Откриен нигериски сој кај офицерот на АРМ
13 мај 2021Потполковникот на АРМ кој вчера со специјален лет беше донесен од Централноафриканската Република во Скопје е заразен со нигериски сој на вирусот. Ова го покажаа првичните анализи, откако војникот беше итно донесен во земјава поради сомнеж дека е позитивен на јужноафриканскиот сој на Ковид-19.
„Според анализите од МАНУ кај војникот е детектиран нигериски сој на вирусот, а не јужноафрикански. Иако има сличности меѓу двата соеви, не станува збор за ист сој. Нигерискиот сој исто така е чест во африканските земји“, информираат од Министерството за здравство. Инфекцијата кај него е во поодомината фаза и тој веќе оздравува.
Потполковникот на АРМ, кој на крајот на месецов требаше да ја заврши шестмесечната мисија во Централноафриканската Република, вчера наутро беше донесен во специјална капсула и е пренесен на лекување во Инфективната болница во Скопје. Тој бил тестиран на 5 мај, кога е утврдено дека е позитивен на коронавирус.
Нигерискиот сој најраспространет во Данска
Нигериската варијанта на коронавирус е најраспространета во Данска, Велика Британија, Нигерија и САД. На Балканот се уште не е многу распространета. Неодамна медиумите во Словенија известија дека по британскиот и јужноафриканскиот сој, е потврдено присуството на нигериска варијанта во Словенија и досега се регистрирани најмалку седум случаи на овој сој.
-повеќе на темата: Пановски: Британскиот сој нема да му дозволи на јужноафриканскиот брзо да се шири во Европа
Како што пренесуваат медиумите, варијантата на коронавирус Б1.525, позната како нигериска, има некои сличности со британскиот сој, но исто така има мутација наречена Е484К, која е присутна и во бразилската и во јужноафриканската верзија и има карактеристики што овозможуваат вирусот делумно да „избега“ од антитела и ја ослабува ефикасноста на вакцините. Во нигериската варијанта, постои и мутација наречена Q677H, што исто така влијае на протеинот „спајк“ што вирусот го користи за полесно да навлезе во човечките клетки.
Сој во фаза на тестирање
Научниците сè уште не ги знаат целосно карактеристиките на оваа варијанта, но по аналогија со британската верзија, тие сугерираат дека може полесно да се пренесе и да биде посмртоносна.
Што се однесува до заштитата од вакцините што се користат во Италија, имено Модерна, Фајзер/БионТек, и АстраЗенека, за нив се знае дека се ефикасни против британскиот сој, но исто така е познато и дека АстраЗенека, како и некои вакцини кои не се користат во ЕУ, не делуваат кај јужноафриканскиот сој, со кој нигерискиот вирус дели специфична мутација, пишуваа неодамна италијанските медиуми.
-повеќе на темата: Што открива израелската студија за ефикасноста на вакцините во реалниот живот?
Причината зошто експертите се толку загрижени за нигериската варијанта е нејзината стапка на смртност во споредба со другите видови. Стапката на смртност на нигерискиот сој е 4,3 проценти, јужноафриканскиот сојуз е 2,2 проценти, а кај британскиот сојуз е 2,3 проценти. Податоците покажуваат дека 12 лица починале од нигерискиот вид во Велика Британија, додека девет починале од јужноафриканскиот сој.
Нигерискиот вид, во некои земји се третира како варијанта којашто е во фаза на тестирање, но според досегашните сознанија овој сој веројатно нема да предизвика потешка форма на Ковид-19.