба пред толкави порази во американската цивилизациска и демократска мисија, нешто што како наратив ѝ е потребно на секоја империја. 

Конечно, бегството на Америка е последица на надежите на Вашингтон дека некој друг ќе заглави во авганистанскиот жив песок. Америка најмногу би сакала Пекинг да биде идната светска сила која би се испробала на тој терен. Кина веќе отворено соработува со талибанците, чија делегација предводена од вториот човек Абдул Гани Барадар пред еден месец беше примена со сите почести во Пекинг. Сиромашен и планински, Авганистан има само секундарна важност во глобалната економска стратегија на Пекинг, но идејата Вашингтон да се замени како сила која ја контролира земјата е дел од калкулациите на Кина. Ако не Кина, тогаш Американците се надеваат дека во Авганистан би заглавил Пакистан, кој е близок до талибанците и земја која има симбиотска врска со Кина. Пакистан е клучен за кинескиот „Пат на свилата“, и доколку Пакистан се најде во ситуација директно да се вмеша во раководење на Авганистан, тогаш тоа сигурно ќе има последици и врз Пекинг. 

САД се надеваат дека во авганистанскиот хаос делумно ќе заглави и Турција, со што би се ослабнале нејзините неоотомански амбиции врз Европа и Средоземјето. Анкара е заинтересирана за централна Азија, делумно и за Авганистан каде постои туркофонско малцинство, отскочна штица до кинеските Ујгури. Но, Ердоган е веќе премногу слаб и се плаши и од сопствената сенка, па тешко дека ќе падне во грешката наречена „Гробницата на Империите“. 

САД би ценеле и делумно вмешување на Русија, една од силите кои низ вековите си имаат извршено самоубиство во Авганистан. Но, по освојувањето на Сирија и Либија, Москва нема ниту средства ниту капацитет длабоко да навлезе во слична авантура. 

Сѐ ова кажува дека Авганистан најверојатно ќе потоне во својата стратешка небитност и дека едиствената цена од тоа ќе ја плати нејзината напатена популација, како што и ние во Европа и на Балканот ќе платиме за новите драматични бранови мигранти и бегалци.