Портрет: Алексис Ципрас
26 јануари 2015Создавање и одбрана на мнозинства - ова мото му дава политички белег на политичкото дејствување на Алексис Ципрас. Целата негова биографија дава доказ за ова. Токму во 1989 - годината на историскиот пресврт, Ципрас, тогашен портпарол на учениците, оцени дека е момент да пристапи кон подмладокот на Комунистичката партија на Грција. Таа консеквентно застапува ортодоксно-комунистички ставови и до денес во партискиот грб има срп и чекан. Со први заслуги Ципрас се здоби како коорганизатор на запоседнувањето на училиштата во Атина, што елоквентно го бранеше во едно телевизиско интервју. Неколку години подоцна тој веќе е во партијата во подем „Коалицијата на левицата и прогресот“, претходничка на денешната левичарска опозиција Сириза.
Неговиот голем момент дојде на грчките комунални избори во 2006 година: Алекос Алаванос, тогашен шеф на левата „Коалиција“, својата како дебатен клуб омаловажувана партија ја отвори за вонпарламентарни струења, зелени активисти и движења за базична демократија. Нему итно му беше потребен свеж, неупотребен лик за предизборната кампања. Изборот падна врз тогаш 32-годишниот Ципрас, кој во Атина се кандидираше за градоначалник и постигна мала изборна сензација: левичарската партија освои 10,5 проценти, трипати повеќе во споредба со претходните парламентарни избори во 2004 година.
На пат кон народна партија
Оттогаш се наметна името на Алексис Ципрас и веќе е неизбежно во секојдневието на грчката политика. На партискиот конгрес на Сириза во 2008 година претседателот Алаванос се повлече поради нарушено здравје и на врвот на партијата го крена својот штитеник Ципрас и покрај остриот отпор на етаблираните партиски величини. Поранешниот министер за правда Фотис Кувелис, исто така аспирант за висока функција, го напушти левичарскиот сојуз и основа своја партија. И покрај долгогодишната подршка од страна на стариот комунист Алаванос, кој одлично го познава партискиот апарат, Ципрас, за кого се врзуваа сите надежи, ни за момент не се колебаше да му го сврти грбот кога менторот, како што се чинеше, настапи против новата линија на Ципрас. Причина за тој внатрепартиски спор, се претпоставува, се различни персонални прашања, како и различните гледања по прашањето за членството на Грција во еврозоната.
Алаванос гласно пледира за враќање кон драхмата и основа своја партија наречена „План Б“. Тој денес не сака многу да зборува за конфликтот со Ципрас. Во меѓувреме Ципрас напорно работи за создавање нова народна левичарска партија со здружување на повеќе групи и струења, кои во партискиот жаргон се нарекуват „компоненти на Сириза“ и инсистираат на посебно голема автономија. Во „компонентите“ спаѓаат троцкисти, маоисти, еврокомунисти, екосоцијалисти, левичарски интелектуалци и други групи, од кои секоја сака да наметне свои акценти во работата на партиското раководство. Тактичко ремек-дело е што Ципрас воопшто може да одржува партиска кохезија.
Во предворјето на власта
Ципрас живее скромно во централниот дел на Атина со својата љубов од младоста и двата сина, радо се меша со народот, вози моторцикл. Во личните контакти е љубезен и директен. Но, кога кова нови мнозинства, веќе работите не се толку пријатни: Ципрас речиси не остави сомневање во тоа, дека по парламентарните избори, по потреба, би бил подготвен на коалиција дури и со деснопопулистичката партија „Независни Грци“, ако не најде друг партнер. Заедничко за обете партии е острата реторика против наметнатото штедење, како и една посебно критичка позиција спрема Германија. За Ципрас исто така е замислива и алијанса со неговата некогашна партија, ортодоксните комунисти.
Но, можеби сепак не треба да се земат „здраво за готово“ искажувањата за од него претпочитани политички алијанси. Пред неколку недели тоа мораше да го искуси и неговиот некогашен внатрепартиски конкурент Фотис Кувелис, кој денес е на чело на една социјалдемократска опозициона партија. Спроти третиот неуспешен круг за избор на претседател на државата на 29. декември 2014, се појавија шпекулации дека сите пратеници на партијата на Кувелис во парламентот ќе гласаат за Ставрос Димас, кандидатот на владината коалиција. Со тоа би било постигнато неопходното мнозинство и би биле спречени предвремените избори. Ципрас тогаш на социјалдемократите на Кувелис им навести партнерство, предупредувајќи меѓу редови никако да не гласаат за Димас и да не се им се препречат на амбициите на левичарската партија да формира влада. Само што пропадна изборот на претседател, од политичката агенда исчезна и алијансата со Кувелис.
Сепак, многумина се прашуваат дали Ципрас ќе ја продолжи својата политика и на европско ниво, Набљудувачите велат дека на грчката политичка сцена последните недели воочуваат извесно попуштање и смирување на тоновите од страна на Сириза. Ципрас, во меѓувреме, упадливо често говори за тоа дека неговата партија нема да носи никакви „еднострани потези“.