Бајден и Харис - ветувачка комбинација
19 август 2020На почетокот беа противници. Двајцата сакаа да станат кандидати на Демократската партија за претседател на САД. На крајот на јуни 2019. година, веднаш во првата телевизиска дебата, Џо Бајден и Камала Харис се конфронтираа меѓусебно. Сенаторката од Калифорнија го критикуваше поранешниот заменик-претседател поради неговата политика во текот на 70-те години. Тогаш Бајден бил сенатор во сојузната држава Делавер. „Тој во тоа време соработуваше со американските сенатори чија желба беше спречување на интеграцијата на учениците со црна и бела боја на кожата", изјави Харис. Таа, наведе, била едно од тие деца.
Џо Бајден тогаш јасно се определил против можноста окрузите да пропишат „бусинг" – тоа значело дека локалните власти можеле да одредат црните деца со автобуси да бидат префрлани во училишта кои се наоѓале во богатите квартови на белците. Харис, која со таков автобус била пренесувана во училиште, му порача на Бајден: „Ако јас во тоа време бев во Сенатот, ќе стоевме на целосно спротивни страни."
Повеќе:
Мишел Обама остро го нападна Трамп
Трката за Белата куќа ни оддалеку не е одлучена
САД: Камала Харис- храбар избор
Доналд Трамп е во криза, но изборите се далеку
Американските медиуми исцрпно се занимаваа со размената на вербални удари, која на крајот сепак беше само размена на мислења. А таа не го запре Џо Бајден да ја избере Камала Харис за своја заменичка во предизборната кампања. Напротив, Бајден со својата одлука можеше да покаже дека не се плаши од критики и не бара слепа лојалност, за разлика од републиканскиот кандидат и актуелен претседател Доналд Трамп.
На иста политичка линија
Иако Бајден и Харис на прв поглед немаат многу заеднички нешта, кога станува збор за нивната политичка програма тие се хармонична двојка. Нивните теми се класични: економија, заштита на природата, образование и социјална правда. Со доволна дистанца кон радикалните и прогресивни идеи како на левицата, така и кон конзервативните Републиканци на десната страна, со што се обраќаат веројатно на пошироки слоеви на населението.
Комбинацијата Бајден/Харис им се допадна на бројни демократи дури и тогаш кога калифорниската сенаторка и самата сакаше да биде номинирана за претседателска кандидатка. Пратеникот Лејси Клеј од Мисури, на пример, уште во мај минатата година за магазинот „Политико" изјави: „Тоа би бил билет од соништата!" Ваквото мислење не беше осамено. Жена со црна боја на кожата како претседателска кандидатка за многумина беше незамисливо, но сепак пожелно како противтежа на Бајден. Исто така голем број избирачи не беше одушевен од Бајден, но нивното мислење со Харис покрај него се промени.
Урамнотежена двојка
Двајцата кандидати претставуваат подеднакво искуство и традиција: 77-годишниот Бајден и 55-годишната Харис, со нејзините индиско-јамајкански корени, имаат алтернативна перспектива која уште недостига во политиката, зашто припадници на етничките малцинства и натаму се поретки на политичките функции отколку Американците со бела боја на кожата. Овојпат се претставени менталитети на два различни региони. Бајден го поминал детството и адолесцентскиот период во Пенсилванија и Делавер на Источниот брег, како дете на семејство кое постојано се трудело да не испадне од средната класа. Харис, ќерка на имигранти, израснала на Западниот брег, во Калифорнија. Нејзината мајка од Индија и татко од Јамајка се запознале на демонстрации против војната во Виетнам. Двајцата студирале право, а додека Бајден рано влегол во политиката, Харис прво направила кариера како адвокат пред својата функција на државен обвинител во Калифорнија да ја замени со место во американскиот Сенат.
Но, до тогаш патиштата на Бајден и Харис веќе се вкрстиле. Синот на Џо Бајден бил државен обвинител во Делавер и во 2011 година соработувал со Харис за да ги изведе банките пред лицето на правдата поради кризата со недвижности. Џозеф Бо Бајден почина во 2015 година од тумор во мозокот, но неговиот добар однос и високо мислење за способностите на Харис влијаеле на одлуката на Џо Бајден за заедничка кандидатура.
Камала Харис докажа дека е добар говорник и знае вешто да аргументира во дебатите. Нејзина задача, меѓу останатото, ќе биде да му го штити грбот на Бајден и да пресретнува критики. Тој, од друга страна, со довербата кон Харис отвора врата која можеби во иднина ќе им остане отворена на малцинствата. Тој е свесен за симболичката сила на својот избор.