БЕГ остана без лиценца
20 јуни 2022Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за престанок на лиценцата за парно греење на Балкан Енерџи(БЕГ) во Скопје. За ваквата одлука ќе биде информирана Владата, која заедно со Министерството за економија, ќе може да организира јавен повик за избор на нов оператор за производство на топлинска енергија.
Претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски, очекува роковите да бидат куси за да може брзо да се организира топлинското загревање на станови и фирми во Скопје.
Ваквата одлука се донесе откако беше побарано престанок на важење на лиценцата поради неможноста за понатамошно нормално функционирање, кредитна неспособност на БЕГ и неможност да ги обезбеди потребните финансиски средства за продолжување на работата во новата грејна сезона. Градот Скопје не сака да ја преземе обврската за затоплување на градот, поради што министерот за економија Крешник Бектеши најави дека лиценцата на БЕГ ќе оди на тендер, а доколку не се јави ниту една приватна компанија, управувањето со производството на топлинска енергија ќе го преземе ЕСМ.
Надлежните уверуваат дека скопјани нема да имаат последици од одлуката.
„Имајќи ги предвид искуствата на други градови од бивша Југославија, оваа дејност ја вршат компании во државна сопственост или во сопственост на општините и градовите, како Љубљана, Белград, Нови Сад, Сараево… Ако ме прашувате мене лично, оваа дејност треба да ја врши компанија во државна сопственост, затоа што Градот Скопје не покажа интерес да се бави со оваа дејност“, вели Бислимоски.
Во случај да снема природен гас од Русија, Северна Македонија е способна да најде природен гас од други места, како на пример од Грција преку Бугарија, како и да се користат алтернативни горива како мазут или дизел, вели Бислимоски.