1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Анти Меркел“ рецепт за Европа

Бернд Ригерт/превод:БГ3 јули 2014

Италија го презеде претседателството со ЕУ во следните шест месеци. Иако функцијата има повеќе протоколарна улога, италијанскиот премиер Матео Ренци е одлучен да ги следи своите цели, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1CUqf
Фотографија: picture-alliance/dpa

Матео Ренци е енергичен човек. По внатрешно-партискиот судир во февруари, социјалдемократскиот политичар се катапултираше во италијанските коридори на моќта. Најави брзи реформи, и им вети на Италијанците револуција по долгогодишната апатија. За неговите напори, италијанските гласачи го наградија 39-годишникот со извонредна поддршка на европските избори - неговата партија доби 40 проценти од гласовите, достигнување кое не го постигна ниту една друга владејачка партија во поголемите земји-членки на ЕУ. Охрабрен од оваа поддршка, Ренци се надева дека ќе може да ја пренесе енергијата и на европско ниво.

Доколку му појде од рака да донесе малку свеж воздух во Европа за време на италијанското претседателство, тоа ќе биде добар сигнал, затоа што на ЕУ тоа и’ е неопходно. Шокирани поради големиот успех на десните радикали и судирот со британските евроскептици, на Европејците им е потребно лидерство и водство. Германската канцеларка Ангела Меркел се залага да го одржи статус-квото, но Ренци ветува нов стил кој треба да ја размрда Европа. Тој сака да биде „анти-Меркел“. И во најмала рака, заслужува таква шанса.

Но, очекувањата не треба да бидат превисоки, затоа што претпазливиот поранешен градоначалник на Фиренца првенствено е насочен кон домашните политички цели. Тој сака да се докаже во Италија како водечка европска фигура, и заштитник на италијанските интереси. Ренци во претседателството гледа шанса да се промени програмата за штедење во еврозоната. Италијанските политички партии ја обвинуваат фискалната консолидација на ЕУ за големата невработеност и рецесија - и тоа е погрешно. Италија првенствено страда поради својот гротескно висок долг и структурните проблеми во владата и во бизнис секторот.

Ренци веќе ги иницираше првите мали реформи на пазарот на трудот и во јавната администрација. Сега смета дека е обврска на ЕУ да му дозволи повеќе време за да го намали државниот долг. Флексибилноста е клучниот збор во Пактот за стабилност и развој на ЕУ. Токму тоа сака Ренци да го постигне во следните шест месеци. Германија и другите земји кои учествуваат во фондот за спас одбија промени во критериумите, но се подготвени да прифатат одредена доза на флексибилност.

Deutsche Welle Bernd Riegert
Бернд Ригерт

Франција, Шпанија, Португалија, Грција и други земји кои веруваат дека повеќе, а не помалку долгови, е рецептот за успех, најверојатно ќе го следат неговиот пат. Доколку Ренци е сериозен во своите намери, пред ЕУ претстојат тешки битки. Досега, италијанскиот премиер многу говореше, на пример, најави по една темелна реформа секој месец. Но, имплементацијата не е толку успешна. Сега претстави илјада дневна програма и ги одложи реформите до 2016 година. Италијанската влада сфати дека ќе и’ биде потребно повеќе време за револуцијата.

Во однос на фискалните граници, ЕУ треба да му дозволи повеќе време, но можностите се мали. Ренци игра на својот шарм и на верувањето дека на Европа и’ е потребна Италија. Третата по големина економија во еврозоната едноставно е „преголема за да пропадне“. ЕУ, предводена од Меркел, ќе мора да прави компромиси со Ренци.

Стратешки, Ренци сака да го искористи претседавањето со ЕУ како лост, иако позицијата не дава голема моќ или авторитет. Но, за него е среќна околност тоа што италијанското претседателство се случува во време кога се формира новата Европска комисија и на функција доаѓа нов претседател на Советот. Оттука овие две институции ќе бидат преокупирани со сопствените проблеми, а Ренци ќе се обиде да ја пополни празнината со својата агенда. А, доколку нешто тргне наопаку тој секогаш има оправдание во Меркел, тврдоглавата канцеларка која, според него, сака да го искористи штедењето за да ја кутне Италија на колена.