Американците ја притискаат Европа
15 февруари 2019Конференција во Варшава. Полската влада на САД како ко-домаќини им понуди простор кој не би го добиле на ниту едно друго место во Европа. Од европска гледна точка тоа беше грешка, но во Варшава поинаку гледаат на нештата отколку во Берлин и Брисел. На конференцијата требаше да се зборува за мирот на Блискиот Исток. На крајот сепак сѐ се сведе на тоа да се направи сојузништво против најголемиот непријател Иран. Уште на почетокот на настанот беше јасно кому ќе биде од полза, а кому на штета.
Присутни и отсутни
Полските домаќини прво се радуваа на присуството на американскиот потпретседател Мајк Пенс и министерот за надворешни работи Мајк Помпео. Помалку радосни беа за еден тежок гостин, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој ги потопи сите илузии откако во видео-твит соопшти дека целта на средбата била „заедничкиот проблем околу војна со Иран“.
Позитивно е и тоа што Израел и претставници на водечки арапски земји за првпат по децении седнуваат на една маса за да разговараат за состојбата во регионот и улогата на Иран. Не би требало да се намалува значењето на тој момент, кој покажува дека е можно придвижување. Но, многу поспектакуларно од листата на учесници беа отсутните.
Европејците не испратија познати претставници во Варшава и со тоа пратија јасна порака. Иран, за кого главно се работеше, не беше ниту поканет. Русија и Турција ја одбија поканата и во исто време одржаа средба во Сочи на која го поканија и Иран. Јасно се виде каде ќе бидат повлечени новите линии. Вознемирувачка е улогата на Турција. Анкара преферира да седи на една маса со Путин, а не со партнерите од НАТО. Тоа не е добар знак за мирот на Блискиот Исток. Може да се заклучи дека во Варшава помалку се работеше за мирот отколку за моќ и влијание во завојуваниот регион. А, сосем попатно и во Европа.
Полска калкулација
Во таквата замрсена ситуација Варшава се обидуваше на секој начин, но за жал со задоцнување, да остане неутрална. Само да не се пречекорат црвени линии. Но, на крајот земјата токму заради таквата амбивалентност не успеа во намерата. Кога фронтовите се толку јасно исцртани не може истовремено да си и за и против. Полската влада се прецени и дозволи да биде изиграна. Се трудеше да обезбеди гаранции дека конференцијата нема да излезе анти-иранска иницијатива, за потоа да биде приморана да согледа дека други одлучуваат за тоа прашање, имено САД. Полска како домаќин мораше одеднаш да се помири со тоа дека во земјата има такаречи американски подизведувач. Тоа е горка вистина која нанесува голема штета на имиџот.
Притисокот и натаму ќе расте
Таквиот развој е по малку и дел од една калкулација. Откако Русија со примерот на Украина покажа на што сѐ е подготвена, политиката на Варшава уште повеќе е насочена кон безбедносни прашања. Врвна цел на Полска е што е можно поскоро да има постојана американска база во земјата и многу стационирани војници. Дали ќе излезе домашниот есап и на пазар, ќе се дознае напролет. САД тогаш ќе најават како ќе го зголемат своето присуство во источна Европа.
Ако се случи тоа, притисокот од САД врз Полска ќе биде уште поголем, а со тоа и ризикот Европа да биде уште повеќе поделена. Зборовите на Мајк Пенс, кој на Берлин и останатите Европејци им се закани со „откажување на солидарноста" доколку не се откажат од Атомскиот договор со Техеран, не се само безобразни, туку и опасни. Полска мора да најде начин за да се спречи натамошна поделба на Европа. Тоа ниту во Варшава никој сериозно не го сака.