Државната каса за 2021 тежи 4 милијарди
21 декември 2020Граѓаните и стопанството може да здивнат. Парите за битка со пандемијата и економската криза во 2021 година се обезбедени, барем на хартија. Планот за здравје на владата ја доби потребната поддршка во собранието во последен момент и покрај тоа што опозицијата ја напушти салата непосредно пред гласањето кога мнозинство броеше 59 пратеници. Власта ја обвини опозицијата за деструктивност и предупреди од смислено сценарио за продлабочување на кризата:
„Ова е доказ за антидржавното, антинародното и деструктивно однесување на опозицијата. И тука мислам на ВМРО ДПМНЕ, на Левица, Алијанса на Албанците и Алтернатива. Во време кога во целиот свет сите се обединуваат во борбата против Корона и не гледаат дали се власт или опозиција, оваа опозиција го напушта собранието да не се донесе буџетот. Туку да имаме времено финансирање. Тоа е брука за нив, но тоа прави брука и за нас во целиот свет“, предупреди Јован Митревски координатор на пратеничката група на СДСМ.
Опозицијата зборува за мегаломански и расипнички буџет
Опозицијата ја напушти салата по серијата критики на адреса на власта дека буџетот што го скроила бил мегаломански и расипнички:
„Граѓаните треба да знаат дека Владата на Заев на СДСМ и ДУИ за плати за администрацијата која очекуваат дека ќе им гласа на следните локални избори, планира да потроши фантастични и рекордни 510 милиони евра. Споредено со 2008 година во време на криза сме трошеле 339, а во 2011 година 376 милиони евра. Значи оваа година ќе се трошат 20 милиони евра повеќе од 2020 година каде исто така е соберен рекорд од 490 милиони евра. Нема намалување на администрацијата, напротив има рекордни 510 милиони евра за плати во 2021 година, наместо да се трошат во капитални инвестиции“, реагираше Александар Николоски од ВМРО ДПМНЕ.
Повеќе:
-Опозициската блокада на парламентот е опасна за економијата
-Поважно е здравјето на граѓаните или економијата?!
-Загрижувачки прогнози на ЕК: Пад на македонската економија за 4,9 отсто
Празните опозициски столчиња фрлија сенка, но сепак не го блокираа процесот на усвојувањето на документот кој по 15 дневна дебата во парламентот едногласно доби виза од 62 пратеници од власта кои со аплауз го испратија изгласувањето на финансискиот документ. Процесот помина во тензична атмосфера и покрај тоа што беа прифатени 18 амандмани на првичниот текст на документот што го усвои владата. Дел од упатените се загрижени од случувањата и критикуваат за несериозно политичко калкулантство среде сериозна криза предизвикана од пандемијата:
„Во кризава најмалку што ни фалеше е сценарио буџетот да не се донесе навреме. Бојкотот на опозицијата е несериозен, можеа барем да отседат во салата и да гласаат против. Вака останува запишано дека среде криза не биле конструктивни за да се помогне да излеземе што е можно побезболно од оваа криза. Не дека власта не е за критикување, посебно во делот за економијата, но очекував барем сега, ако никогаш досега, да се демонстрира какво такво единство, штета“, коментира за Дојче веле висок претставник на бизнис заедницата.
Претстои пеколно тежок период
Сепак она што е важно според него е што буџетот е усвоен навреме. Содржината е можеби дискутабилна, но клучно е да се пристапи сериозно во реализацијата оти наредениот период ќе биде пеколно тежок:
„Дали е реална проекцијата или не, не можам да кажам оти неизвесноста е огромна и далеку од тоа дека можеме да бидеме мирни. Сепак е добро што има план, но нема да биде лесно. Лично сметам дека сите сили мора да се насочат кон уште посилна поддршка на стопанството и граѓаните. И тоа да биде поефикасно од она што досега се прави. Без разлика колку тоа ќе чини. Се друго ќе биде ризик“, коментира бинзисменот.
Буџетот за следната година владата го темели на очекуван раст на економијата од 4,1% од бруто домашниот производ. Се ветува засилена поддршка на секој план. Половина милијарда евра се предвидени за антиковид мерки. За здравство има издвоено 664 милиони евра, за социјална заштита 1,47 милијарди евра, образование 465 милиони евра, а за развој на економијата 1,141 милијарди евра. Министерот за финансии изјави дека буџетот има неколку главни приоритети- здравство, економија и зачувување на стабилноста на работните места, владеење на правото и интеграции:
„Буџетот е прецизен, егзактен, содржи развојна компонента. Капиталните инвестиции се 26,2% повисоки од актуелниот буџет, 3,4% од БДП или просек кој во подобрите години го имаше нашата земја. За здравството имаме 100 милиони евра повеќе во однос на 2019 година или 40 милиони евра во однос на тековната година. Во образованието имаме зголемување на капиталните инвестиции четирикратно. За наредната година со сите предизвици предвидени се средства и за сузбивање на Ковид-кризата доколку има потреба“, изјави Фатмир Бесими, министер за финансии.
Очекуван раст од околу 4 проценти
Сепак она што боде очи е што ставката за стоки и услуги, која постојано е мета на критики дека е премногу матна и висока, за наредната година е позиционирана на 347 милиони евра, или дури 55 милиони евра повеќе од буџетот за 2020 година. Загрижува и високото ниво на задолжување кое ќе изнесува 1 милијарда и 250 милиони евра. Од нив околу 700 милиони евра се за враќање на стари долгови, а остатокот се планира за покривање на буџетскиот дефицит кој е проектиран на 4,9% од бруто домашниот производ или 570 милиони евра. Покривањето се планира со задолжувања на домашниот и на странските пазари, а најавено е издавање и на еврообврзница.
Она што е значајно за економијата, капиталните инвестиции, се проектирани на 374 милиони евра. Опозицијата критикува дека средствата се премалку, власта пак тврди дека проекциите се соодветни и реално поставени. Според Бесими, буџетот бил визионерски затоа што прв пат носел петгодишна развојна рамка:
„Ова е првиот усвоен среднорочен буџет и се базира на три платформи: Фискална консолидација, која до 2025 година треба да го сведе буџетскиот дефицит на 2%, или под Мастришкиот критериум, стратегија за заздравување и забрзан економски раст, која треба да го удвои растот во следниот период со стапки од 4-5%. План за јавни инвестиции 2021-2025, во насока на зголемување на учеството на инвестициите во вкупните расходи и подобрување на нивната реализација“, порача Бесими.
Проекциите за растот се базираат и врз очекувањата за поголема потрошувачка на граѓаните, односно дека личната потрошувачка ќе се зголеми за 3.8%. Се планира и зголемување на бројот на вработени за околу 2%. Инфлацијата за наредната година е проектирана на 1,5%. Владината проекција за растот на економијата во 2021 година е повисока од онаа на Народната банка која деновиве објави прогноза дека растот во 2021 година ќе изнесува 3,9%. Проекциите на монетарната власт се дека дури во 2023 може да очекуваме раст од 4% што е приближно на владината проекција од 4,1% за наредната година. Народната банка веќе објави дека годинава македонската економија ќе ја заврши во минус од 4,9%. Владата пак планира дека годинава економијата ќе биде во минус од 4,5%.