Банкротираше Кембриџ Аналитика
3 мај 2018Фирмата за анализа на податоци „Кембриџ Аналитика“ на својата интернет-страница соопшти дека веднаш прекинува со работа поради тоа што се покажало оти бизнис-моделот веќе не е „рентабилен“. Претпријатието поднесло барање за инсолвентност. Со работа прекинал и концернот-мајка СЦЛ Елекшнс. „Поради бранот на медиумско известување, практично сите наши клиенти и доставувачи ни го завртеа грбот“, соопшти „Кембриџ Аналитика“.
Компанијата е уверена дека е предмет на голем број неоправдани обвинувања. Фирмата е изложена на „валкање“ за деловни практики кои не само што се легални, туку во сферата на политички и комерцијален онлајн-маркетинг се и натаму прифатени како стандард, тврди „Кембриџ Аналитика“.
Оваа фирма преку професор на Кембриџ добила податоци од милиони Фејсбук-корисници, собрани преку апликација за анкета. Притоа, во анкетата учествувале само неколку стотици илјади корисници. Остатокот биле информации за нивните Фејсбук-пријатели до кои апликацијата, според тогашното функционирање на онлајн-мрежата, имала пристап.
Повеќе:
- Скандалот со Фејсбук поголем отколку што се мислеше
- Дали Кембриџ Аналитика одиграла клучна улога во Брегзит?
Фејсбук во март призна дека „Кембриџ Аналитика“ во свои раце неправедно добила податоци од 87 милиони корисници и нив ги ставила на користење за кампањата за изборите во САД во полза на американскиот претседател Трамп.