1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баварска бесмислица

Феликс Штајнер Превод А.Трајковска 9 декември 2014

Спротивно на добро е да се има добра намера! Ова сега повторно го докажа ЦСУ и сите ја исмеваат баварската партија. Притоа конзервативците се обидоа во нешто, што всушност сите ги погаѓа, смета Феликс Штајнер.

https://p.dw.com/p/1E1NB
Фотографија: Fotolia/Yantra

#YallaCSU - вака се вика хештагот, кој во изминатите денови ја насмеа твитер-заедницата и со неа целиот интернет во Германија. Со зајадлив потсмев и жестока критика реагираа и медиумите и левичарските политичари на баварската ЦСУ. Дури и „Њујорк Тајмс“ се зафати со темата. Сега сите можат да се чувствуваат како победници: Раководството на ЦСУ ги преработи предлог-заклучоците за претстојниот партиски конгрес идниот викенд! Мигрантите кои долгорочно сакаат да живеат во Германија, сега треба са бидат само „мотивирани“, а не „инструирани“ да учат германски. Конечно станува збор за „секојдневниот живот“, а не повеќе за „јавниот простор и во семејството“.

Иако баварската конзервативна партија ЦСУ не ретко ја изненадува Републиката со чудни идеи - стариот предлог-текст беше толку апсурден, што ниту една политичка глава во ЦСУ не би можела сериозно да верува во неговата смисла или во неговата спроведливост. Тоа е дотолку повеќе за чудење, бидејќи стоеше во целосна спротивност на основната програма на ЦСУ: Имено ниту една партија не го потенцира толку правото на самоопределување на семејствата - на пример финансиската поддршка за згрижување на децата за родителите, чии деца до втората или третата година од животот не одат во градинка. Бидејќи родителите најдобор знаат, што е добро за нивните деца. И воопшто никој не би требало да го интересира што се случува во домот на едно семејство, сѐ додека таму не се извршуваат кривични дела.

Баварска јазична полиција?

Како ЦСУ планираше да ја контролира јазичната употреба во семејствата, за жал никогаш нема да дознаеме. Во изминатите денови имаше многу претпоставки. Прашањето за воведување на „јазична полиција“ беше едно од најбезопасните. Безбројните споредби со „чувар на блокот“ од нацистичкото време или со шпионскиот систем на службата за државна безбедност на ГДР најверојтно ги предомислија првите луѓе во ЦСУ - имено вакви споредби ги болат демократите во Германија!

Притоа ЦСУ не сакаше ништо друго освен да ја следи основната парола на својот починат голем претседател Франц Јозеф Штраус. „Десно од ЦСУ се наоѓа само ѕид“ постулираше тој. И со тоа мислеше дека во Германија не смее да има партија која ќе биде подесничарски настроена од ЦСУ. Сите лево од центарот ова со презир го нерекуваат како „ловење во матните, десничарски води“. ЦСУ од своја страна сака да ја избегне судбината на СПД. Откако оваа партија прво беше потисната од Зелените, а во меѓувреме и од Левицата, таа самата повеќе не може да застане на чело на ниту една покраина.

Deutsche Welle Felix Steiner
Феликс ШтајнерФотографија: DW/M.Müller

Страв од критичарите на Европа

Од кого стравува ЦСУ е јасно: Од една страна тоа е партијата Алтернатива за Германија со нејзината остра критика на еврото и состојбите во ЕУ. Од друга страна е движењето кое нарасна во последните недели, и кое под апсурди имиња како Хогеса, Пегида или Дигида демонстира низ улиците на сѐ повеќе германски градови, но сѐ уште нема политички корени. Наводно притоа станува збор за борбата против салафизмот - што само по себе исто така би било в ред - или наводна исмализиација на Германија и Европа. Но зад оваа работа во многу случаи не се крие ништо повеќе отколку подмолна омраза кон странците.

ЦСУ со своето чувство за тоа што ги придвижува луѓето прави обиди на овие протести да им се одземе алатката, со тоа што ќе се бара континуирана асимилација на сите мигранти. Но, уште во првиот обид, како и честопати до сега, ја промаши целта. Притоа партијата воопшто не треба да се чувствува дека самата е одговорна за темата: Имено самопрогласените противници на исламизацијата не се само избирачи на Унијата. Исто како што и еврокритичната Алтернатива за Германија досега ограбуваше во сите политички партии. Иако Зигмар Гарбиел и Грегор Гизи негираат: ксенофобичен талог има исто така и меѓу изборачкото тело на СПД и партијата на Левицата - тоа аналитичарите на изборите повеќепати веќе го докажаа. Тие засега се изјаснуваат дека не се надлежни и се ограничуваат на тоа да се потсмеваат за ЦСУ. Тоа во моментов им е дозволено. Но, политичката борба против нетолеранцијата е задача на целиот политички спектар!