1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бели марамчиња за селекторот

5 август 2020

Ако ВМРО-ДПМНЕ не формира влада тоа ќе значи уште еден пораз за актуелното раководство. Во таков случај треба веднаш да се случи мирна и демократска промена на раководството. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/3gQul
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

На стадионите во Шпанија има една непишана традиција според која доколку навивачите на клубот за време на натпреварот помеѓу публиката извадат бели марамчиња, тоа значи дека бараат тренерот или селекторот да си оди. Ова се случува секогаш кога нивниот омилен тим почнува да губи во низа. Затоа и постои оваа традиција преку која страсните навивачи на еден симболичен начин му порачуваат на тренерот или селекторот да си оди. Да си замине и него да го замени некој друг кој ќе носи победи на нивниот омилен тим. Ова во никој случај не значи дека навивачите се предаваат или се откажуваат од својот омилен тим, туку напротив, го прават тоа за да престанат да губат и да почнат да победуваат. Затоа што тоа е смислата на спортот. Не да учествуваш, туку да победуваш. Она, важно е да се учествува е обична утеха и изговор за лузерите. Ништо повеќе.

Слично како во фудбалот, така и во политиката постојат многу страсни навивачи кои секогаш се дванаесеттиот играч на стадионот. Гласно го бодрат својот тим, влегуваат во вербални расправии за својот тим, а оние кои се хулигански настроени влегуваат и во физички пресметки за својот тим. Често и го пцујат сопствениот тим и нивните омилени играчите кога ќе промашат или погрешат, но тоа не значи дека се откажале од својот омилен тим. Членовите и поддржувачите на партиите за време на изборите се однесуваат многу слично како фановите на клубовите за време на натпреварите. Некои работат активно на терен (во штабовите и преку прес конференции), а други се пасивни набљудувачи кои се радуваат на секој даден гол (гласаат за својата партија на денот на изборите). И без едните и без другите не се може. Важни се сите кои го поддржуваат омилениот тим (својата партија).

Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Претседател-малер!

Кај нас во ВМРО-ДПМНЕ сите навивачи се страсни навивачи. Сите го обожаваат својот тим (својата партија) и се пресреќни кога партијата ќе победи, но и се тотално депримирани и потиштени кога ќе загуби. Тоа е тој јужњачки менталитет, тоа е таа емоција која е карактеристична за топлите народи.

За жал, со ова раководство и под селекторската палка на актуелниот прв човек, ВМРО-ДПМНЕ губи во низа.  Актуелниот прв човек на партијата пред да го преземе кормилото беше втор човек во партијата на позицијата генерален секретар. Факт е и дека пред тој да ја преземе позицијата втор човек во партијата ВМРО-ДПМНЕ победуваше. ВМРО-ДПМНЕ победуваше уште од локалните избори во 2005 година кога добар дел од актуелново раководство на ВМРО-ДПМНЕ беше во друга или други партии кои учествуваа на изборите и се бореа против нас. Посебно во 2005 и 2006 година кога беше најтешко. Ние и тогаш и сега смета(в)ме дека партијата и државата треба да го задржат евро-атлантскиот курс, а некои други за жал мислеа поинаку. Тоа се истите тие луѓе...

Други колумни од авторот:

-Обединување под нови постулати

-Црвените линии на македонизмот

-Зошто да не?!

И јас, но и многу мој искрени сопартијци имаме чувство како актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ да и носи малер на партијата. Стана ГенСек на партијата и прв пат после 12 години загубивме. Беше носител на листа на советници за град Скопје во 2017 година и загубивме катастрофално. Стана претседател на партијата и повторно загубивме, овој пат на претседателските избори. Истовремено загубивме на локалните избори во Охрид и во Ново Село. Замислете во Охрид и во Ново Село победивме за претседателските избори, а изгубивме на локалните избори кои се одржаа истиот ден.

