Американскиот експеримент на изборен тест
24 септември 2020Само четириесет дена нѐ делат од судирот на Титаните во најнапнатите и најнеизвесните претседателски избори во современата историја на САД. Уште од крајот на Студената војна, изборите во САД беа глобално следени како внатрешно-политички настан со надворешно-политички реперкусии по речиси секоја земја во светот. Колкави и да беа неизвесностите, колкави и да беа разликите помеѓу кандидатите, Америка и светот можеа да очекуваат дека и покрај идеолошките (не)согласувања, изборите ќе завршат со јасен победник, традиционален concession call од поразениот и инаугурација на победникот на 20 јануари. Демократски процес со кој Американците со право се гордееа, додека пак светот можеше смирено да ја следи сѐвкупната церемонија како стандард на кој може да се потпрат во немирниот свет. Годинава, таа церемонијалност и стандард е веќе под голем знак прашалник.
Ноемвриска треска
Во овој час, и во следните неколку месеци, изборите во Америка се и ќе бидат најнапнатата домашно политичка тема на секоја влада ширум планетата, секоја индустрија и поголема компанија, билатерална и мултилатерална агенда на дипломатијата, економијата, безбедноста, економијата. Дури и антагонистички настроените хегемони како Русија, Кина, Иран, колку и да не признаваат, се директно засегнати и загрижено фокусирани кон изборите кај нивниот противник. Како што може да се оцени од нивните замешателски операции во полза или на штета на едниот или другиот кандидат. Америка е одамна составен дел на секоја домашна политика, некаде помалку, некаде пак темел на стабилноста и оска на предвидливоста во која кивањата на Вашингтон предизвикуваат настинки и високи температури ширум меридијаните. Но ништо не може да се спореди со ноемвриската треска оваа година, предизвикана од пандемијата на Ковид-19 и амбициите на Доналд Трамп.
Една од последиците на пандемијата е принудното затворање на луѓето во сопствените дневни соби, со очи вперени во телевизии, монитори, мобилни екрани на кој бескрајно се врти тикер со сѐ понови вести, breaking news потреси, видео записи од расни немири, изјави од Трамп и Бајден, додека пак анкентните проценти ги имаат засенето индикаторите од берзовните тикери. Америка и светот се принудно ставени во статична состојба на зависност од информации, сѐ повеќе наликувајќи на ликот од Кјубриковиот Пеколен портокал во процес на деконтаминација со доброволно насилно отворени очи вперени во ужасите од екраните. Комбинацијата на изолираност од реалноста и зависноста од виртуелното ги прави овие избори да бидат толку неизвесни, а кандидатите – особено Трамп – да бидат уште порадикални, попровокативни и потревожни за да се добие секунда повеќе од вниманието на јавноста. Надолната графа на директна меѓучовечка комуникација е компензирана со нагорна графа на зависност од мислењата на телевизиските ликови, сурогати со дијаметрално спротиставени ставови и речиси без ниедна допирна точка на согласност и позитивен консензус.
Најфрапантната изјава
„Ќе треба да почекаме и видиме” што ќе се случи ноќта на 3 ноември. Тоа е единствената изјава на Трамп со која можеме едногласно да се согласиме. Но она што уследи по таа изјава дадена во среда навечер неминовно нѐ остави со отворени усти и неверица во сопствените уши. Одбивањето да се прифати мирен трансфер на власта и инсинуацијата за елиминирање на гласањето по пошта како предуслов за прифаќање на резултатите е досега најфрапантната изјава на било кој претседател и претседателски кандидат во историјата на САД. Коментарите кои уследија по телевизиските екрани беа во распон од изрази на шокираност, протести за „уцена и закана”, сѐ до предупредувањето на Рејчел Медоу дека претседателот штотуку ги стави под знак прашање „темелите на демократијата и Републиката”. Заклучок со кој мораме да се согласиме.
Други колумни од авторот:
Националистичкиот антинационализам
Пред неколку години, во првата година на владеењето на Трамп, поранешниот министер за надворешни работи на Германија, Зигмар Габриел не сметаше дека е потребно „да се почека и види”, туку смело и визионерски порача дека нестабилноста во Америка ќе продолжи, дури и доколку дојде до смена на Трамп. Таа оценка, која и јас своевремено ја сметав за избрзана, е сега веќе речиси едногласно прифатена од повеќето набљудувачи, полиси-мејкери и политичари ширум светот. Независно дали тоа се однесува кон развојот на настаните непосредно по изборната ноќ и во пресрет на трансферот на власта на 20 јануари 2020 или пак генерално во однос на политиките на Вашингтон со Трамп или Бајден. Во првиот случај, сценаријата се со распон од прифаќање на реалноста од изборните резултати, па сѐ до немири по улиците на незадоволните приврзаници на ривалските кандидати, надополнети со веќе разжестените расни немири. Во вториот случај, оној на победа на Бајден, светот ќе мора да ја прифати реалноста дека добар дел од одлуките на Трамп ќе опстојат како дел од американската надворешна политика, барем во првиот мандат на новиот претседател, како последица на нужниот фокус за консолидирање на внатрешните односи и реалности во САД.
