Австралија - прво горештини, потоа порој
4 февруари 2019На североистокот на Австралија над 20.000 луѓе се принудени на евакуација поради заканата од поплави. Поради наглиот пораст на водостојот на реките предизвикан од поројните монсунски дождови, на улиците се видени крокодили и змии. Прогнозите не се добри - имено, метеоролозите најавуваат уште дожд во наредните денови.
Градот Таунсвил во сојузната држава Квинсленд е речиси целосно под вода. Населението остана без струја, а многумина беа принудени од поплавите да се спасуваат на покривите од куќите. „Реката Рос ќе продолжи да расте сѐ до вечерва. Се очекуваат уште поголеми поплави во Таунсвил, многу улици ќе бидат под вода“, предупредуваат метеоролозите.
Ситуацијата стана особено драматична во саботата. „Ова се случува еднаш во 100 години“, рече премиерката на Квинсленд, Анастасија Палашчук. Во текот на денешниот ден се очекуваат уште пообилни дождови.
Стотици домови во Таунсвил се веќе евакуирани, но поплавите им се закануваат на уште 20.000 домаќинства. „Ако не морате, не излегувајте на улица“, предупредуваат дежурните служби.
Ситуацијата да биде уште полоша, граѓаните јавуваат дека на улиците се видени крокодили и змии. „Еден беше долг над 2 метра“, изјави една жителка на Таунсвил која фотографирала крокодил во својот двор.