1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и Русија се караат, Кина победува

З.Јордановски/фац/бц/дивелт22 јануари 2015

Балканот многу повеќе очекува од Азија, отколку од ЕУ или Русија. Грците презаситени од системот на клиентелизам и неодговорност и бараат промени. Поглед врз настаните преку избор од пишувањето на германскиот печат.

https://p.dw.com/p/1EP0K
Фотографија: DW/V. Medyany

„Фрустрацијата во некогашна Југославија расте. За седумте држави-наследнички ЕУ и Русија ја загубија привлечноста. Но, една надеж останува“, констатира во насловот и поднасловот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Во анализата се изнесени повеќе податоци за економскиот развој, од кој, како што се вели во текстот, „многумина жители се разочарани“.

По почетниот пад по распадот на Југославија, домашниот бруто-производ по глава на жител постојано расте, се укажува во текстот. Во Словенија по само 4 години било достигнато нивото на приходите од 1990. година. „Денес нивото е двојно повисоко - 21800 евра по глава на жител претставуваат 85 проценти од просекот во ЕУ, благосостојбата никогаш не била толку висока“. Хрватска за седум години го достигнала претходното ниво, а денес приходите се двојно повисоки. „Другите земји таму се многу посиромашни. Србија, која со 7,1 милион жители е најголема меѓу земјите-наследнички, според показателот за благосостојбата е на 36 проценти од просекот во ЕУ. Истото важи и за Македонија“. Во текстот е нагласено дека земјите што не се членки на ЕУ по 2007 година бележат пораст, „најсилно во Косово со 27 и во Македонија со 13 проценти“. Пренесена е експертска прогноза дека таму и во иднина се очекува пораст од 3 до 4 проценти, па се констатира: „Слично во Европа се развиваат само Литванија и Полска - но од многу повисока основа“.

„Поради евро-кризата и поради мешаните искуства со Романија, Бугарија и Хрватска, никој не смета на скорешно ново проширување на ЕУ кон Исток. (...) Во таа празнина се обидува да скокне Русија. (...) Но, економски Москва, со оглед на санкциите и паднатите цени на нафтата, нема многу што да понуди. (...) Во натпреварот меѓу ЕУ и Русија победува третиот: Кина. Пекинг се’ посилно ги привлекува земјите од Источна Европа и им помага, независно од нивно членство во ЕУ или од владеачката гарнитура“. „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ наведува дека Кина им навести на балканските земји кредити во износ од 13 милијарди долари, како и констатацијата на еден познавач на Балканот дека „Југоисточна Европа речиси и не очекува импулси од ЕУ и Русија, но дотолку повеќе, пак, од Азија“.

Грците не им веруваат на етаблираните партии

Во пресрет на неделните вонредни парламентарни избори во Грција, речиси нема весник во Германија кој не се занимава со разни аспекти на оваа тема. „По 5 години криза, остри мерки за штедење и посен биланс од реформите, на Грците им е преку глава“, оценува весникот „Ди велт“. „Тие веќе не им веруваат на етаблираните партии, дека наскоро се’ ќе се сврти кон подобро. (...) И, иако премиерот Самарас се фали дека наскоро земјата повторно самата ќе може да се снабдува со пари на финансиските пазари и ќе нема потреба од европската помош, Грците го загубија трпението. Тие сакаат нешто да се промени. Тие сакаат знак на надеж, копнеат по нов почеток“.

Griechenland Wahlen Januar 2015 Plakat Syriza
Изборите во Грција се меѓу водечките теми во печатотФотографија: Reuters/M. Djurica

„Подемот на Алексис Ципрас не може да се објасни, без ра се разбере нешто друго“, се вели во магазинот „Ди цајт“. „Грција веќе 4 децении е управувана од истите две партии. Местата во парламентот, така да се каже, се наследуваат; премиери беа синови или внуци на премиери. Социјалистичкиот Пасок и конзервативната Нова демократија беа навистина меѓусебно поврзани со срдечно непријателство. Но, заеднички го создадоа системот од клиентелизам и неодговорност, кој земјата ја одведе во амбис. Многумина, првенствено младите Грци, ништо не сакаат повеќе, отколку конечно да се ослободат од тие политичари“.

„Берлинер цајтунг“ смета дека Европа може да изгради односи со веројатниот иден премиер, левичарот Ципрас, но „стравува од симболичен шок-бран. Во Шпанија левиот популист Пабло Иглесиас со неговата партија Подемос одненадеж ги стресе етаблираните партии. Во Франција од протест се собира мноштво зад Мари Ле Пен. Колебливото европско постапување со економската криза остава последици: ерозија во центарот, пораст на маргините.“

Во однос на (не-)можното напуштање на еврозоната од страна на Грција, весникот констатира дека тоа „не е можно без разделба и од ЕУ“. Последиците сега би биле помалку драматични, „но симболичкото значење би било драматично. Европа која се рони? Тоа би било катастрофално пред можниот референдум во Велика Британија за останувањето во ЕУ. ЕУ би се свела на фитнес-клуб: секој доаѓа или си оди, како што му одговара. Така сите демонстрираат опуштеност. А сепак стравуваат од едно - ирационални непредвидливости“, заклучува „Берлинер цајтунг“.