1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апел за слободата на печатот во Турција

БГ
15 ноември 2016

Денеска, Дојче Веле го објавува овој текст од турскиот весник „Џумхуриет“ заедно со 40 други германски печатени и онлајн изданија. Тоа е израз на солидарност на Денот на Писателите во затвор.

https://p.dw.com/p/2Sipg
Türkei Proteste gegen Verhaftungen - Zeitung Cumhuriyet, Istanbul
Фотографија: picture-alliance/abaca/Depo Photos

Џумхуриет засекогаш:

„Јас сум некогашен вработен во Џумхуриет. Донесов цвеќиња за да ви го зајакнам моралот“. Тивко ги предаде каранфилите и исчезна. Во меѓувреме, седиштето на весникот „Џумхуриет“ во населбата Сизли во Истанбул врие како во кошница. Денеска е 2 ноември 2016 година, третиот ден откако 13 наши новинари и менаџери беа уапсени. Ние вработените се обидуваме да останеме смирени и релаксирани. Нашата работа е да го издаваме весникот. Немаме друг избор освен да го правиме она за што сме учеле. „Џумхуриет“ е весник и новинари работат тука.

Што се случи:

Сѐ започна утрото на 31 октомври кога добивме повик од нашиот главен и одговорен уредник Мурат Сабунчу. Во 7 утрото тој зазвони и рече: „Ме одведуваат“. Го уапасија Сабунчу. Во исто време, нашите новинари и менаџери Ајдин Енгин, Хикмет Четинкаја, Хакан Кара, Гирај Ез, Булент Утку, Мустафа Кемал Гингер, Булент Јенер и Гинзели Озалтај беа одведени од своите домови.

Без двоумење, Кадри Гирсел, Муса Карт и Ондер Челик самоволно отидоа во полициската станица каде, се разбира, и тие беа уапсени. Дополнително, беше извршен претрес во апартманот на Орхан Еринч, претседателот на Фондацијата Џумхуриет. Минатиот петок, нашиот издавач Акин Аталај, кој се наоѓаше на службено патување во Германија, беше уапсени откако слета во Германија.

Весник стар 93 години

Ние вработените веднаш се собравме во нашата зграда. Веднаш сфативме дека операцијата „Џумхуриет“ не била изненадување за никого. Како и сите останати од опозицијата, тие сакаа да го замолчат „Џумхуриет“, иако „Џумхуриет“ само информираше и не беше дел од опозицијата. Но политичката клима стана непријатна по воведувањето на вонредната состојба.

Обвинувањата против „Џумхуриет“

Причината што нашите пријатели беа уапсени е што беа обвинети дека се членови на организацијата на Ѓулен и на ПКК и дека сториле кривични дела во нивно име. Всушност, „Џумхуриет“ е еден од весниците кој редовно предупредуваше од опасноста организацијата на Ѓулен да се инфилтрира во полицијата и во судскиот систем, да ја преземе контролата врз републиката и да ја претвори Турција во исламска држава.
Понатаму, „Џумхуриет“е еден од малкуте новинари кој ги бранеше правата на Курдите, постојано ја критикуваше ПКК, и отфрлаше било каква форма на насилство. Но сега сето ова минато е поништено и „Џумхуриет“ е обвинет за сѐ.

Обвинетиот јавен обвинител

Но вистината секогаш излегува на виделина. Еден новинар откри дека јавниот обвинител кој ја води истрагата против „Џумхуриет“ и самиот е обвинет во „случајот Ѓулен“. Фактот што јавниот обвинител е обвинет дека е член на организацијата на Ѓулен, требаше да доведе до крај на случајот против „Џумхуриет“. Но Министерот за правда говореше за „пропуст“. Министерството и не помисли да го отпушти јавниот обвинител од службата.

Сакаме само едно

Работиме за да направиме добар новинарски производ и благодарни сме на силата која ни ја даваат нашите поддржувачи кои секој ден доаѓаат во весникот. Сакаме само едно: слобода на печатот. Ние мораме да бидеме гласот на оние кои го немаат. Ние мораме да ги јавуваме и објавуваме фактите. Нашата работа е тешка, притисокот е огромен, заканите се сериозни. Но ништо нема да не спречи.
Пораката од нашиот главен уредник Мурат Сабунчу која ни ја испрати од затвор и која ни ги наполни очите со солзи е максимата на секој кој работи во „Џумхуриет“:

„Ќе му се поклониме само на нашиот народ и на нашите читатели“.

Редакцијата на „Џумхуриет“