1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белорусија во каша

15 јуни 2011

Белорускиот претседател Александар Лукашенко не може да излезе на крај со економската мизерија. 20 години по прогласувањето независност, Белорусија е пред банкрот. Се бара сламка за спас, а Кина веќе одобри кредит.

https://p.dw.com/p/11aYO
Фотографија: Bymedia

Кина на високозадолжената Белорусија и‘ одобри кредит за инфраструктурни проекти во висина од 731 милиони. Владата во Минск соопшти дека со парите од кредитот ќе биде изградена фабрика, ќе се реновира автопат и ќе се електрифицира железничка линија. Помошта од Кина доаѓа во време кога Белорусија е потоната во длабока економска криза. Планското стопанство на авторитарниот претседател Лукашенко не дава резултати. Рубљата вртоглаво губи на вредност, цените на прехранбените намирници растат, а други производи речиси и нема да се купат.

Вредноста на рубљата паѓа
Вредноста на рубљата паѓаФотографија: Anatolij Pavlov

Земјата го замоли и Меѓународниот монетарен фонд за помош, но досега без успех. ММФ вели дека прво сака да види јасен план за решение на кризата. На почетокот на месецов, Русија и четири други поранешни советски републики одобрија кредит за Белорусија во висина од три милијарди долари, со рок на исплата од три години. Условот што го постави Москва гласи - важните претпријатија во Белорусија мора да се приватизираат.

Лукашенко се заканува дека ќе ги „претепа“ опозиционерите

Во меѓувреме, американскиот претседател Барак Обама, ги продолжи санкциите на неговата земја против Белорусија за една година. Во декретот Обама го осудува насилното постапување на белоруското раководство против опозиционерите по контроверзните претседателски избори во 2010 година. По изборите се уапсени голем број противници на режимот на Лукашенко. Обама соопшти дека тоа покажува оти таа земја назадува во поглед на демократијата и човековите права. Дел од санкциите против владата и други белоруски граѓани се замрзнувањето на банкарски сметки и забрана за влез во САД.

Александар Лукашенко се заканува
Александар Лукашенко се закануваФотографија: AP

На активистите кои преку интернет повикуваат на протести во Белорусија, Лукашенко вчера (14.06) им се закани дека ќе ги „претепа“. Опозицијата преку социјални мрежи повикува на протести во Минск, а претседателот за државната телевизија изјави: „Внимателно ќе набљудувам и потоа ќе ги претепам така да ќе немаат ниту време да бегаат преку граница.“

Автор: Кристоф Кобер/ афп/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски