1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Акциски план против лажни вести или лов на вештерки?!

26 јули 2019

Ако власта сака подобар систем, треба да се откаже од досегашниот антисистем. Таа треба да се откаже од деформации и узурпации, од медиумите кои служат за хајки или славопојки. Колумна на Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/3Mkx2
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Кратка премиса. Кој и да се нафатил во последниот век со прашањето околу информациите и „вистината“, морал да се соочи со реалноста, со која се соочила и научната и филозофската мисла, дека самиот поим и концепт „вистина“ е една огромна измама. Остануваат мислењата (сите субјективни) и фактите (имајќи предвид дека и тие се модифицираат според погледот на набљудувачот). Точка.

Идејата на владата соопштена лично од премиерот Заев и составена преку документот „Акциски план за борба против дезинформациите и против напади на демократијата“, отвора едно трнливо прашање кое излегува од доменот на лажните вести, регулацијата на информациите и вестите, и опасно навлегува во полето на „вистината“, „вистинитоста“, „автентичноста“, „лажноста“, и тоа како некој „од горе“ би се обидел нив да ги утврди.

Во документот кој е многу непрецизен, што само по себе е опасно во споменатата материја, тоа што делува легитимно се владините безбедносни мерки и сѐ она што ја тангира државата, нејзината безбедност, функционалност и самозаштита од напади и дезинформации.

Но, делот со „проактивни мерки“ каде и е споменат поимот „напади врз демократијата“ и каде власта планира да формира Акциско тело кое би следело и анализирало, составено само од владини институции и безбедносно-разузнавачки структури, без никаква надворешна или независна контрола, делува застрашувачки произволно, да не речам орвеловски, во најавениот обид да интрепретира што навистина е, или може да се окарактеризира како „напад врз демократијата“.

„Вистините“ на моќта

Фактите се абецедата на слободното и професионално новинарство, но новинарството се состои од многу повеќе од просто наведување факти. Дали критиката која не ѝ се допаѓа на власта би можела да биде сфатена утре како напад врз демократијата?! Дали фактите и мислењата ќе бидат ставени на ист кантар?! Дали фактите кои трпат и дозволуваат различни интерпретации, затоа што не се е црно-бело, ќе бидат мотив за нешто да се прогласи како невистинито, лажно, или антидржавничко поведение?!

Се поставува и друго прашање, кое произлегува од игнорирање на самиот системски проблем околу слободното информирање во Македонија. Првата задача на информирањето е да се преиспитаат „вистините“ на моќта. Моќта, била владина или не, е првиот и главен извор на информациски дисторзии, мотивирани од тесните интереси на поединци и групи, кои во спрега со бизнисот, партиите, власта и медиумите, а најново и социјалните мрежи, создаваат еден магичен круг на дезинформации, селективни информации, лажни вести, лажни ветувања, лажна слика за реалноста.

Потоа, тука е и проблемот на селективноста во интрепретацијата на едни исти информации и факти, зависно од кого се кажани. Една иста работа, кажана од различен медиум, поединец, портал, кои имаат различна афилијација, различно се интерпретира, и е осудена на јавен линч или на одобрување. Голем дел од креирањето на јавното мислење лежи и во тоа што нема да се каже, или како што реков, во самата интерпретација. И конечно, ако политичкиот и владин естаблишмент си одреди морален и технички, регулациски монопол над „вистината“ и „фактите“, тогаш кој ќе има право да се спротивстави без да стане мета на дополнителни стигми или хајки, од оние кои ја бранат „државната“ позиција?!

Разбирлива е загриженоста на власта. Конечно, излегоа посрамотени, како и целата држава од разговорите со лажните државници. Потоа, ги здоболеа новинарските приказни, кои, како што излезе, во голем дел од аспекти и факти се точни, а во некои аспекти допрва ќе се утврди нивната вистинитост.

Сепак, тоа што сакам тука да го нотирам, е дека во ерата на поствистината, идејата дека едно владино тело може да ја регулира „вистинитоста“ е крајно проблематична и загрижувачка, и наместо да се претвори во прецизен инструмент кој би ги дешифрирал злоупотребите, поверојатно е дека ќе се претвори во сатар/цензор кој грубо ќе сече секаде кај што ќе удри.

Поствистина и лага

Причините за постоењето на лажни вести, за јачината која лажните информации денес ја имаат, е многу комплексна и треба да се бара, освен во системската поставеност на партиите и моќниците, во самите когнитивни перцепции на реалноста кои денес дејствуваат.

Што ја разликува поствистината од лажноста?! Манипулацијата со јавното мислење е стара приказна. Демагогијата е стар непријател на демократијата и можеме ли со сигурност да кажеме дека таа е отклонета кај нашите партии, кај нашата власт, и дека политичката пропаганда постои само во општеството, а не кај конкретните политички актери кои декларираат војна на невистините?!

