Австриски пожарникар: Неизбришливи спомени од С.Македонија
18 август 2021Пожарникарот Хелмут Шукер од Блумау, со повеќедецениско искуство и командант на противпожарна бригада уште од 2011 година, за онлајн изданието на неделникот „Нидеростерајхише нахрихтен“ зборува за своите импресии од неколкудневното учество во битката против пожарите во С. Македонија, од каде се врати минатиот четврток, жив и здрав, но со неизбришливи спомени.
Шукер со своите колеги прво со хеликоптер стигнал во базата, за оттука да може да се ангажира каде е најпотребно. „Против огнената стихија моравме да помагаме во првите редови“, истакнува 47-годишникот. „Кога ќе слушневме долг звучен сигнал, гласеше инструкцијата, сите мораме да се вратиме во безбедна зона. Насекаде избиваа огнови, тоа беше гигантска пламена стихија. Во еден момент навистина одекна предупредувачкиот сигнал, но се реагираше навремено, па можевме навремено да се повлечеме, малку недостигаше да бидеме опколени од огнот. Да, беше опасно“, истакнува Шукер, кој подоцна ја погледнал локацијата од каде се извлекле – „Таму навистина сѐ беше пеплосано.“
Најлошо за него, вели тој, било што немал никаков контакт со своето семејство. Дури шест дена по пристигнувањето профункционирала интернет врска, а сопругите на пожарникарите тоа не го знаеле. Фејсбук постовите на Здружението на пожарникарите биле најважниот извор за информации за нив.
Задача на екипата на Шукер била да спречи префрлање на огнот врз Малешево, на оддалеченост од 15 километри од пожарникарскиот камп во Пехчево, каде беа сместени неговите колеги од Долна Австрија и Штаерска. „Насекаде околу нас избиваа пожари. Температурата е 40 степени, стоиш пред огнот, небото поцрнува, насекаде чад и се надеваш дека сѐ ќе заврши добро. Но, не се плашевме, го правевме она за што сме всушност и обучени“, истакнува Шукер.
-повеќе:
Малешевци за австриската опрема: Доживеавме културен шок!
Австриските доброволци земале одмор за да гасат пожари во Малешевијата
Австриски пожарникар повреден во пожарите во Беровско
Пожарникарот е посебно импресиониран од исклучителната благодарност на луѓето во Северна Македонија: „Кога поминувавме низ селата, ни подаруваа храна, ни ракоплескаа и со рацете формираа срца. Една баба клекна пред нас и ни се поклони: ‘Ви благодарам, ви благодарам', изговараше на англиски јазик. Други извикуваа: ‘Професионални пожарникари!' или ‘Ја сакаме Австрија!'. Децата сакаа да се фотографираат со нас. Жените секој ден ни ја переа облеката. Жителите на селото организираа прослава за пожарникарите за да ја искажат својата благодарност.“
Шукер вели дека пожарникарската мисија во С. Македонија за него била извонредно искуство: „На почеткот работата беше исклучително напорна, но за возврат многу ни донесе, беше трогателно“.
Шукер зборува и за пожарникарските стандарди во С. Македонија, целосно поинакви од оние на кои е тој навикнат во Австрија. Во разговорот со еден македонски колега – пожарникар, чие возило било старо и скудно опремено, дознал: „Тој беше одговорен за површина од 80 квадратни километри“, нешто непојмливо за Шукер.
Понекогаш човек со мали гестови може да придвижи нешто, да даде пример, истакнува австрискиот пожарникар: „Не сакавме да оставаме нечистотија зад нас, па го собиравме и ѓубрето кое не беше наше. Младите тамошни момчиња веднаш поитаа, ни ги зедоа пластичните вреќи од рацете и ги собраа сите рафрлани шишиња. Дело што има голем ефект, зашто стаклото може да предизвика пожар“.
„Нашата мисија беше добра од повеќе аспекти. Драгоцено беше и самото познанство со други екипи, тука мораш да се потпреш на другите, така се создава заедништво, тоа спојува“, заклучува австрискиот противпожарен командант Хелмут Шукер: „Вакво искуство можеби никогаш нема да се повтори“.