Амајлии и ритуали за среќа
Атласот на среќата во Германија покажува дека најсреќните Германци живеат во покраината Шлезвиг Холштајн. Онаму каде нема толку среќни луѓе, можеби може да помогнат некои амајлии, талисмани или ритуали за среќа.
Потковица
Потковицата завртена со отворот нагоре, според верувањето во Германија, би требало да ја „фати“ среќата и да им го блокира патот на лошите духови. Затоа, на многу порти има прицврстени потковици. Според едно друго верување, потковицата значи „C“, односно првата буква од „Christus“ (Христос).
Прасе
Свињата во античко време во цела Европа била симбол на благосостојба и богатство, а Германите ја сметале за свето животно. Денес прасињата за среќа се прават од марципан и се комбинираат со други симболи за среќа, како детелината со четири листа или оџачарот.
Валкана работа за среќа
Порано, затнувањето на каминот се сметало за голема несреќа. Зашто, ниту можело да се готви ниту да се грее - и шпоретот и печката останувале студени. Помош можеле да пружат само оџачарите, кои го чистеле каминот. Така среќата повторно се враќала.
Небесниот гласник со точки
Малиот инсект со точки се вика бубамара по Света Марија, мајката Исусова, а така ја крстиле селаните. Таа дневно јаде повеќе од 100 лисни вошки и се смета за важн природен уништувач на штетници. Тоа за земјоделците претставува небесен дар. Во Европа најраспространета е бубамарата со седум точки кои, според народното верување, ги симболизираат седумте доблести на Марија.
Отровна печурка за среќа
Научниците спорат околу тоа дали печурката Amanita muscaria, на германски „мувна печурка“, се вика така затоа што убива муви или затоа што од нејзе луѓето „летаат“ во транс. Застапена е многу во детските песнички и приказни. Притоа, печурката е многу отровна и дури и конзумирање на мали количества предизвикува силни халуцинации. Според народното верување, печурката заштитува од вештерки и демони.
Азиски мудрости
Со едно гризнување до мудра изрека - традицијата на кексите за среќа потекнува од источна Азија. Корените на оваа оваа традиција се во Кина, но и во Јапонија. Иселениците ги „извезле“ кексите за среќа во 19. век во САД, од каде потоа тие си го наоѓаат својот пат до Европа и Германија.
Замисли желба
Метеорите во многу земји се сметаат за магичен настан. Кој ќе види метеор, треба да ги затвори очите и да си замисли желба, но не смее да каже што замислил! Зашто, само ако замисленото остане лична тајна, може и да се исполни. Според една христијанска легенда, метеорите се фитили кои паѓаат на Земјата кога ангелите ги чистат небесните свеќи.