Проблемот денес се состои во тоа што никнува една вистинита варијанта на лажното, и тој инструмент сите го злоупотребуваат. Проблемот е што денес превладува убедувањето дека и лажноста носи во себе одредена вистинитост. Лагата добива такви димензии и пропорции што го прави тешко нејзиното отфрлање, дури и кога се коси со сите можни факти и податоци. Ако вистинитото понекогаш не делува веројатно, тогаш е подеднакво возможно невистинитото да има аспекти на веројатност. Од оваа замка се излегува само доколку работите ги поставиме во нивниот точен контекст, но тоа пак е проблематично, затоа што најголем дел од „фактите“, се произволни и популистички политички пораки кои ретко се држат до реалноста на состојбите, нешто што повторно е тешко еднострано да се востанови.

Но, од самиот факт дека луѓето, општеството, па и самите партии, предолго живеат на „факти“, „вистини“ и „реалности“, кои потоа испаѓаат како невистини, како нереализми, како состојби кои не важат за сите, се јавува тој комплициран процес на отфрлање на официјалните, владините или политичките вистини. Поствистината е реакција, контравистина која делува според длабоки и оформени убедувања, насочена против разочараните вистини, и тука драги властодршци, не помагаат ни фактите, ни најдлабоките научни вистини.

Секој со својата вистина

Потоа, со истата недоверба се зафатени и медиумите, кредибилноста на новинарската „вистина“, која баш затоа што претендира да биде „tout court“ вистина, не е сфатена како таква. Односно, луѓето знаејќи колку одредени медиуми работат во врска со политиката и партиите или власта, сѐ она што им е пренесено најчесто го гледаат како медиумска измислица. Кога се осамостојувавме, мислевме дека нашата медиумска икебана, таа бројност и разноликост, ќе произведат поголема доверба на јавноста во однос на медиумите, но се случи сосема спротивното. Во когнитивна смисла, каде требаше да постои редоследот - прво факти, па потоа интерпретации, ете тој механизам крајно се злоупотреби, и тоа од никој друг, туку од политичките актери, и денес за новинарите е тешко да оперираат во амбиент на лимитирани информации, со манипулирани и произволни факти, или воопшто да доведат ред во перверзијата која ја создаде пред сѐ политиката. Мислењето дека работите ќе се решат со повеќе политика, ама демек онаа здравата, е опасна заблуда.

Потоа, тука е и реакцијата на политички коректното. Секоја политичка опција создава свој политички наратив за реалноста и селективно бира кои аспекти ќе ги внесе, а кои ќе ги занемари во својата нарација. Оттука со години се врши една тивка цензура врз оние аспекти од реалноста (да не речам криминали и грешки) кои на одредена политичка опција не ѝ одговараат, и следствено на тоа, ги презентира и пласира преку медиумите само оние факти кои посакува да излезат на виделина. Ако тоа го помножиме со перверзниот и деструктивен ефект дека тоа го прават повеќе политички чинители, ете како во ерата на пост-вистината, се јавува една нова дијалектика, каде реакцијата пред официјалните факти, пред официјалниот морализам, се претвора во индигнација и ја зајакнува волјата за незнаење или неприфаќање. Системот и антисистемот го прават системот. Оттука, потоа се раѓа замката во која се наоѓаме. Медиумската камуфлажа, полицијата на социјалните мрежи која утврдува што смее да се каже, а што не, селективните информации, па и самите лажни вести, се производ на таа фрактура во информирањето и носењето на демократските одлуки, кои, пак ќе повторам, ги создаде никој друг, туку самите партии, или власта која има интерес некои работи да се случат, а други не. Затоа сме во стапицата каде сѐ зависи од односите на силите, приказна против приказна, наратив против наратив, каде секој тендира кон хегемонија. Секој со својата вистина.

Власта преправајќи се дека не ја разбира генезата на стекнатите деформации во медиумскиот и јавниот простор, игнорирајќи ја комплексната реалност која стои зад отфрлањето на официјалните вистини, со обидот да воведе еднострана контрола и регулација, само ќе го зајакне полето на отпор и опозиција кон тоа што сака да го наметне, каже или искомуницира со јавноста.

Други колумни од авторот:

Демек комедијанти, за демек сериозни„Рекет“ е шанса да завладее правда и Заев да освои нов мандат

Вистина повистинита од официјалната вистина

Овде сите се преправаат дека не разбираат, дека како што политиката го прегрна популизмот, како што политиката и нејзините интереси ја предизвикаа демократската рецесија, дека тоа на културно поле се има пренесено во јавниот простор и ја има инфицирано и јавноста, општеството, кои потоа низ слободата и неодговорноста или анонимноста која им ја обезбедуваат мрежите, своите слободарски пулсации и потреби ги претворија во тоа што веќе постои на политички план. Како и самите партии, луѓето се поларизираа, а потоа и се предадоа на популизмот.

