1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден во налет, Сандерс пред капитулација

БГ /АП
11 март 2020

Иако признава дека е соочен со ненадминлив дефицит во трката за демократската номинација, Берни Сандерс ќе остане во кампањата во обид да наметне економски и социјални теми.

https://p.dw.com/p/3ZFiB
Präsidentschaftskandidaten Bernie Sanders und Joe Biden
Фотографија: Reuters/J. Ernst

Економската нееднаквост и социјалната заштита се темите кои Берни Сандерс сака да му ги наметне на ривалот Џо Бајден пред да се прости од трката за претседателската номинација на Демократската партија во САД.

Во последните две недели Сандерс ја загуби почетната предност која ја имаше над Бајден, а поразите во шест држави во вторникот расте и притисокот врз него од партијата да се повлече од трката и да овозможи таа да се обедини околу еден кандидат во обидот да се порази актуелниот претседател Доналд Трамп во ноември.

„Иако нашата кампања победи во идеолошката дебата, ние ја губиме дебатата околу шансите за избор“, изјави денеска Сандерс, алудирајќи на мнозинското мислење меѓу демократите дека Бајден има подобри шанси да го победи Трамп.
Сандерс вети дека на дебатата закажана в недела планира да го притисне Бајден да одговори како мисли да го реши проблемот на милиони Американци кои немаат здравствено осигурување, кривичен систем кој нефер ги таргетира и казнува малцинствата и како да се подигне минималната плата на сојузно ниво.
Но потоа, желбата на демократите да го победат Трамп може да му ги помати сметките. Доколку Сандерс наскоро ја напушти трката ќе им заштеди на демократите повеќемесечна хаотична и скапа битка. Но доколку замине прерано ќе им ја одземе шансата на најстраствените поддржувачи, повеќето млади луѓе, да го гледаат човекот кој ја олицетворува драматичната промена на која се надеваат.

Сандерс има далеку поголема поддршка меѓу младите гласачи на возраст до 30 години, за разлика од Бајден кој повеќе е концентриран на постарите, но не успеа да ги доведе во поголем број на гласачките места.

Пред четири, под сличен притисок во трката против Хилари Клинтон, Сандерс се месеци не се откажуваше, но на крајот и даде подддршка на Клинтон во јули. Сандерс постојано инсистира дека тој и Бајден се пријатели и дека на крајот тој ќе го поддржи доколку биде избран од партијата. Но во моментов, не е подготвен да го стори тоа.