Александар Кондев го овековечи граѓанскиот отпор
10 април 2018Деновиве ги завршува последните подготовки за мултимедијалната изложба и хепенинг, со кои на 12-ти април ќе се одбележи почетокот на „Шарената револуција“, но и сите протести кои и претходеа. Александар Кондев (1950) фотограф, уметник и некогашен предавач по фотографија на Факултетот за ликовни уметности, од 2011 до 2017 година беше хроничар на будењето на граѓанскиот отпор. Низ неговиот фотоапарат е документирана повеќе од една драматична петолетка одбележана со бројни протести - за Мартин Нешкоски, за Тамара, студентски и средношколски, протести на хонорарците, на новинарите, протести против барокното потсмевање со Скопје, за на крајот сите тие да се слеат и кулминираат во „Шарената револуција“. Изложбата ќе биде поставена во Паркот на жената борец, во близина на облечениот Прометеј, каде на повеќе платна со фотографии ќе бидат прикажани вистинските Прометеи кои го понесоа пламенот на промените и слободата.
Ако една фотографија заменува 1.000 зборови, вие успеавте да врамите милиони и милиони зборови, и да ги зачувате како трага за луѓето и времето во кое протестите станаа начин на живот. Кој беше првиот настан што ве испровоцира и лично, и професионално?
Сите оние балкански премрежија од распадот на СФРЈ, заклучно со онаа фингирана војна од 2001 година, македонските граѓани ги издржаа стоички. Појавата на Груевски со неговата програма беше нешто ново, дури и поздравено на почетокот. Но неговата тоталитарна свест, патолошката омраза кон се претходно, потребата од цврста рака, узурпацијата во сите домени во општеството, кулминира и со насилната промена на идентитетот. Нивните пароли, нивната идеологија и делување, арогантноста и неукоста која ја покажаа, зaврши со видлив грабеж на државата и со бегство на неколку стотини илјади млади луѓе во странство. Целта да се покаже сила, стравот како главен аргумент и насилство врз неистомислениците - беа инструментите на тој режим. Средната класа економски ја уништија комплетно, меѓуетничките односи се држеа во контролиран конфликт, потенцијалните центри на отпор како Универзитетот и школството беа систематски угушувани со новите закони кои се донесуваа. И тоа кулминираше во 2011 година, кога на прославата на изборната победа обезбедувањето на Груевски го уби младиот Мартин Нешкоски и се трудеше да го сокрие ова убиство од јавноста. Тоа ја прелеа чашата. Младите станаа да бараат одговорност, но средната класа молчеше и опортунистички се однесуваше. Јас сум пензионер. Највредно во нашите семејства се децата. Тие заедно со своите колеги излегоа на улица. Јас отидов со нив, пред се заради нив, моето искуство да им биде од корист доколку има провокатори или некои други инциденти. А каде сум јас, таму е и мојата камера. И така започна се...
Како вашето „око“ ја виде Шарената револуција? Кои се протагонистите што и го дадоа клучниот наратив - како профил, како возрасна структура, како двигатели на идеја, како експресија уловена од вашиот објектив?
Да се вратиме на почетокот. Првите неколку влади го потрошија интелектуалниот капацитет на Македонија. Во таа битка за опстанок брзо гореа генерации и генерации. На крајот дојде, млади луѓе излезени од студентска клупа да стануваат министри и премиери. Со доаѓањето на Груевски на власт тоа се повтори, но добар дел од средната класа полека изгуби надеж дека во Македонија постои демократски капацитет за политички натпревар и нови идеи. Затоа младите не беа поддржани на почетокот. Но, како започнуваа протестите да се шират, а Владата на Груевски се повеќе беше збунета, тој отпор полека се ширеше и добиваше се поголема програмска рамка. Се разбуди граѓанскиот отпор, а кулминацијата беше со #протестирам #protestoj, кога излегоа сите грѓани на улица, без разлика на етничка и каква било друга припадност... Тука 'Шарената' стана финале со својот шарм и младешка сила, и им даде чист простор на политичките партии програмски, преку избори да се симне оваа власт. Ненасилноста, политичката и етничката поливалентност, упорноста и храброста ќе ја внесе 'Шарената' во сите историски учебници кај нас, и ќе биде прототип на граѓански отпор во држави со слични проблеми.