Ова значи дека имало поголем број на гласачи кои истиот ден гласале за ВМРО-ДПМНЕ за претседателски избори, но гласале против ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори. Поразите продолжија, па потоа со истиот тој претседател, овој пат како шпицен кандидат (кандидат за премиер) изгубивме на најважните избори, на парламентарните избори. Тој како претседател беше и шпицен кандидат и претседател на републичкиот изборен штаб, кој штаб како и да не постоеше. Одржале еден или два состаноци и мислеа дека победата сама ќе си дојде зашто СДСМ бил катастрофа. Ама ништо не доаѓа така во животот. Тоа или го заборавиле или не го знаеле бидејќи секогаш некој друг им сервирал се на тацна.

Научени на пораз

За разлика од нас останатите, овие луѓе од актуелното раководство како да се научени да губат. Единствената победа која актуелниот претседател ја има остварено е победата на партискиот конгрес во Валандово кога се бореше и победи против замислен противник. Немаше против кандидат и затоа победи. Ако тогаш имаше сериозен или било каков кандидат мислам дека и тогаш ќе загубеше. Затоа и немаше. Можеби и затоа е чувството како човеков да и носи малер на партијата, како да има нешто во неговиот менталитет што постојано води кон пораз. Од победничка, ВМРО-ДПМНЕ ја претвори во губитничка партија. Ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ губи во низа и секогаш за поразот сé некој друг им е виновен.

Сега во тек е уште една многу важна битка (ако не и најважна) за тоа кој ќе состави влада. Еве од мене и покрај сите досегашни порази, една јавна поддршка ВМРО-ДПМНЕ да состави влада. Ако состави, јавно ќе му честитам, ќе се извинам на актуелното раководство и веднаш ќе заборавиме и ќе им простиме за сите досегашни порази. Но ако и во оваа битка не успее, дополнително ќе се потврди сето ова што го пишувам за малерот што го носи и губитничкиот менталитет кој го следи. 

Nordmazedonien Wahlen irstijan Mickovski Wahlkampf
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Да завршам како што ја започнав оваа колумна. Кажано со спортски жаргон еден добар дел од играчите кои победуваа некој одлучил наместо на терен да седат на трибините. Во ред и тоа некогаш е потребно, па тоа го прифативме. Сега кога постојано губат, сакаат да не убедат и наклеветат дека за поразот не се виновни тие што играле на теренот, туку публиката која не навивала доволно гласно. Тоа што имаа три пенали, па топката неместо во празниот гол ја шутнаа во чафките или како што би рекол Младен Делиќ, познатиот коментатор од бивша Југославија „Небу под облаке“,  тоа исто така не било нивна грешка туку било предизвикано од публиката. Тоа што секогаш кога ќе им досудеа пенал, наместо да поентираат му маваа шамар на судијата, повторно не е нивна грешка.

Тимот што губи треба да се смени

Затоа публиката ги извади белите марамчиња и бара селекторот да си замине, за да дојде друг селектор кој нема постојано да губи, кој има победнички менталитет и кој повторно ќе победува. Затоа што тимот што губи се менува. Ако ВМРО-ДПМНЕ не формира влада на сите ќе им биде јасно дека актуелното раководство прокнижило уште еден пораз и тогаш ако има останато барем малку чесност и честитост кај раководството тогаш треба веднаш да се случи мирна и демократска промена на раководството, без поделби и внатрешни политички судири со цел ВМРО-ДПМНЕ брзо да се врати на евро-атлантските постулати како модерна европска центар десна партија базирана на инклузивност, а не на исклучивост, поставена на модерни постулати на умерениот патриотизам, целосно ослободена од екстремниот национализам, радикализам и популизам. Во спротивност никогаш нема да мрдне од два пати по ред освоените околу 315.000 гласови.

Целта не треба да биде за ВМРО-ДПМНЕ да гласаат само партиските членови, нивните семејства и традиционалните поддржувачи, туку неопходно е да се отвори и повторно да си ги придобие гласовите од неопределените гласачи. Само со нивните гласови и поддршка може да победува. Ако вака остане или ако почне да се цепка и војува меѓусебно, за жал ќе продолжи да си губи и да се ситни, а СДСМ ќе си го негува актуелново раководство, ќе си победува и владее.