Реакциите на социјалните мрежи, лесното ширење на лажните вести, кои својата генеза ја имаат токму во политиката, особено ако имате деструктивни елементи, потоа лесно се прифаќаат, некогаш стануваат и неизбежни, затоа што нивното дистрибуирање, желбата во нив да се верува, се производ на културата на отпор, имаат опозициска валентност наспротив официјалните факти и вистини. Дигиталните инструменти го ослободија во корист на масите изразот на недоверба кон властите преку една крајно, насилна, сомнителна, полна омраза и навреди субјективност. Најстрашното е што овие пулсации воопшто не се индиферентни кон вистинитоста, туку претендираат една вистина која е повистинита од официјалната вистина, која пак веќе е отфрлена. Сите се „лопови“, сите се исти, сите нѐ доведоа до ова дереџе, ви звучи познато?!

Но, тоа не се сузбива само со факти. Проверката на факти може да ја провери вистинитоста на одредено тврдење, фантастичкиот карактер на одредени други тврдења, медиумските судови на јавноста можат да утврдат дали одреден политички кандидат или партија лажеле во своите програми и предизборни ветувања. Но, сѐ тоа не вреди пет пари. Доказите околу фактите не вредат ништо пред силата на убедувањата. Вмровецот не му верува на комуњарот, и сдсмовецот не им верува на вмроните што и да кажале, па и најголемата вистина.

Затоа оваа проста и лесна дихотомија на вистина-невистина, факти-лаги, наместо да не доближи до решение, ќе нѐ одалечи и дополнително ќе нѐ поларизира и подели. Треба да се работи на самата срж како функционираат политичките партии, како се презентираат пред јавноста, какви интереси имаат, какви пропагандистички машини водат, какви презентации на реалноста прават во своите изборни кампањи. Треба да си признаеме од каде доаѓаат грешките ако веќе претендираме да ги контролираме. Не е доволно да се занимаваме со практичните импликации, мораме да се соочиме и со симболичните аспекти во тоа што ја формира и ја креира доживеаната општествено-политичка реалност.

Вистини кои произведуваат лаги

Ако власта успеала да истурка бројни комплицирани прашања кои тангираат национални и идентитетски сентименти, и тоа го направила со дубиозни политички договори и коалиции, со видливи прекршувања на процедури и закони, воспоставени пракси, а тоа го направила за доброто на државата, тоа не ѝ дава право да ги негира прекршувањата, или да нема сензибилитет за горките апчиња кои јавноста ги проголтала. Не може да негира дека и со своите добри постапки, некаде разбудила отпор и опозиција на воспоставеното убедување и да мисли дека ќе ги расчисти само со факти и рационализми.

Или ако криминалот и корупцијата и понатаму цутат, клиентелизмот и непотизмот се широко распространети, како мисли власта дека јавноста ќе реагира само на минатото, а да не го зема во предвид, најчесто и злоупотребувајќи го, широкото убедување дека и понатаму не се работи совесно. Тоа се перцепции, па ако сакате и вистини кои потоа произведуваат огромни лаги, но кои се длабоко вкоренети во јавното мислење.

Вистинитоста на лагата, лажните вести, заговорите и злите јазици се раѓаат токму од политичката хипокризија, на политичарот кој пречесто и свесно лаже за своите намери или реалните состојби на нештата. И нема факт или рационален говор кој ќе го потисне крикот на општото несогласување кое бара да биде препознаено.

Не сака да се разбере дека општествениот дискурс држен на факти, а ослободен од својата симболична димензија, не е способен да се обрати на огромен дел од јавноста, и затоа потоа на луѓето им делува како лажен или нереален. Луѓето не го препознаваат својот живот во тоа што го зборувате, се гледаат себе си само како оштетена страна, и фатени во таа стапица, одбираат да ви возвратат со иста мера. ВМРО-ДПМНЕ пак за жал, премногу силно се држи до таа симболична димензија, за сметка на фактите, и успешно тоа го злоупотребува за да манипулира.

Иден лов на вештерки?

На крај на оваа приказна, полна вистини и фикции, мои субјективности и некои лесно погодени општости или тешко доловливи конкретности, ако сакаме да излеземе од овој маѓепсан круг секој ќе треба да тргне од себе, со добра доза на самокритика.

Власта треба прва да се откаже од досегашниот антисистем ако сака подобар систем. Таа да се откаже од деформации и узурпации, од поликлиничките случаи, од медиумите кои служат за хајки или славопојки. Како можеше цела влада и сите нејзини претставници да бидат слепи пред работењето на една сомнително финансирана телевизија, на сомнителни сопственици со блокирани сметки, која притоа е провладино настроена или барем молчи на темите кои не ѝ одговараат на власта, додека во меѓувреме служи за рекет?! Има многу теми каде оваа иста хипокризија суверено владее.

Сакате промени, работете совесно и работете на свеста на јавноста. Не ја опструирајте критиката, не прогласувајте дека некој ви мрчи или шири хистерија, туку поддржето го и помогнете го будењето на нашата заедничка интелектуална реформа. Вашата рационалност и фактичност нема ништо разумно, напротив, вака лошо срочена, вака невнимателно поставена, наликува на иден лов на вештерки. Реалноста е многу покомплицирана од тоа како ја претставувате, и затоа не ни можете да претендирате да ја контролирате.