Авганистан: Крај на сонот за извоз на демократија
3 јули 2021Воената мисија која се окончува во Авганистан, само на почеток беше исклучиво борба против тероризмот, а потоа стана многу повеќе. На напатената земја требаше брзо да ѝ се донесе и демократија, човекови права, образование за сите и благосостојба. Посебно на Германците, кои се традиционално критички кон воени интервенции, им беа потребни тие „виши цели“, како оправдување за нивното учество. Нема сомнеж дека овие цели се должни за почит.
Но, идејата за извоз на демократија потфрли, не само во Авганистан, туку и генерално. Без оглед на владата која ја поддржува Запад и која контролира сѐ помала територија, Авганистан спаѓа во земји со најголема корупција во светот. И, според сѐ судејќи, исламистичките талибанци наскоро ќе се вратат на власт, во најмала рака како дел од идната влада или пак со сила ќе се наметнат како единствени владетели. Речиси 20 години макотрпно „градење на нацијата“ – сето залудно!
Кина стана алтернативен модел
Авганистан не е единствен пример. Американскиот претседател Џорџ Буш помладиот, по американската интервенција во Ирак во 2003 година, не сакаше само да ја ослободи земјата од диктаторот Садам Хусеин и да му го одземе неговото (непостоечко) оружје за масовно уништување, туку и во земјата да донесе западни вредности. Никој денес не тврди дека таа намера барем и приближно вроди со плод.
Кина не сакаа да ја променат со воена интервенција, туку со трговија. Токму во Германија долго се веруваше дека зголемената размена на крајот ќе ја демократизира огромната земја и ќе ја направи соодветен партнер на светската политичка сцена.
Овде резултатот е уште поскромен. Не само што Кина се разви во обратна насока, станувајќи сѐ поавторитарна на внатрешен и сѐ поагресивна на надворешен план, туку многу земји почнаа да го имитираат тој модел како спротивност на западниот општествен модел.
Бајден не сака интервенција која би траела неколку генерации
Од сето тоа мора да се извлечат поуки. Во Авганистан во еден момент се поставуваше прашање мора ли НАТО да го обезбедува постигнатото на неодредено време. На крајот Американците дадоа одречен одговор и со тоа предизвикаа повлекување на трупите на сите свои сојузници.
Повеќе:
Германските војници заминаа од Авганистан - успех или капитулација?
Авганистан треба да биде лекција
Ирачката војна и лагата за нејзино оправдување
Не е само претходниот претседател Донад Трамп кој сакаше да ѝ стави крај на таа „вечна војна“. И неговиот наследник Џо Бајден неодамна во Конгресот рече дека интервенцијата не е замислена како „повеќегенерациски проект“ . Така двајцата многу различни американски претседатели прагматично ставија на знаење дека воената цел за сузбивање на тероризмот е постигната, но останатото веќе не ги интересира.
Поттикнување на добро владеење
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас сега полага надежи во финансиски поттици за во Авганистан и во иднина да се осигура саканата состојба. Помош за развој ќе биде пружена само ако таму има напредок во изградбата на мир, во зачувувањето на демократијата и владеење на правото, во сузбивање на корупцијата и почитување на човековите права. Такви услови можат да се постават, но не треба да се негуваат илузии. Зашто, со западните вредности проблеми има и релативно модерно ориентираната влада на претседателот Ашраф Гани.
Поврзувањето на развојната помош со добро владеење е метода која германската влада ја применува во меѓувреме низ цел свет. Тоа секако е многу подобро отколку давање пари на држави без поставување прашања. Но, би требало и Западот, најдоцна сега по Авганистан, да биде излечен од наивната замисла дека може со воени средства сопствениот систем да го извезе во целост и во други земји.