Бедна претстава на ЕУ
8 март 2016Победите изгледаат поинаку, особено ако на неколку дена пред покраинските избори ти се потребни силни наслови од типот: Бегалската криза е завршена! Ангела Меркел мора да се задоволи со одлагање и новата понуда од Турција за прифаќање на сите илегални бегалци со половина срце да ја продаде како „пробив“. Кога си во изборна кампања „квалитативен напредок“ и не е некој адут. Но, по 12-те часа преговори во Брисел и не можеше да се очекува повеќе. Зашто, турскиот предлог дојде пребрзо, премногу детали останаа отворени.
Што и да направи Меркел не чини?
И овојпат источноевропските земји беа тие кои испровоцираа судир, затоа што наводно биле изненадени и немале време да размислат за предлогот кој наводно бил мотивиран од Германија. Иако германската канцеларка тоа го демантираше, дел од владите во Европа во меѓувреме насекаде гледаат нејзино влијание и веќе поради самото тоа се поставуваат во позиција - контра. Унгарија повтори дека не се согласува со директно префрлање на Сиријците во Европа, Будимпешта не попушта во својата борба против „туѓото“.
Она што турскиот предлог го немаше е пред сѐ датум кога може да почне ветеното прифаќање во Турција на сите новодојдени бегалци од Грција. И, се разбира, на некои земји цената за тоа им е превисока. Уште еднаш да се платат три милијарди евра за сириски бегалци кои живеат во Турција? Патување без визи кое би почнало веќе за три месеци? Забрзани преговори за приклучување? За секој од овие аспекти имаше задршки. Притоа, сите се единствени дека Европа треба да се затвори најбрзо што е можно за нови бегалци. Австрија и балканските држави сметаат дека затворената граница кон Македонија е соодветно средство. Тоа функционира и без да им се прават натамошни отстапки на Турците.
Крај на вредностите
Она што на овој самит недостигаше беше дебата за тоа како може да се впуштите во пазарење со Турција, која провокативно ја гази слободата на печатот? Во таков случај преговорите за приклучување треба да се запрат веднаш и не може да бидат успешни. Освен ако овој критериум не се тргне набрзина од каталогот со основни насоки и вредности на ЕУ. Тоа може и да се очекува од ЕУ, која е толку желна да постигне „дил“ со кој би ѝ се тргнале од врат бегалците. Во секој случај, критиката на сметка на кандидатот за приклучување Турција поради антидемократските напади и повреди на човекови права беше толку воздржана, како што е секогаш воздржана во однос на Кина. Вредностите во ЕУ на дневен ред доаѓаат само в недела, кога не се одржува самит.
Исто толку брзо и темелно беше закопана и хуманоста. Ниту збор за тоа што ќе се случи со очајните луѓе кои се заглавени во Идомени. Ниту збор за тоа дека Турција може да се смета за безбедна трета држава само во определена мерка. Таа во секој случај не е правна држава, и тоа само што го докажа.
Значи, таа и натаму избеганите Ирачани едноставно паушално ќе ги враќа преку граница во насока на Мосул? Ќе ги транспортира Авганистанците во насока на Кабул, а дома без многу врева ќе ги враќа и Иранците?
Во Германија постои право на проверка на индивидуалните причини за бегство, а ЕУ е генерално обврзана да ја почитува Женевската конвенција. Сето ова е сеедно кога во меѓувреме единствена цел стана - бројот на бегалци да се сведе на нула. Му се приближуваме на идеалот на сите десни популисти - тврдина Европа. Откако прими само еден милион бегалци, ЕУ веќе е во кавга за својата иднина, подготвена е на секаков валкан „дил“ со Турција и на своите граници крева огради. Тоа во секаков поглед е бедна претстава.