1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Децата можат со недели да го пренесуваат коронавирусот

Александер Фројнд
31 август 2020

Нова американска студија покажува дека вирулентноста кај децата и младите е особено висока и дека тие, иако асимптоматски, може со недели да го пренесуваат вирусот. Што значи тоа за училиштата и градинките?

https://p.dw.com/p/3hoLc
Coronavirus - Wiederaufnahme des Schulbetriebs NRW
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Hirschberger

Додека во сѐ повеќе земји постепено се отвораат училиштата и градинките, објавени се загрижувачки студии за улогата на децата во корона – пандемијата. Тие сигурно ќе ја засилат ионака вжештената дебата околу ризикот од зараза во училиштата и градинките.

Лекарите во Детската национална болница во Вашингтон открија дека заразени деца со Ковид 19 без симптоми, со недели може да го шират коронавирусот. Тоа значи дека оние кои немаат никакви или лесни симптоми, можат несвесно со недели да заразат лица во нивната околина. Претходно научници од Бостон потврдија дека вирулентноста кај децата и младите е особено висока.

И асимптоматските деца позитивни на коронавирус се заразни со недели?

За новата студија (објавена на 21 август 2020 во ЈАМА педиатрикс онлајн) лекарите Роберта Л. Де Биаси и Меган Дилејни анализираа податоци од 91 дете, хоспитализирани во 22 болници во Јужна Кореја. „За разлика од американскиот здравствен систем, во Јужна Кореја, оние кои се позитивни на Ковид 19, се задржуваат во болница додека не оздрават, без разлика дали имаат симптоми или не,“ вели д-р. Де Биаси.

Според студијата околу 22% од децата не развиле никакви симптоми, 20% на почетокот биле асимптоматски, но подоцна развиле симптоми, а 58% на првиот тест биле со симптоми. Исто така различно е и времетрањето на симптомите кај децата – од три дена до три недели. Една петтина од асимптоматските пациенти и речиси половина од симптоматските пациенти и по три недели од иницијалната зараза биле заразни – што не го одразува диектно степенот на вирулентност.

Повеќе:

Децата во Европа се враќаат во училиште и покрај коронавирусот

Можна ли е повторна инфекција со коронавирус?

Влажноста е клучна за ширењето на коронавирусот, тврдат научниците

На училиште со маска по летните горештини

Авторките на студијата признаваат дека сѐ уште има неодговорени прашања во врска со улогата на децата и младите во однос на пандемијата како и дека нивните анализи и резултати ќе ја разгорат дебатата.

Голема вирулентност и кај најмалите?

Изненадувачки високо ниво на вирулентност има пред се кај помладите, велат научниците од Бостон. Тие анализирале примероци од брис од 49 деца и младинци под 21 година. Според студијата кај нив, е докажано многу поголемо присуство на САРС-КоВ-2 вирус во носната и усната шуплина во споредба со возрасните, кои поради Ковид 19 биле хоспитализирани на интензивна нега.

Според студијата објавена во медицинскиот „Журнал за педијатрија“ помалите деца истовремено имаат значително помал број на АЦЕ 2 рецептори отколку кај младите или возрасните. Овие АЦЕ 2 ензими се сметаат за главни точки на кои се закачува САРС-КоВ-2 вирусот за човечките клетки и така навлегува во телото.

Дали децата се главни двигатели“ на корона-пандемијата?

Од почетокот на корона-пандемијата жестоко се дебатира за улогата на децата и младите. Јасно е дека и децата и младинците може да заразат други лица. Во меѓувреме е исто така јасно дека инфекцијата кај многу млади и деца поминува без или со лесни симптоми. Исто така е јасно – иако понекогаш скриено – дека и тие може да починат од Ковид 19 или да им предизвика долготрајни оштетувања.

Но, сето ова не ги претвора децата и младите во „супер-распрснувачи“ или главни двигатели на преносот на заразата на коронавирусот.

Сепак, децата и младите преку училиштата, градинки, дружење и други слободни активности често имаат повеќе социјални контакти од возрасните. Во изминатите месеци многупати се покажа дека тие, исто како и многу возрасни, не ги почитуваат сами по себе правилата за оддржување дистанца и соодветна хигиена, туку мора да бидат приморани на тоа.

Апелите за разумно однесување избледеа, кај многумина не се разви свест дека не се загрозуваш само себе си туку и многу послаби и ранливи категории луѓе во општеството.

Патници повратници, забави, манифестации – бројот на новозаразени во Германија повторно е на највисоко ниво од мај. Меѓу заразените има особено многу млади – просечната возраст е на најниско ниво од почетокот на корона - пандемијата.

Тоа што степенот на вирулентност кај децата и младите, според студијата, е особено висок, тоа што може со недели да бидат извор на зараза и поради тоа што често голем број се без симптоми и не ни знаат дека се заразени, може да има значително влијание врз текот на пандемијата.

Што значи тоа за училиштата и градинките?

Со крајот на летниот распуст во многу земји, исто така и во Германија, расте бројот на новозаразени со САРС-КоВ-2. Сепак, градинките, училиштата и образовните установи се отвораат и тоа не за да ги растеретат родителите кои работат, туку за доброто на децата. 

За тоа постои консензус, но како тоа ќе се спроведува конкретно и колку ќе има присуство, а колку ќе се одвива онлајн, останува во многу земји предмет на интерпретација.

За да се откријат навремено можни кластери на инфицирани и да се спречи затворање на градинките и училиштата, мора да се откријат и изолираат деца и младинци со благи симптоми или асимптоматски тек на болеста. 

Со оглед на новите студии секако ќе мора да се ревидира не само редовното тестирање на наставниот кадар. Дали ќе се тестираат само ученици со акутна инфекција на дишните патишта или учениците генерално ќе треба да бидат тестирани, со оглед на новите студии ќе мора да биде допрва одлучено.