ДВ: Дел од тие фотографии задутре на големи платна ќе се најдат на местата на кои некогаш беа главните коти на протестите, меѓудругото и на заштитните огради зад кои некогаш стоеја огромни кордони на полицијата... Кои други објекти ќе бидат опфатени со утрешниот перформанс?
Факт е дека полека се заборава 'Шарената револуција', а политичарите некако дискретно си ги присвојуваат големите демократски придобивки што произлегоа од неа. Изложба на оваа тема многу лесно може да се профилира како академска 'изложба' во некоја галерија. Меѓутоа, во разговорите во мојата средина полека се искристализира идејата тоа да биде еден 'хепенинг' на моите фотографии и на учесниците, и тоа на местото каде се одвиваше - пред Собранието. Во Паркот на жената борец е инсталирана една еклектична композиција на скулптури: фонтана на Прометеј облечениот, со нафрлани споменици како оној на АСНОМ или основачите на ВМРО. Е тука ќе ја инсталираме изложбата, како контрапункт на лажниот симболизам на 'Скопје 2014', па ќе имаме и вистински факели, и вистински борци, и ќе докажеме дека не забораваме кој и за што се борел. Ќе има и големо платно каде учесниците ќе се потпишат и со тоа ќе направиме колективна авторизација на настаните. Потоа целата изложба ќе биде подарена на Градскиот музеј, како траен факт за едно време и едни луѓе.
Претпоставувам дека не бевте во првите редови погодни за производство на дневно-информативна фотографија. Колку длабоко бевте стациониран внатре меѓу луѓето, во тој заднински дел од колоните, во кои е потешко да се фотографира, но се откриваат чудесни повеќеслојни приказни?
Јас бев внатре меѓу луѓето, додека моите колеги репортери беа напред, на фронтот, и тие добро си ја завршија работата. Зошто внатре? Едноставно, за да го прикажам милјето на настанот, да се види дека тоа се луѓе од секојдневието, луѓе на кои им дошло се преку нос, па конечно собраа храброст да и речат НЕ на диктатурата. Работев дискретно и анонимно, така што еден дел од луѓето кои ме гледаа секој ден со скапата техника во рацете мислеа дека работам за органите на безбедноста, ми бараа акредитиви, ме запираа, провоцираа...Но и тоа е дел од ова работење. Моите фотографии секојдневно беа пласирани на Интернет, а добра фотографија брзо се шири. Сега дојде време тоа да се резимира. Најдов поддршка кај луѓето од градското Собрание, Министерството за култура, Музејот на град Скопје... Но ова тешко ќе го реализирав до крај, ако зад мене не застанаа од „Цивил“, кои со нивната организациска шема ми помогнаа да го изведам замисленото.
Која ваша фотографија ја сметате за заокружен израз, еден вид заеднички именител на сето она за кое копнееше и се стремеше македонското општество жедно за промени?
Тешко е да се одлучам, но можеби тоа се фотографиите со илјадници луѓе пред Собранието или Владата, како и факелите во ноќта пред Собранието.
Вашите фотографии имаат и уметнички и документаристички карактер. По изложбата што ќе следи и во Музејот на Град Скопје, ќе ги подарите на оваа институција. Што ви е поважно - да оставите сведоштво за едно време или и порака до идните генерации?
Професионално е да оставиме чесна и неизманипулирана фотографија како документ за идните генерации. Уметничкото често отстапува пред силината на документот. Уметноста сама по себе нема смисла ако тоа не е кажување на едно повисоко ниво од документот. Ако правам книга ќе ја правам селекцијата со тој филтер.....