1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот почеток носи надеж за компромис меѓу Скопје и Софија

19 јануари 2022

Политичките аналитичари гледаат растечка надеж за можен компромис меѓу Северна Македонија и Бугарија во спорот кој веќе две години го блокира почетокот на пристапните преговори на Скопје со ЕУ.

https://p.dw.com/p/45m29
Nordmazedonien | Treffen Dimitar Kovacevski mit Kiril Petkow in Skopje
Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Околу 200 километри ги делат главните градови на Северна Македонија и Бугарија, но потребни се речиси четири часа по нерамни патишта и многу трпение за да се стигне од Скопје до Софија, или обратно. Заглавени во спор за историјата и идентитетот веќе речиси шест децении, политичарите од двете страни на границата никогаш и не размислуваа за транспортни алтернативни. Меѓу двете земји нема железница, ниту воздушна линија кои би ги поврзале и би овозможиле полесна и зголемена комуникација.

Но, откако слета во Скопје во вторникот, бугарскиот премиер Кирил Петков вети дека она што не било направено во изминатите 60 години ќе се случи во следните 60 дена. За два месеци комерцијална авионска линија треба (повторно) да ги поврзе двата главни града. Граѓаните на двете земји веројатно ќе треба да почекаат до крајот на оваа деценија за конечно да ја видат завршена и железницата, но новиот македонски премиер Димитар Ковачевски може да се надева дека неговата земја нема да мора да чека толку долго и за посакуваниот почеток на пристапните преговори со Европската Унија.

Ново поглавје 

По топлата прегратка пред владината зграда во Скопје и долгиот ден исполнет со политички средби и разговори, Ковачевски и Петков изразија надеж дека отвораат ново поглавје во традиционално затегнатите односи.
„Јас сум голем оптимист за новата динамика и ве уверувам дека резултатите ќе бидат видливи секоја недела“, порача Петков од Скопје.

Првиот чекор кон посакуваното ново поглавје во односите го направи Скопје, со испраќањето нота до Обединетите нации во која, де-факто, ги информира сите земји во светот дека името Северна Македонија не одразува територијални претензии кон источниот сосед- барање на Софија во рамките на планот „5+1".

„Да, има надеж, затоа што конечно го слушнавме магичниот збор ‘компромис'“, вели за ДВ, бугарскиот аналитичар и професор на Универзитетот во Софија, Ивајло Дичев. 

Ивајло Дичев.
„Да, има надеж, затоа што конечно го слушнавме магичниот збор ‘компромис'“, вели за ДВ, бугарскиот аналитичар и професор на Универзитетот во Софија, Ивајло Дичев.Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/M. Fludra

„Едно од, би рекол, глупавите барања на Бугарија беше секогаш да се користи долгото име ‘Република Северна Македонија'. И еве почнаа со тоа што се тргна тој проблем, Скопје објави дека името не имплицира територијални претензии кон регионот на Пирин и работите мрднаа“, вели Дичев.

„Стратегијата на новата бугарска влада е да го прошири полето на дискусии, па најтешките историски контроверзи да не бидат во центарот на преговорите. Доколку направиме брз старт во овие полиња, јазикот и идентитетот дискретно ќе отидат во позадина“, прогнозира Дичев и додава дека „црвената линија“ на Софија ќе бидат правата на Бугарите во Северна Македонија.

Македонскиот политички аналитичар и новинар, Сашо Орданоски во посетата на Петков на Скопје гледа „шанса за нов почеток“ и проценува дека „бугарската позиција е значајно поместена“.

„Нештата говорат во правец на тоа дека ќе се деблокира процесот на преговори (на С. Македонија, н.з.) со ЕУ“, вели Орданоски. Според него, можниот компромис би бил деблокада на преговорите со ЕУ, со обврска да продолжат преговорите на билатерално ниво меѓу двете земји во наредните месеци и години. 

Ковачевски и Петков во тесно 

Компромисот сепак нема да биде лесен, а дополнително, се очекува Владите во двете земји да се соочат со отпор од разни националистички структури. Во Северна Македонија, Орданоски го лоцира тој отпор во еден широк дијапазон од „бивши соросовски приврзаници до крајната десница, со фракции во ВМРО-ДПМНЕ и МАНУ“, но смета дека процесот ќе биде потежок во Бугарија. 

Румен Радев Кирил Петков Бугарија
Бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Кирил Петков не се на исти позиции за спорот со С. МакедонијаФотографија: Valentina Petrova/AP/picture alliance

Таму, премиерот Петков предводи влада составена од четири партии- од кои барем две- бугарските социјалисти и „Има таков народ“ имаат „потврд“ став кон проблемот и се на позиции слични на претседателот Румен Радев. 

„Има разлика меѓу Радев и Петков: претседателот се чини дека е популист, а премиерот- прагматичен либерал. Состанокот на консултативниот совет кај претседателот ја направи видлива таа разлика“, вели Дичев. На состанокот, според Дичев, Петков успеал да го анулира барањето за вметнување на бугарското малцинство во македонскиот Устав, но Радев возвратил со отфрлање на рокот од 6 месеци за решавање на проблемот.

„Имајте на ум дека Бугарија е во тешка политичка ситуација. Во шахот тоа се нарекува Цугцванг (потег кој дополнително ја влошува позицијата на играчот, н.з.). Нема други потези освен овие кои ги игра Петков“, заклучува Дичев.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема