Антонио Гутереш, гласот на светот
12 декември 2016Држете го за збор! Новиот генерален секретар на ОН сака „да го именува и победи политичкиот популизам, расизмот, ксенофобијата и радикалниот екстремизам“. Само напред Антонио Гутереш! Неговите најави се ветувачки, неговата биографија - универзална, а работата - невозможна. Но, сеедно.
Генералниот секретар на ОН е најнемоќниот човек на меѓународната сцена. Тој има само една шанса: мора да знае да зборува, да растресува, да бара, да апелира, да нервира. А, Антонио Гутереш може да нервира. И, има нерви. По Бан Ки Мун, пријателски насмеаниот Азиец без глас, сега доаѓа полнокрвен оратор.
Бан Ки Мун беше пријателското лице на обединетата беспомошност на светската заедница. Постојано имаше добри намери, тоа никој не може да го оспорува, но беше невидлив, тивок, неупадлив. Тивок дипломат на погрешно место. Што останува по 10 години Бан Ки Мун? Договор за климата - негов тестамент до моментот на настап на Доналд Трамп. Војна во Сирија, која стана гнојна рана на цел свет.
Останува и еден Совет за безбедност кој, како што се чини, се занимава со самоблокади. Светска заедница, кој во десетте години Бан Ки Мун, не успеа да се реформира себеси и телото од 15 нации со право на вето. Армија на сини шлемови, чиј имиџ е нагризан, чиј мандат е лимитиран и чија обука е сомнителна. Светска заедница , чиј домаќин - САД, можеби веќе нема да биде гостопримлив во однос на ОН, со оглед на тоа што новоизбраниот американски претседател упорно одбива да ги разбере нивната смисла и цел.
ОН им се потребни на луѓето
Сега, значи, доаѓа новиот генерален секретар на ОН. Тој нема наново да го открива светот. Ќе се судира со граници. Ќе биде очаен поради јадниот Совет за безбедност. Но, ќе зборува, ќе го впери прстот. Тој е надежта во многу мрачни времиња. Оние што велат дека луѓето веќе немаат потреба од ОН, многу грешат. Секој човек, целото човештво има потреба повеќе од кога и да е досега од оваа компликувана, бирократска организација, ориентирана кон потрага по консензуси.
Зашто, светот е куп скршеници. Десниот популизам е новата мода. Фактите се предмет на интерпретација. Војните се секојдневие. И дури откако политиката сѐ ќе упропасти, сите почнуваат да врескаат по ОН: „Зошто не помагате?“ Оваа бедна игра му е добро позната на Антонио Гутереш. Тој можеби треба да стане расипувач на играта. Светот има потреба од неговиот глас. Сега! Зашто, десет години од Генералниот секретаријат на ОН доаѓаше само нежно мрморење.
Сега доаѓа Гутереш. Светот по изборот на Доналд Трамп долго преплашено го држеше здивот, а потоа донесе фатален заклучок дека дури и ваков човек заслужува шанса. Нашата шанса и одговор како светска заедница од денес се вика: Гутереш. Треба да му се даде шанса, за наша љубов, за љубов на сите луѓе. Го имаме само него.