1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: 25 илјади компании ќе стават клуч на врата?

Миша Ерхард
5 март 2021

Во компаниската инфраструктура има застој од фирми кои постојат благодарение на државна помош, но фактички се пред банкрот. Економските експерти сметаат дека има 25.000 такви фирми.

https://p.dw.com/p/3qEX8
Symbolbild wegen Insolvenz geschlossen
Фотографија: Fotolia/Markus Bormann

Финансиска помош според принципот „за сите исто“, без земање предвид на специфичностите - тоа беше и е стратегијата за амортизирање на проблемите од корона кризата. Но, тоа предизвика и непосакувани ефекти. Другата страна од паричката е што великодушната финансиска поткрепа само одложи постапки за стечај, кои, според стравувањата на економски експерти, би можеле да предизвикаат бран на банкротирања штом се затвори чекмеџето.

„Финансиската поддршка на здрави компании, кои поради локдаунот не по своја вина западнале во потешкотии, е апсолутно разбирлива”, сметаат експертите од Институтот за европски економски истражувања Лајбниц  (ЗЕВ) од Манхајм. Но, истиот пристап за сите „покрај директните трошоци од повеќе милијарди евра“ може да има и „негативни последици за среднорочните шанси за раст и развојот на продуктивноста во Германија”.

Времено укината обврската за отворање стечај

Покрај помошта од повеќе милијарди евра, владата во Берлин времено ја укина и обврската за отворање стечајна постапка. Вообичаено, кога настапува платежна неспособност компаниите се обврзани во рок од три недели да поднесат барање за започнување стечајна постапка. Поради пандемијата, владата во март минатата година привремено ја укина таквата обврска. Тоа првично важеше до септември минатата година, но потоа беше продолжено до крајот на 2020. Во видоизменета форма важи до крајот на април годинава: за компании кои поднеле барање за субвенции помеѓу 1 ноември и 31 декември и со таа помош би можеле да спречат банкрот.

Deutschland Pandemie BG l Kölner Innenstadt während Coronakrise, Lockdown
Празни улици, празни каси (фото: шопинг-зоната во центарот на Келн)Фотографија: Rupert Oberhäuser/picture alliance

Според студија на ЗЕВ, на тој начин е настанат застој на стечајни постапки кој би можел во скоро време да биде разрешен. Бранши кои се посебно погодени од кризата пријавиле за половина помалку стечајни постапки отколку што би можело да се очекува врз основа на податоците од претходните години. „Особено се забележува разликата кај микро претпријатија со помалку од 10 вработени, а опаѓа како што расте големина на компанијата”, вели Георг Лихт, прв човек на одделот за истражувања од областа на иновативна економија и компаниска динамика на ЗЕВ.

Според истражувањата на Лихт и неговиот тим, од редовите на таквите микро претпријатија се најголемиот дел загрозени од стечај. Експертите претпоставуваат дека станува збор за околу 25 илјади фирми, кои, кога ќе секне државната помош, ќе крахираат.

Погодени се пред се' фирми кои и пред короната биле во лоша состојба и финансиски лошо поткрепени. Кај компании со добар бонитет пред кризата не бил забележлив застој на стечајни постапки. „Затоа политиката треба да ја дели помошта дури по темелна проверка на околностите”, советува Лихт.

Повеќе:

Германската економија со пад од пет проценти во 2020

Германска економија: лоши времиња, добри времиња

Поради Ковид-кризата без работа или плата може да останат стотици милиони луѓе

Министерот за економија предмет на критика

Друг проблем е што многу фирми воопшто не дошле до финансиска поддршка. Во фокусот на критиката е министерот за економија Петер Алтмајер од ЦДУ.

Deutschland Berlin | Videokonferenz Corona-Wirtschaftsgipfel mit Peter Altmaier
Министерот за економија Петер Алтмајер на видео-конференција со претставници на околу 40 економски здруженија (16.02.2021)Фотографија: Andreas Mertens/BMWi/dpa/picture alliance

„Постојано расте бројот на компании кои не се задоволни од работата на министерот”, изјави Маркус Јергер, претседател на Сојузот на средни претпријатија.

Тие критикуваат дека патот до ветената поддршка е премногу бирократски и комплициран. Така, министерот од наводен спасител станал „погребувач на цели бранши”, се жали Јергер.

И други економски здруженија алармираат дека големи делови од ноемвриските и декемвриските субвенции уште не стасуваат кај компаниите. Анкета на Ифо институтот од Минхен покажа дека има простор за подобрување на економските политики во кризата. Во актуелниот економски панел речиси половина од испитаните економисти рекле дека се „повеќе незадоволни” (27%) или „многу незадоволни” (20%) од политиката. За панелот Ифо институтот и весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг на секои два месеца анкетираат професори по економија на германските универзитети. Политиката реагирала пребавно и нефлексибилно, ги сумира Никлас Потрафке резултатите од истражувањето. Тој е прв човек на Ифо центарот за јавни финансии и политичка економија. „Резултатите имплицираат дека во корона политиката има многу простор за напредок.”