Бегалци кои го сменија светот
Новиот претседател на САД го ограничи влезот за бегалците во земјата. Многу поранешни бегалци станаа светски познати музичари, актери, политичари или научници.
Алберт Ајнштајн
Познат по неговата Теорија за релативноста, германскиот Eвреин, добитник на Нобелова награда, Алберт Ајнштајн, бил во посета на САД во 1933. година кога му станало јасно дека не може да се врати во нацистичка Германија. Во една прилика тој напишал дека се чувствува како „привилегиран од судбината“ што живеел во Принстон, но речиси бил „засрамен што живеел во таков мир, додека останатите страдале“.
Марлен Дитрих
Германската пејачка и глумица Марлен Дитрих веќе беше ѕвезда и живееше во САД, кога го доби американското државјанство во 1939. година и ѝ сврте грб на нацистичка Германија. Проминентната бегалка говореше против Хитлер и настапуваше за војската на САД за време на војната. Истовремено, нејзините филмови беа забранети во Германија. Но таа кажа: „Родена сум како Германка и засекогаш ќе бидам тоа.“
Хенри Кисинџер
Професор на Харвард и авторитет во областа на меѓународните односи-Кисинџер беше 56-от државен секретар на САД и одигра клучна улога во обликувањето на надворешната политика. Во 1938. година, Хенри Кисинџер, роден во Баварија, избега од Германија за да не се соочи со прогон од нацистите. Чувствата кон татковината останаа исти: „Германија никогаш не престана да биде дел од мојот живот“, изјави тој.
Медлин Олбрајт
Родена во денешна Република Чешка, Медлин Олбрајт и нејзиното семејство дојдоа во САД во 1948. година кога комунистите ја презедоа власта во нејзината татковина. Таа почна да се занимава со политика и стана највисоко рангираната жена во владата на САД: Медлин беше првата жена државен секретар на САД (1997-2001).
Џорџ Вајденфелд
Роден во Виена во 1919. година, лордот Џорџ Вајденфелд бил британски Евреин и издавач. Тој емигрирал во Лондон по анектирањето на Австрија од страна на нацистите. Бил соосновач на издавачка куќа и работел во кабинетот на првиот претседател на Израел. Го финансирал спасувањето на христијаните од Сирија и Ирак. „Не можам да го спасам светот... но имам долг за отплаќање“, се неговите зборови.
Бела Барток
Унгарскиот композитор, виртуоз на пијано и колекционер на народна музика, Бела Барток, иако не бил Евреин, се спротивставил на подемот на нацизмот и прогонот на Евреите. Во 1940. година тој се преселил во САД. Тој еднаш изјавил: „Мојата главна идеја е братство на луѓето, над сите конфликти“.
Милош Форман
Иако веќе бил познат режисер во татковината, тој ѝ го свртел грбот на Чехословачка и се преселил во САД по Прашката пролет во 1968. година. Подоцна, Милош Форман режираше два меѓународно познати филмови, кои освоија Оскар.
Изабел Аљенде
Чилеанскиот претседател Салвадор Аљенде беше насилно симнат од власт со пучот од 1973. година. Ќерката на неговиот братучед, Изабел, избегала во Венецуела откако почнала да добива смртни закани. Таа подоцна се сели во САД. Нејзините романи се меѓународно признати класици на магичниот реализам, како „Куќата на духовите“ и „Ева Луна“.
Мириам Макеба
Мириам Макеба беше на турнеја во САД, кога властите во Јужноафриканската Република ѝ го поништија пасошот поради нејзино учество во кампањата против апартхејдот и подоцна ѝ забранија да се врати во државата. Нејзината песна „Пата пата“ беше светски хит во 1967. година. Легендарната пејачка живееше во САД и Гвинеја пред повторно да може да се врати во сопствената земја, една деценија подоцна.
Седечки бик
Лидерот на Сијуксите, Татанка Ијотаке – Седечки бик е еден од најпознатите поглавари на домородните Американци во историјата. Неколку години од животот ги поминал како бегалец во Канада, каде што заминал во 1877. година. Во 1881. година се враќа во САД, каде првично бил затворен, по што бил ослободен и вратен во резерват.
Невен Суботиќ
Како и неговиот колега, Ведад Ибишевиќ од Херта Берлин, играчот во Бундеслигата, Невен Суботиќ побегна од војната во БиХ како дете. Свесен за тешките животни услови, Суботиќ во 2012. година основа фондација за помош на луѓето во најсироманите делови на светот и пристап до чиста вода.