Недореченоста на американскиот устав во однос на сценариото во кое Трамп ќе ги отфрли, спори или успорува гласовите доставени по пошта веќе беше видено во блага форма при гласањето во Флорида на изборите во 2000 година. Со таа разлика што тогашните кандидати Џорџ Буш Јуниор и Ал Гор, како и нивните први советници Џејмс Бејкер и Ворен Кристофер, беа спремни да битката ја одвиваат со сите средства, но не и по цена на внатрешната стабилност и престижот на Америка во очите на светот. Во последниот час на одлука во полза на Буш од страна на Врховниот Суд на САД, кандидатот Гор ќе признае дека „не можам да победам, дури и ако победам” но и ќе им нареди на неговите советници: „не ги напаѓајте судиите”. Таа свест за битноста на стабилноста, системот, републиката, владеењето на правото, одговорноста пред историјата и сопствената нација ќе биде ставена на тест не само пред Трамп и Бајден, туку и нивните приврзаници во Републиканската и Демократската партија. Инсистирањето на Трамп за пополнување на испразнетото место во Врховниот суд пред изборите е дополнителна причина за загриженост на демократите дека претседателот подготвува легалистичко подривање на изборниот процес, броење на гласовите и конечниот резултат.
Нерамнотежа
Непријатноста во сегашната ситуација е што од едната страна го имаме Џо Бајден, докажан како човек спремен за повисоки цели да ја жртвува сопствената кариера и да се соочи со животни трагедии. Додека од другата, го имаме Доналд Трамп, зависник од победи и преплашен од помислата за губење на претседателскиот имунитет со сите последици по него и неговото семејство. Евидентното предимство на Бајден во националните анкети и израмнетост со Трамп во тн. swing states е недоволно за оптимизам во демократските редови, како последица на искуствата со сличните предимства на Хилари Клинтон во 2016 година. Но во исто време, процентуално повисокиот процент во полза на Бајден во 2020, во споредба со оној за Клинтон 2016, е причина за тревога и страв во кампот Трамп и се поизразената несигурност дали неговото омилено „тивко мнозинство” повторно ќе изненади во негова корист. Сепак, Трамп во 2016 беше фактор на непознаница обвиен во злато, реалити-шоу популарност, стабилна економија, наспроти медиумски оцрнетата и презрена Хилари. Но Трамп 2020 не е веќе изненадување кое ветува, неговото злато е со сомнителен квалитет, пандемијата е новото реалити-шоу проследено со хорор-економија благодарение на неговите потфрлања. И на крај, отспротива го има Џо Бајден, омилен кај жените, провинциска Америка, медиумите и прифатлив за средната класа. Дури и некогашните постмешливи тиради на Трамп веќе не вршат работа кога отспротива е мангупот Џо, кој и самиот умее да испали болни пацки по нежната кожа на соперникот.
Балканот и САД
Гледано од Балканот, можеби е легитимно да во духот на домашниот цинизам си дозволиме да ѝ кажеме на Америка „видете, благодарение на вашите дипломати и домашните политичари, ние имаме побогато искуства во справување со ликови кои не сакаат да се збогуваат од фотелјата.” Но она што важи за Европа и сите сојузници на САД ширум светот, важи двојно повеќе и за нас во регионот. А тоа е желбата да овој изборен процес заврши час поскоро, што подобро и без драматични последици, сцени, настани. Какви и да се дневните политики и потфрлања, упатно е да запомниме дека во определен дел од историите на било кој народ во регионот и Европа, Америка ја има одиграно улогата на беневолентен – иако понекогаш несмасен – хегемон, спремен да пролее сопствена крв за туѓа слобода, да даде парче од сопствената погача за нашата сиромаштија и не подбутне надвор од нашите учмаености. Ние не можеме да решаваме ништо за Америка, но одлуките во Америка ќе решаваат многу за нас – каков и да е исходот од изборите, со желба да е мирен и во духот на американската традиција. Што и да се подразбира под неа