1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе има ли одговорност за увезениот мазут?

ДТЗ
27 мај 2021

Заев бара истрага и вонредни контроли за случајот, а резултатите треба да бидат готови за 14 дена.  Се спремаат решенија за забрана за работа за неколку компании. 

https://p.dw.com/p/3u4wq
Fabrikschornsteine
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Аферата со увозот на отпадно масло во земјава ги крена надлежните инстутиции на нозе. Владата задолжи неколку институции да го истражат случајот поврзан со сомневања за увозот на нафтени деривати опасни по здравјето на граѓаните и животната средина и да спроведат вонредни контроли. Резултатите треба да бидат соопштени за 14 дена.
„Вината треба да се гледа како влегол мазут, нафта, бензин во државата и тука треба да се утврдат одговорностите. Досега е утврдено дека сулфурот не е проблем, тоа е во рамките на параметрите, но проблем е поголемото количество на вода кое е дојдено до некои четири проценти и поголемо количество пепел во самите количини“, рече денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање од Зоран Јанчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Забрана за работа

Се изготвуваат решенија за забрана на вршење на дејност на две или три компании во кои не е најдено вишок на сулфур, но е најдено вишок на вода заради кондензација и пепел што е надвор од стандардите.

Nord-Mazedonien PK Premierminister Zoran Zaev
Вината треба да се гледа како влегол мазут, нафта, бензин во државата и тука треба да се утврдат одговорностите, вели ЗаевФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Согласно тоа ќе има решение за забрана на вршење на дејност на тие компании, но истовремено при самите контроли се увидени нови недостатоци како што се држење на неопходните залихи од најмалку пет проценти како основ за добивање на дозвола за увоз на нафта, соодветно на тоа ќе дадат предлог за одземање на лиценца до Регулаторната комисија“, најави Заев.

-повеќе на темата: Последната европска депонија: Се печалат милиони на сметка на здравјето на македонските граѓани

По документарецот на Истражувачката репортерска лабораторија „Заговор против воздухот“ во којшто беше откриено дека отпадно масло се увезувало како мазут и се горело во болници и државни институции, но и приватни компании, јавноста очекува одговори дали навистина имало манипулации со квалитетот на увезениот мазут.

Царината посочува кон други институции

Владата ја задолжи Царинската управа да спроведе внатрешна контрола за конкретниот случај, да се испита колкави количини од наведените нафтени деривати се увезени од 2018 до 2020 година и под која царинска шифра е извршен увозот, како и тоа дали податоците во декларациите соодветствуваат со дериватот што е увезен.
Царинската управа одговорноста ја насочува кон Министерството за економија - Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина. Според Царината, мазутот што има над еден процент сулфур не дозволуваат да влезе во земјава, а преку нивната лабораторија се врши задолжителна контрола единствено на содржината на сулфурот. „Доколку мазутот содржи поголема количина на сулфур од дозволеното, тој физички не смее да влезе во државата. Оваа одредба е содржана во Одлуката за распоредување на стоките на форми на увоз и извоз, каде е предвиден режимот на забрана“, соопштуваат од Царина.

-повеќе на темата: Под лупа и контролите на мазутот и Правилникот

Тие го контролирале само сулфурот во мазутот, а другите квалитети на мазутот и на другите стоки што се увезуваат, сметаат дека требало да ги контролираат другите институции. „Во однос на останатите мерки на трговска политика што се применуваат при пуштање на стоката во слободен промет, за мазутот се предвидени одредени карактеристики за квалитет што се предвидени во Правилникот за квалитет на нафтени деривати. Како и кај сите останати видови на стоки за кои се предвидени различни стандарди за квалитет, за квалитетот на мазутот, надлежни институции за спроведување на контролата се Министерството за економија - Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина“, велат од Царина. 

Инспекциски надзори

Владата исто така го задолжи и Државниот пазарен инспекторат, со Бирото за стандардизација и метрологија и со помош на акредитираната мобилна лабораторија да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите што увезуваат, како и во институциите што користат вакви горива. Државниот инспекторат за животна средина, пак, е задолжен да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите увозници и корисници на мазут и на други нафтени деривати. Министерството за економија треба да побара што точно се испитува при увоз согласно Правилникот за квалитет на течни горива и дали одредбите се применуваат согласно европските стандарди.

Министерот за економија, Крешник Бектеши во последното интервју за ИРЛ индиректно вината ја префрла и на Царинската управа, бидејќи спорниот мазут можеле да го тестираат во приватни акредитирани лаборатории. „Член 78 (од закон за царина) ако не грешам, има можност во делот на истрагите да мери квалитет на течните горива што влегуваат во акредитирана лабораторија кај нас. Во делот на мазутот има две што може да мерат. Една е лабораторијата на ОКТА, друга е лабораторијата на Макпетрол“, вели Бектеши.
Тој најави дека е при крај подготовката на новиот Правилник за квалитетот на течните горива, иако тврди дека и сегашниот Правилник во делот на мазутот бил целосно усогласен со соодветната директива на ЕУ и дека од страна на Пазарниот инспекторат при контролите не бил мерен само сулфур, туку и други карактеристики.