1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се уриваат најатрактивните платформи во Охрид

ДТЗ
9 јуни 2021

Општина Охрид најави дека ќе се отстрануваат и платформите на „Кадмо“ и „Бела Виста“. Наредните денови ќе се расчитува и крајбрежјето кон населбата „Канео“.

https://p.dw.com/p/3uewP
Nordmazedonien I Abriss illegal errichteter Gebäude in Ohrid
Фотографија: Daniela Trpcevska/DW

Десетици работници, под полициско обезбедување, од изутринава започнаа да ја отстрануваат платформата на една од најатрактивните плажи на охридското крајбрежје – Куба Либре – омилена дестинација за посета и на домашните и на странските туристи. На локацијата од каде се пружа најживописниот поглед на градот и попладнево работниците една по една ги изнесуваа даските од конструкцијата која длабоко навлегува во езерските води. На плажата е невообичаено мирно и тивко. Додека во околната трева одмораа неколку семејства залегнати под дебелите сенки, на платформата освен работниците немаше речиси никој. Тие молчешкум ја спроведуваа одлуката на општината Охрид која издаде наредба за рушење на сите нелегално изградени платформи долж крајбрежјето, по бројните забелешки и укажувања на УНЕСКО.

Општина Охрид најави дека ќе се отстрануваат и платформите на плажите кои се наоѓаат во непосредна близина -  „Кадмо“ и „Бела Виста“. Наредните денови ќе се отстрануваат и платформите на крајбрежјето на потегот кон населбата „Канео“. На сите досегашни концесионери, според општината, им се истечени договорите за работа уште од 2017 година и изминатите години работеле на диво.

-повеќе на темата: Фирми без концесија „дебело“ заработувале од плажите на Охридското Езеро

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески неодамна најави дека ќе се отстрануваат платформите и објектите на плажите од каналот „Студенчишта“ кон „Горица 1“ кои се опфатени во Генералниот урбанистички план. Неколку дена потоа плажите останаа без струја, на што реагираа поранешните концесионери.Тие бараа да им бидат оставени објектите за работа до крајот на сезоната. Но, Георгиески е дециден дека е време да се реши урбаниот хаос на крајбрежјето. Според него, станува збор за фирми коишто со години наназад остварувале противправна корист и огромни приходи, граделе и узурпирале надвор од договорите за концесија на земјиштето.

Nordmazedonien I Abriss illegal errichteter Gebäude in Ohrid
Објектот „Куба Либре“ денеска беше прв на агендата за уривање. Фотографија: Daniela Trpcevska/DW

„Дел од нив иако имале договори за плажи работеле како ресторани и ноќни клубови и нелегално ги издавале под закуп. Истото тоа продолжиле да го прават и кога договорите за концесија веќе им биле истечени и не плаќале никакви надоместоци за наем и користење на земјиштето“, изјави Георгиески.

Незадоволство

Марјан Маловчев кој е дел од менаџерскиот тим на плажата, во изјава за локалните медиуми, вели дека плажата е изградена по сите проекти и дозволи од државата и од општината. „Во 2007 година ни дадоа проект како да изгледа плажата. Од тогаш до денес не е поместена ниту лево ниту десно. Плажата е по сите можни проекти и по сите дозволи од државата и општината. Ако им пречи платформата на УНЕСКО, ќе ја отстраниме. Но, за жал немаше никакво известување, никој ниту дојде да праша што се случува. Ние се обидовме да бидеме светла точка во угостителството. Досега сме работеле како што треба“, вели менаџерот на плажата Куба Либре.

-повеќе на темата: Има ли надеж за Охрид?

Досегашните концесионери на плажата „Куба Либре“ имале поднесено барање до Општината за одлагање на извршувањето, но не било постапено по истото. Тие тврдат дека и покрај тоа што им се истечени договорите за концесија ги плаќале сите обврски кон државата.

Според правниот застапник на „Куба Либре“, Михаил Кичеец, преземените активности на Општина Охрид не се во согласност со законот. Според него активностите започнале без претходно доставено решение за отстранување на објектот, како и дека процесот за јавно наддавање за закуп на плажите спроведен во 2018 година не е завршен и од таму не може да се каже дека објектите врз кои сега се постапува се нелегални.

Nordmazedonien I Abriss illegal errichteter Gebäude in Ohrid
Фотографија: Daniela Trpcevska/DW

Општината не попушта

Охридскиот градоначалник, пак, тврди дека адвокатите и менаџерскиот тим на фирмата поранешен концесионер на плажата „Куба Либре" добиле известување за отстранување на бесправните објекти во кои обавуваат угостителска дејност.

„Решението за отстранување на објектите е издадено уште во 2017 година, а последното известување за отстранување на објектите од страна на Општина Охрид е доставено до фирмата пред десетина дена. Јавноста преку медиумите, неколку пати до сега беше информирана за целиот процес на отстранување на објектите од плажите и до сега неколку пати беше потенцирано дека ќе се пристапи кон  отстранување на плажите во градската зона и дека нема да има никакава селективност во постапките“, вели тој.

Георгиески е дециден дека плажата „Куба Либре" работела без концесија и остварувала приходи на државно земјиште на штета на општината и државата. И покрај тоа што немале активен договор за концесија, непречено објавувале угостителска дејност, остварувале приходи и извршиле доградување и проширување на објектите со што узурпирале атрактивно земјиште од крајбрежјето и граделе платформи во езерото.

Дел од домашните туристи, на кои Охрид им е редовна викенд дестинација, реагираат дека станува збор за погрешна постапка пред сезоната, со оглед на тоа дека има неколку места во градот коишто би привлекле туристи, а Куба Либре е едно од нив. Стравуваат дека уривање на атрактивните објекти би можело да нанесе сериозна штета на туризмот годинава.  

Притиснати меѓу заканите Охрид да биде прогласен од УНЕСКО за загрозено подрачје, и желбата да се привлечат што поголем број туристи за време на летната сезона, надлежните уверуваат дека ќе ги ослободат плажите од нелегалната узурпација и дека ќе им ги дадат на слободно користење на посетителите. 

„Незаконско работење на плажите истече и бизнис интересите повеќе нема да бидат над законите и интересите на Охрид.Остануваме посветени на почитување на законите и исполнување на препораките на УНЕСКО за зачувување на Светското природно и културно наследство“, порачува охридскиот градоначалник.

Дивоградбите и УНЕСКО