1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безглавите Грци го загрозуваат единството на ЕУ

Бернд Ригерт/превод:БГ29 јануари 2015

Првиот потег на Алексис Ципрас предизвика голема загриженост во ЕУ. Нарушувањето на надворешно-политичкиот консензус за да се натера Брисел да попушти за финансискиот пакет е погрешна стратегија, смета Бернд Ригерт

https://p.dw.com/p/1ESTp
Фотографија: picture-alliance/dpa

Новиот грчки премиер се движи со огромна брзина. Само неколку часа по формирањето на владата, Алексис Ципрас ја започна првата кавга со остатокот на ЕУ. Тој не сака да ја потпише заедничката декларација на шефовите на држави и влади на ЕУ за зајакнување на санкциите кон Русија поради војната во Украина. Дали се работи за почетничка грешка или за сериозна политичка стратегија на радикалната левица Сириза? Обете се еднакво опасни.

Не може да се исклучи дека новата влада во Атина не била запознаена со процедурата на пишан консензус за брзо донесување одлуки меѓу 28-те земји-членки. Или можеби писмото од Брисел во кое се барало одобрување на санкции заталкало некаде меѓу новите министерства? Се смета дека членките кои нема да изразат согласност по одредено време, имплицитно го прифаќаат истото. Тоа е правило меѓу 28-те членки, и нешто што новата влада во Атина треба брзо да го научи.

Deutsche Welle Bernd Riegert
Бернд Ригерт

Обидот на Алексис Ципрас во телефонски разговор со првата ЕУ дипломатка, лично да се пожали поради непочитувањето на Грција е политички калкулиран потег. Ципрас го раскинува досегашниот надворешно-политички консензус за да изврши притисок за сопствените интереси. Само доколку ЕУ се согласи на подобри услови за финансиската помош за грчкиот буџет, Грција ќе ја прифати политичката одлука на ЕУ. ЕУ зависи од консензусот не само по прашањето на санкциите, туку и во однос на трговските и буџетските прашања. Очигледно, тука постои голем потенцијал за уцени. Со неговата одлука експресно да го отвори овој конфликт пред јавноста, Ципрас ја става топката во дворот на останатите ЕУ-членки. Помудро ќе беше прво да се побараше интерно решение за спорот. Сега, Русија прима порака дека е лесно да се предизвикаат поделби во ЕУ.

За време на изборната кампања, Ципрас ги критикуваше острите санкции кон Русија. Некои членови на Сириза имаат блиски врски со Москва. Досега, едногласниот став на Европа во однос на руската агресија е едно од најсилните оружја на ЕУ во конфликтот во источна Украина. Новата грчка влада го минира тој консензус, и тоа може да ја фрли ЕУ во голема политичка криза.
ЕУ одсекогаш се соочувала со уцени од земји-членки кои ги туркале сопствените економски интереси. Многу влади го користеле тој инструмент во рамките на ЕУ, но разлика е што Алексис Ципрас делува од акутно очајна економска состојба и нема сојузници во ЕУ. Неговото однесување е невешто и непрофесионално. На Грција и е потребна ЕУ, и затоа се потребни напори за постигнување консензус и хармонија. Во најмала рака, на првиот следен самит за две недели, другите шефови на држави и влади треба да му го покажат вистинското место на бунтовниот револуционер. Не би штетело и доколку канцеларката Ангела Меркел телефонски поразговара со новиот провокатор во Атина.