1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден го предупредува Путин, Путин го предупредува Бајден

Кристијан Валц
31 декември 2021

Претседателите на САД и на Русија повторно имаа телефонски разговор околу украинскиот конфликт, повторувајќи ги секој старите ставови. Западот може да направи „колосална грешка“, смета Москва.

https://p.dw.com/p/4517o
USA Russland Putin und Biden
Фотографија: AFP

Американскиот претседател Џо Бајден повторно го предупреди својот руски колега Владимир Путин од инвазија врз Украина.  САД и нивните сојузници во таков случај ќе дадат  решителен одговор, изјавил Бајден во телефонскиот разговор со Путин, според информации од Белата куќа од Вашингтон.

Истовремено кај САД постои и спремност за воведување тврди санкции против Москва, а присуството на НАТО во источните земји-членки би било дополнително зајакнато. Украина би можела да смета на дополнителна помош, вклучувајќи и таква за нејзината војска. Но, САД се надеваат дека Кремљ ќе појде по патот на деескалација.

Путин пак, според информации од Кремљ, предупредил од воведување драстични санкции кон Русија, тоа би била „колосална грешка“, пренесе Јури Учаков, советник за надворешнополитички прашања на рускиот претседател, по околу 50-минутниот разговор на двајцата джавници.

Кремљ и натаму демантира наводни планови за напад врз Украина. Разместувањето руски војници во близина на границата со  Украина во изминатите недели предизвика загриженост кај Запад. Раководството на Украина со години е конфронтирано со вооружен бунт на проруските сепаратисти во источниот дел од земјата.

Бајден и Путин разговарале и околу планираните преговори на двете земји на 10 јануари околу  безбедносните гаранции  кои Путин ги побара од Западот, меѓу кои и откажување од проширување на  НАТО кон Исток.

На средбата во јануари мора да дојде до резултати, потенцира Путиновиот советник Учков. Портпаролката на Бајден, Џен Псаки пак порача: „Значајни напредоци во овој дијалог можат да бидат постигнати само во услови на деескалација, а не на ескалација“.

Кај двете страни постои оптимизам дека разговорите во јануари можат да придонесат кон олабавување на односите.