Заев и Гаши преговараат за министерските фотелји
29 ноември 2021Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши по четиричасовната средба во Клубот на пратеници во Скопје постигнаа начелна согласност за програмските аспекти од можната соработка. Во тек се консултации околу кадровските решенија и позиции за одговорностите кои треба да се преземат пред граѓаните, соопшти владината прес-служба.
„Имавме конструктивна средба и имаме заклучоци“, кусо изјави Заев по средбата со Гаши за вклучување на Алтернатива во Владата и во парламентарното мнозинство. Преку владино соопштение се објаснува дека соговорниците биле согласни дека реформскиот и европскиот курс за кои се определени граѓаните и државата мора да продолжат и дека во овие моменти најважна е стабилноста на институциите на државата кои им служат на граѓаните. „На тој начин ќе се обезбедат и најдобри решенија за најголемите актуелни предизвици како што се Ковид-19 пандемијата и глобалната енергетска криза“, се вели во сопштението.
Денеска започнале и разговорите за преземање и споделување одговорности во интерес на граѓаните и државата, при што биле разменети мислења околу можните кадровски решенија кои треба да ги преземат потенцијалните обврски и одговорности, односно за соодветните позиции, министри, заменици министри и други раководни лица во рамки на централната власт. Во деновите што следат, ќе продолжат консултации во партиите, по што ќе следи и нова работна средба помеѓу премиерот Заев и претседателот на Алтернатива, Гаши со нивните тимови, најавуваат од Владата.
Излез од кризата
Заев на средбата дојде во друштво на заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски, кој најави дека ќе се кандидира за нов лидер на СДСМ, додека Гаши беше придружуван од генералниот секретар на Алтернатива, Беким Сали.
Претседателот на Алтернатива Африм Гаши пред одржувањето на средбата посочи дека определба на партиијата е да се даде шанса за излез од политичката криза, како и од енергетската и здравствената криза и да и се помогне на државата да не ја изгуби историската шанса да започне преговори за членство во ЕУ. Гаши вели дека нивната партија е подготвена да помогне, доколку успеат да изградат нов концепт и поголеми промени.
„Сакаме Влада која до 2024 година ќе ги отвори преговорите со ЕУ и ќе направи напредок или да бидеме членка на ЕУ или да бидеме при крај“, додаде тој.
Битка за министерски места
Во јавноста се шпекулира дека Алтернатива очекува две министерски места, како и директорски места, меѓу кои дел и од оние со кои раководи ДУИ. Според неофицијалните информации, министерските места ќе се бараат во труд и социјала, здравство, култура, земјоделство и образование.
Одговарајќи на новинарско прашање колку министерски места очекува неговата партија, Гаши вели дека за партијата тоа никогаш не било од суштинско значење и оти за неа е важно да се разговара за политичките критериуми.
„Тоа прашање е втор дел кој е секундарен за нас и многу понебитен од првиот кој е нормативен, околу концептот кој ќе го градиме заеднички и дали ќе можеме да ги отстраниме тие пречки при досегашното функционирање на Владата“, рече Гаши.
Тој вели дека партијата останува на ставот дека во интерес на сите граѓани е да нема брзи избори.
Лидерот на Алтернатива се осврна и на прашањето дали Димитар Ковачевски е прифатлив кандидат за премиерската функција. „Не е одговорно ние да бараме од друга партија кој ќе биде мандатар или премиер. Тоа е работа на СДСМ и тие треба да одлучат за тоа“, изјави Гаши.
Ова е втора средба на Заев и Гаши, кои и на 19 ноември разговараа околу можностите за соработка меѓу двете партии. Централното претседателство на Алтернатива во петокот го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери за излез од политичката криза.
Во меѓувреме и Заев најави дека планира да остане премиер додека не ги заврши преговорите со Алтернатива и да види што ќе биде со Бугарија. Тој во изјава за Телма, рече дека оставката ќе ја активира по разрешувањето на овие две состојби.
„Прво треба да се завршат преговорите за парламентарното мнозинство со Алтернатива. Ако се заврши и јавно објави, ќе се направи проценка со стабилно и зголемено парламентарно мнозинство да се влезе во парламентот со постапка за избор на влада со Алтернатива, а во зависност од преговорите со Бугарија. Една од најзначајните причини поради која Алтернатива би влегла во влада е да обезбеди стабилна влада и стабилно мнозинство поради почеток на преговорите со ЕУ“, вели Заев.
Неодржлива влада
Генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари смета дека доколку дојде Алтернатива да прифати да влезе во новиот состав на Владата, таа нема да трае долго. Таравари по средбата со амбасадорот на ОБСЕ, Клеменс Која одговараше на новинарски прашања за актуелните збидунувања во земјава. Прашан за очекувањата од најавената средба меѓу Африм Гаши и Зоран Заев, тој коментираше дека ќе ја почитуваат одлуката на Алтернатива, напоменувајќи дека на претходните избори како коалиција добиле 82 илјади гласови за, како што рече, „анти ДУИ политиката“.
„Пред година и пол излеговме со Гаши на парламентарни избори и добивме гласови од граѓаните против политиките на ДУИ. Договорот беше потпишан за четири години и секако не мора да се придржуваат до тоа. Како ќе одлучат, така. Ние ќе ја почитуваме нивната одлука. Доколку влезат во влада, таа влада нема да биде одржлива, бидејќи има нестабилност во СДСМ. Таму владеат фракции и има многу неисполнети ветувања кон коалициските партнери. Сметам, дека наредната 2022 година ќе биде изборна“, рече Таравари.
За делувањето на партијата „Алијансата за Албанците”, тој напомена дека ќе останат во опозиција и веќе прават подготовки за Конгресот што го планираат за напролет. На тој конгрес приоритет ќе биде реорганизација и ребрендирање на партијата со кои ќе настапат на претстојните избори.