Ал Сиси ќе се кандидира за претседател на Египет
6 февруари 2014„Немав друг избор, отколку да одговорам на желбата на египетскиот народ“, ја образложи својата одлука за претстојните претседателски избори во Египет врховниот командант на египетските сили за безбедност, заменикот премиер и министер за одбрана Абдел Фатах ал Сиси во кувајтскиот дневен весник „Ал Сејасах“. „Ќе му се обратам на народот, за со слободно гласање да ја обновам неговата доверба (која ја полага во мене)“, изјави Ал Сиси.
Набљудувачите веќе со недели ја очекуваа ваквата најава. Во Египет најдоцна до средината на април треба да се одржат претседателски избори. Точен термин сѐ уште не е утврден. Се смета за веројатно дека Ал Сиси ќе однесе јасна победа на изборите. По соборувањето на исламистичкиот претседател Мохамед Мурси од власт, летото 2013 година, Ал Сиси е првиот човек во Египет.
Во изминатите месеци во Египет се создаде вистински култ кон личноста на 59-годишниот Ал Сиси. Неговиот портрет не само што виси на плакатите на улиците и на прозорците на автомобилите, туку се наоѓа дури и во кујните на пекарниците. Многумина Египќани се надеваат дека војската ќе придонесе за надминување на политичките конфликти и насилството кои во земјата владеат по падот на Мубарак.
Со оглед на популарноста на Ал Сиси многумина докажани египетски политичари веќе најавија дека нема да излезат на избори доколку се кандидира шефот на војската. Во ваков тон се произнесоа поранешниот генерален секретар на Арапската лига Амр Муса и левичарскиот политичар Хемдеен Сабахи, кој во 2012 година безуспешно се канидидраше против Мурси.