Атина: Денеска се гласа за Преспанскиот договор
25 јануари 2019Гласањето за Преспанскиот договор, кое требаше да се случи ноќеска, е одложено за денеска попладне поради големиот број пријавени пратеници за збор. Од вкупно 300 пратеници, збор побарале 230.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас од пратениците побара да дадат согласност за Преспанскиот договор со кој се нормализираат односите со соседот. Тој оцени дека историскиот договор е најдобриот договор по години застој.
„Национализмот на Балканот доведе до болни катастрофи за луѓето и верувам дека е дојдено време за излез од овој ѓаволски круг на национализам и за поглед кон иднината на раст, мир, прогрес и соработка“, рече Ципрас.
Лидерот на опозициската Нова Демократија, Киријакос Мицотакис, го обвини грчкиот премиер дека ги „игнорира патриотските чувства“ на милиони Грци. Тој се закани дека ќе го блокира членството на Македонија во ЕУ доколку неговата партија биде победник на изборите.
Повеќе во видеото:
„Приклучувањето на Скопје во ЕУ не е поврзано со Преспанскиот договор. Грција во секој момент ќе може да стави вето на приклучувањето на Скопје во ЕУ. А, јас лично, ве уверувам дека нема да се откажам од ова национално право.“
Додека траеше дебатата, неколку илјади членови на националистички организации вчеравечер беа собрани пред парламентот во Атина и во Солун извикувајќи „Македонија е само грчка“. Дел од нив фрлаа со пиротенички материјали и камења врз полицијата. Припадниците на полициските сили употребија заслепувачки гранати, спреј и палки за растерување на насилните демонстранти.