Ангела Меркел во короната гледа „предизвик на векот“
15 октомври 2020Средбата ќе биде „историска“ беше речено во пресрет на конференцијата на германската канцеларка Ангела Меркел со покраинските премиери за ситуацијата со коронавирусот во Германија. Многу новинари нагаѓаа што тоа може да значи. Самиот факт дека прв пат по четири месеци, средбата е со физичко присуство во кабинетот на канцеларката и ниту еден учесник нема да се вклучи онлајн не можеше да биде објаснување. Насоката се појави во еден конференциски документ: растот на бројот на заразени има „историска димензија“, земајќи во предвид дека државите на кои ќе им успее да ја задржат инфекцијата под контрола, економски и социјално подобро ќе ја поминат кризата.
На прес конференцијата по осумчасовната средба, Меркел нагласи дека пандемијата е „предизвик на векот“. Не само во однос на тоа колку луѓе ќе умрат како последица, туку и што ќе се случува со економијата и просперитетот. Ова е особено важно за младите кои имаат долги години пред себе. Поради тоа сега треба да се воздржиме од разни „забави“ за да може подоцна добро да се живее. На крајот на краиштата, Германија нема неограничени финансиски можности: „Германија не може да си дозволи втор целосен карантин“. Ретко можете на прес-конференции да забележите што ѝ се случува внатрешно на Меркел. Различно е само кога нејзиниот глас ќе стане подлабок и поодлучен – ова беше таков момент. Тогаш е јасно дека е сериозна.
Кои одлуки се донесени
Севкупните одлуки не соодвествуваат на овој апел и високите барања поставени на средбата. Во основа веќе поставената стратегија за поголемите градови-жаришта ќе се пренесе на целата земја. Доколку бројот на новозаразени премине одредена граница, ќе се воведе полициски час за барови и ресторани по 23 часот, како и ограничување на контакти и собири на групи на јавни простори и приватни забави. Ако во одреден регион се надмине стапката на новозаразени од 50 на 100.000 жители, само на максимум 10 лица од две различни домаќинства ќе им биде дозволено да слават заедно. Покрај тоа ќе биде задолжително и носење маска на јавни места каде што има повеќе гужва. Сепак ограничувањата за контакти се само препорака. Конкретното спроведување е одоговорност на покраините.
Повеќе:
Корона: Без маска? 150 евра казна!
Корона-есен: колку е подготвена Германија?
Сепак нема да има историски пад на германската економија?
Коронавирус: Германија ќе ги откаже и Божиќните пазари?
Општ репер за мерките е таканаречената седумдневна индициенца, според која се мери колку луѓе на 100.000 жители во една недела се заразиле со Ковид- 19. Досегашната горна предупредувачка граница од 50 случаи, е дополнета со ново ниво на предупредување од 35 лица.
Доста урбани и рурални средини се веќе погодени од овие мерки. Според податоците на Роберт Кох Институтот (РКИ), три окрузи веќе имааат над 100 случаи во просек, а во 44 бројките се движат меѓу 50 и 100 случаи. Над 120 окрузи се со под 25 случаи, што не е далеку од новата гранична вредност на 35.
Што е во игра
Во Германија вкупната просечна бројка на заразени е 31.5 случаи со што е многу зад поголемиот дел од соседите, каде индициенцата кај многу од нив е троцифрена. Како и во првиот бран пролетоска, Германија би можела малку да заостанува. Првиот човек на Роберт Кох Институтот, Лотар Вилер прд неколку дена на пресконференција рече: тоа што Германија споредбено добро помина во првиот бран, се должи на фактот што мерките беа навремено воведени, бидејќи можеше да се види од другите земји „што нѐ очекува.“
Друг фактор на успехот на германскиот пат е високиот степен на прифаќање на политичките мерки кај населението, рече Вилер. Според последните анкети, новите мерки веројатно нема многу да го променат овој тренд. Во септември само 11 % од испитаниците во целата земја сметале дела актуелните корона-мерки се претерани. За 27% пак сегашните ограничувања не се доволни. За големо мнозинство од граѓаните воведување на ограничување на бројот на гости на прослави и заострена политика за носење маски се оправдани.
Што останува нејасно
Меркел е сѐ уште најпопуларниот политичар во Германија. Уште пред неколку недели таа излезе со предупредување за ситуацијата. По последнава средба нагласи дека посакувала да се донесат построги мерки. „Мојот немир не исчезна“, изјави канцеларката. Бидејќи доколку сегашниот експоненцијален раст на бројките, кој е веќе преку 6000 нови случаи за 24 часа не се запре брзо, тоа нема да води „до добар исход“. Меркел ја потсмири топката наведувајќи дека треба да се почека и да се види какви резултати ќе дадат овие мерки.
За една точка немало согласност – напротив жестока дискусија, се известува од средбата. Уште летоска се договараше да се воведат ограничувања за патувања за луѓе од внатрешните ризични области во земјата во кои индициенцата е над 50. Сега, со почетокот на есенскиот распуст, се појавија првите со статус ризични. Потоа дел од покраините зборуваа за таканаречена забрана за сместување, другите го критикуваа ова.
На пример, на еден Берлинец нема да му се дозволи да преноќи во хотел на Балтичкото Море освен ако не приложи негативен тест. Хотелиерите кои и онака се силно погодени од пандемијата го вклучија алармот. Овие регулативи беа критикувани дека се „крпеници“ и се бара униформна регулатива. Но, тоа сега не се случи, а на темата треба повторно да се разговара на 8 ноември – на крајот на есенскиот распуст. До тогаш Меркел ги повика Германците, да се воздржат од патувања, во спротивно со тоа се придонесува кон ширење на вирусот. Доколку сегашните договорени мерки се покажат како недоволни, тогаш „ќе мора дополнително да се заострат“, рече канцеларката.
Што исто така игра улога
Короната е веројатно последната голема криза во мандатот на Меркел како канцеларка. Следната есен, 2021 ќе има нови избори, а Меркел нема да се кандидира.
Ако се оди добро, до тогаш ќе има вакцина, ситуацијата ќе се смири и Меркел ќе може уште еднаш да се покаже како добар менаџер на кризи. Понатамошниот тек на пандемијата не само што ќе влијае врз тоа како ќе изгледа заминувањето на Меркел, туку и врз претстојната политичка поделба на моќ.