Бербок бара побрза ЕУ-интеграција на Западен Балкан
2 јули 2022Не смее да се губи уште време во напорите за интеграција и приближување до Европската унија на земјите од Западен Балкан, изјави шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок по разговорите со новата словенечка министерка за надворешни работи Тања Фајон во Берлин.
„На Балканот не смее да се создаде 'ниша' во која би се сместила Русија или други актери', изјави Бербок. „Западниот Балкан географски е среде ЕУ. Мораме во нашата средина конечно да ги донесеме и луѓето од Западниот Балкан“, побара германската министерка. Таа оцени дека ЕУ морала одамна да ги исполни своите ветувања за отворање преговори за приклучување,особено кон Северна Македонија и Албанија: „Тоа е во наш стратешки интерес и е прашање на веродостојноста“, смета Бербок.
Шефицата на германската дипломатија пред два дена оцени дека „Северна Македонија не смее да ја пропушти можноста“ која ја нуди францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија. „Искористувањето на оваа можност е од огромен стратешки интерес за ЕУ и за Северна Македонија. Сега е време да тргнеме напред“, напиша Бербок на Твитер.