Албанија: во потрага по живот под урнатините
По разорниот земјотрес кој неделава ја погоди Албанија, стотици спасувачи, пожарникари и волонтери трагаат по преживеани под урнатините. Помош пристигна и од соседите во регионот.
Последици од разорниот земјотрес
Силниот земјотрес кој ја погоди Албанија имаше силина од 6,4 степени според Рихтеровата скала и е еден од најсилните во последните децении. Следуваа стотици помали потреси. Меѓу најтешко погодените е приморскиот град Драч од каде е и оваа фотографија.
Трка со времето
Досега е потврдена смртта на 46 луѓе, а над 2.000 се повредени во земјотресот. Спасувачките екипи работат непрекинато веќе два дена во потрага по преживеани, но надежите се се помали. Се води битка со времето во надеждека можеби уште некој човек ја преживеал катастрофата.
Во урнатините
Стотици спасувачи, пожарникари, експерти и волонтери дојдоа од Албанија и земјите од регионот во обид да помогнат. Многумина ги ризикуваат и сопствените животи вовлекувајќи се во урнатините во надеж дека ќе пронајдат траги на живот под купиштата бетон.
Драгоцени кучиња-трагачи
Екипи од Швајцарија, Турција, Хрватска и други земји испратија свои тимови и кучиња-трагачи. Кучињата внимателно ги пребаруваат урнатините и им даваат знаци на нивните водичи доколку откријат траги на живот.
Спиење под шатори
Околу три илјади жители на Драч ноќите ги минуваат на отворено- на градскиот стадио. Многу луѓе останаа без своите домови, а дел се плашат да се вратат во своите оштетени куќи и станови. Велат дека долго ќе ја паметат несреќата која им се случи.
Земјата не мирува
Преку 300 земјотреси ја погодија Албанија во последните два дена. Граѓаните се вознемирени и многу од нив и денот и ноќта ја минуваат под отворено небо и подалеку од околните згради.
Огромна штета
Бројни згради во Драч се целосно урнати, а бројни објекти претрпеа значителни оштетувања и во нив нема услови за живот. Штетата допрва ќе се утврдува, а владата веќе најави дека ќе им изгради нови домови на сите настрадани до следната, 2020 година.