Штрахе си оди, владата останува?
18 мај 2019Хајнц-Кристијан Штрахе си заминува од вицеканцеларската позиција во владата на Сбастијан Курц и зборува за „целен политички атентат“. На прес-конференцијата во Виена своето однесување и изјавите на видео-снимката од Ибица, Штрахе ги оцени како резултат на „конзумирање алкохол“ и глумење „мачо“ пред атрактивната домаќинка. Потенцирајќи дека се однесувал како „тинејџер“, Штрахе рече: „Да, беше глупаво, беше неодговорно, беше погрешно.“
Повеќе: Скандалот околу вицеканцеларот Штрахе ја тресе австриската влада
Штрахе поради скандалот ќе се повлече и од лидерската позиција во Слободарската партија (ФПО), која е во коалиција со Австриската народна партија (ОВП) на канцеларот Себастијан Курц. На двете позиции ќе го наследи Норберт Хофер, поранешен кандидат на ФПО за претседател на Австрија, а сега министер за сообраќај.
Оставката на Штрахе доаѓа по објавувањето на тајно снимено видео, на кое Штрахе пред парламентарните избори 2017 година изразува подготвеност за доделување тендери на наводна внука на руски олигарх во замена за нејзина финансиска поддршка во кампањата. Видеото го објавија „Шпигел“ и „Зиддојче цајтунг“. На снимката е прикажана средба на Штрахе и неговиот сопартиец Јохан Гуденус со жена, наводна внука на руски олигарх, која вели дека сака да инвестира околу 250 милиони евра во Австрија и повеќепати повторува дека притоа може да се работи и за црни пари.
Гуденус, кој ја извршуваше функцијата шеф на пртаеничката група на Слободарската партија во парламентот во Виена, исто така поднесе оставка поради видеото.
Попладнево се очекува канцеларот Курц да соопшти дали ќе ја продолжи коалицијата со ФПО по заминувањето на Штрахе - со Норберт Хофер како вицеканцелар - или стреми кон нови избори. Австриската народна партија и Слободарската партија се во коалиција од декември 2017 година.