ДВ на Гинеколошката клиника: „Се грижиме за два живота“
5 мај 2021„Не се сеќавам дека акушерството било некогаш пред еден ваков предизвик“, вели Валентина Здравева, акушерката на првата бремена пациентка со Ковид-19 во Северна Македонија.
Од почетокот на пандемијата на коронавирусот во март минатата година, Здравева и нејзините колеги и колешки во Ковид-центарот на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје примиле на лекување или породување над 450 трудници и на свет донесле 340 новороденчиња. ГАК е единствениот центар во С. Македонија каде што се лекуваат и породуваат трудниците кои се позитивни или суспектни на коронавирусот. Капацитетот во ковид-центарот на ГАК е 16 легла, но оттаму велат дека бил подготвен и адаптиран дополнителен оддел на Клиниката каде можеле да се примаат и дополнителни пациентки позитивни на Ковид-19, доколку се јави потреба.
Негата за пациентите и породувањето се спроведуваат под посебни протоколи и правила, а сите медицински лица во центарот се постојано во скафандери и заштитна опрема.
„Беше апсолутно нешто ново и стресно, како за нас. така и за пациентката“, се присетува Здравева на првата родилка со Ковид-19 која била згрижена на Клиниката.
„Сите бевме фокусирани на правилата и протоколите на работа, кои впрочем се поставуваа и веднаш се применуваа. Се сеќавам дека постојано ѝ велев: 'Не се плашете од мојата заштитна опрема'.“
Здравствените системи, здравствените работници и сите останати се соочени со огромни предизвици за време на пандемијата на Ковид-19. Медицинските сестри и акушерките се во првата борбена линија против коронавирусот, честопати ризикувајќи го сопственото здравје за да спасат животи. И годинешниот Светски ден на акушерките (5 мај) и медицинските сестри (12 мај) минува во знакот на короната, иако со намален притисок врз болниците.
Нова реалност
Притоа породувањето во овие услови ги става под уште поголем стрес и родилките и медицинските работници.
„Ковидот наметна една нова состојба на паника и страв, така што породувањето од физиолошка состојба премина во болест. Ова нова реалност од нас бара неуморна посветеност, вештини и знаење“, раскажува Здравева.
„Предизвици има многу, започнувајќи од тоа како пациентките да го прифатат ковидот, ако се асимптоматски до стабилизација на температурата и дишењето кај лесната или средно тешка клиничка слика.“
„Пациентките имаат невидени и незамисливи тешкотии во дишењето, силни панични напади, интензивна кашлица, температура која тешко се симнува, лоши лабораторски анализи. Понекогаш и загрижувачки за животот“, вели Здравева.
И покрај опасностите кои со себе ги носи вирусот, досега на ГАК не е забележана вертикална трансмисија од мајка на бебе. Сите 340 новороденчиња се родиле здрави. А мајките, вели Здравева, честопати не знаат како да реагираат по породувањето.
„Откако ќе заврши породувањето мајките се збунети, љубопитни, често со нелогични и повторувачки прашања, од тоа, до кога ќе бидам во изолација, дали да го дојам бебето, дали да го бакнам...“.
Во изминатите 15 месеци, повеќе медицински работници во ГАК и самите мораа да се борат со коронавирусот, но од Клиниката велат дека во секој момент успевале да обезбедат доволно помошно технички и средно медицински кадар, како и гинеколошка, анестезиолошка и педијатриска екипа која им ја пружала потребната помош на пациентките.