Ако земјината топка е плоча, и „Шарената револуција“ е секта
5 јуни 2016
„Мудро да се зборува е тешко, мудро да се молчи уште потешко“.Оваа германска поговорка веќе со недели ми лебди пред очи, на нејзината длабока смисла ме потсетија изјавите на повеќемина од водечките политичари во Македонија.
Шефот на државата не се истакнува многу со ораторски способности. Тоа е необично со оглед на фактот дека пред тоа беше универзитетски професор и нормално е да се очекува своите мисли да умее да ги преточи во добро формулирани, јасни, или пак, по потреба, повеќеслојни реченици. Во што е всушност проблемот? Во искажаните реченици или во идејата што се крие во нив, она што се сакало да се каже со нив? Додека мудро си молчеше уживајќи во зеленилото и мирот на претседателската резиденција на Водно, ако може да им се верува на анкетите, беше најпопуларен од политичарите. Сега е најпопуларен кај твитерџиите.
Верува ли Груевски во сопствените зборови?
Поранешниот (де факто и натаму) премиер како да сака да му го одземе приматот на претседателот на државата во поглед на јавно дадени изјави за кои е веројатно дека би било подобро да биле премолчени, оти тие изјави во крајна линија повеќе кажуваат за него, отколку за оние на кои се однесуваат. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ (и де факто премиер), на пример, јавно зборува за „Шарената револуција“ како за секта. Во отсуство на аргументи, за да биде поуверлив, Никола Груевски го дополнува тоа и со сликовити описи од наводните сеанси на сектата. Јасно е кому се наменети тие зборови. Партискиот лидер им се обраќа на своите приврзаници, иако мора да бил свесен дека јавноста ќе се забавува со такви тврдења. Но, ако „неговите“ толку му се приврзани нему и на партијата, како што постојано тој и партијата тврдат, зошто му се потребни такви небулози за да ги увери своите какви се оние кои упорно секојдневно по улиците во градовите на државата протестираат против системот што тој го воспостави и сите тумори што никнат од тој систем? Ова, пак, консеквентно го наметнува и наредното прашање: ги смета ли тој (и оние кои ги смислуваат таквите спинови) за толку интелектуално ограничени своите приврзаници, што би поверувале и во такви небулози?
Можеби и не е толку далеку од вистината дека самите забарикадирани во својот ум веруваат во ефектот на такви аргументи. Ако некој во денешно време може да поверува дека планетата земја сепак е плоча (како што со сиот ум на телевизија пласира еден од медиумските столбови на власта), а не топка, можеби ќе поверува и во приказните за сектата?! Третманот на приврзаниците го отсликува и нарачаниот „уметнички“ декор за седиштето на партијата: толпа воодушевена од Големиот лидер. Мора да се почитува определбата за една политичка опција, но сепак не ми изгледа за нормално да се смета оти сите кои се за таа опција се маса, крајно некритичка во однос на се` што ќе биде пласирано од лидерот. Дотолку повеќе, кога врз него е јавно фрлена сенка за можен тежок криминал од големи размери. Колку и да се навистина големи делови од општеството корумпирани од власта, токму поради притисокот да возвратат со безусловна верност и послушност за тоа што го добиле (дури и со апсурдни работи како принудно излегување на протести) и сервирањето „аргументи“ од овој вид за политичките противници, ваквиот третман сепак мора да роди некаков црв на сомневање во нив. Останува, значи, само стравот да не се загуби (неправедно?) добиената привилегија. Приврзаноста кон партијата и лидерот така има се` помалку врска со определбата за политичката опција.
Какви луѓе ја водат државата?
И „откритието на неделата“ снимката за наводната сеанса на лидерот со гатачка, на некој начин зборува за третманот на приврзаниците и на остатокот од општеството, сите заедно сфатени како како поданици. Најбитна е личната судбина. Какви луѓе ја водат државата?! Настрана сите можни импликации од содржината на тајно направената снимка, и тука првенствено ми се наметнува реторското прашање: што беше тоа одговорност кон државата и општеството на вршителите на (нај)високи функции во јавниот живот?!
Апропо „уметничките“ слики што треба да ги красат просториите на партиското седиште на ВМРО ДПМНЕ: има ли нешто што не ѝ е познато на јавноста за толку важната улога на членови на најтесното семејство (во буквална, а не во преносна смисла!) на лидерот за историјата на партијата, за и тие да се најдат на сликите, дури и како централни фигури? Што бара на нив, на пример, сопругата? Сте ги виделе ли така претставени, поточно сте ги виделе ли воопшто сопругите на Сталин, Мао или Ким Ил Сунг,слично „уметнички“ овековечувани Големи лидери (каков што изгледа се замислува македонскиот)? Само Николае Чаушеску беше секогаш присутен во тандем со сопругата. Ако навистина „Historia est magistra vitae“ (историјата е учителка на животот), со оглед на нивниот крај, тие не се баш најпрепорачливиот пример!
Зошто се истрчува Заев?
Во контекстот на пораката за умешноста на зборувањето, но уште повеќе на молчењето, силно се наметнува и првиот човек на опозицијата Зоран Заев. Што му е мотивот јавно да лицитира со можен термин за избори во октомври? Што му е гаранција дека дотогаш ќе бидат создадени услови за целосно демократски фер избори? Како потоа би образложувал барање за ново одлагање, оти според досегашното однесување на надлежните и со досегашното темпо на неопходните длабоки промени тешко е да се верува дека во октомври се` ќе биде „мед и млеко“? Како е можен избирачки список во кој ќе може да се верува без попис на населението? Во државата ионака никој не располага со податоци колку луѓе навистина во моментот живеат во неа, колку се отселиле во последните години и каде би гласале привремено или трајно преселените (и дали воопшто тие кои живеат во странство треба со своите гласови да решаваат за судбината на државата, првенствено за судбината на граѓаните што останале во неа?!). Зошто толку му се брза на Заев? Сака побргу да стане премиер? Колку што се сеќавам, во првиот период по обелоденувањето на „бомбите“ тој уверуваше дека му е битна демократизација на државата, а не самиот да стане премиер? Сега веќе второто не го слушаме. И, зошто е толку сигурен во победата?
Автентичната „Шарена револуција“ е за нов систем на вредности
Незадоволството на граѓаните очигледно доаѓа до израз секој ден на улиците во различни градови. Но, тоа не значи автоматски и поддршка за најголемата опозициона партија. Квалитетот на „Шарената револуција“ е во нејзината автентичност, а проблемот во политичкото артикулирање на нејзините заложби. Демонстрантите тежиштето го ставаат врз гонењето за кривичните дела независно од тоа коj ги направил, а пoсебно ако како сторители можеби се во прашање највисоки носители на власта. Но, целосно „прочитани“, тие се против сите искривоколчувања во вршењето на власта, против комплетниот систем, таков каков што е инсталиран во Македонија – што не ги исклучува ни опозициските партии. Освестените граѓани се за комплетно нов почеток во Македонија, за поинаков систем на вредности во општеството. А тоа не можат да им го гарантираат партии чии лидери зад сцена се „пазарат“ за судбината на граѓаните и државата, како да е таа во нивна сопственост, партии и лидери кои водењето на државата го сфаќаат како предуслов за лични и групни привилегии, а не како огромна одговорност – и тоа во однос сите, а не само спрема своите; конечно, партии и лидери кои ја доведоа државата онаму, каде е сега таа – на самото дно на Европа, а веројатно ни светското не е далеку подолу.