Берлин демантира дека Меркел го критикувала Макрон
26 ноември 2019Во основа не се известува од доверливи разговори, изјави портпаролот на владата Штефен Зајберт вчера во Берлин, одговарајќи на прашањето дали може да ги потврди соодветните информации објавени во американскиот весники „Њујорк Тајмс“. Но, Зајберт додаде: „Во сеќавањата на германската канцеларка на оваа вечер, нема ниту поплаки, ни лутина, ниту спор“.
Американскиот весник без да цитира извор, напиша дека Меркел во разговорот со Макрон на заедничката вечера кај германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на 10 ноември во дворецот Белви изјавила дека е веќе изморена да го собира кршот кој францускиот претседател го остава зад себе. Секогаш одново, рекла Меркел, таа мора да ги лепи чашите кои Макрон ги скршил за да можат повторно да седат заедно и да пијат чаша чај. Причината за ваквата критика на Меркел, пишува „Њујорк Тајмс“ била забелешката на Макрон дека НАТО е „клинички мртов“ но и неговото отфрлање на почетокот на преговорите за членство во ЕУ на западнобалканските земји, Северна Македонија и Албанија.
Портпаролот на германската влада Зајберт за сеќавањата на Меркел од таа вечер со Макрон уште изјави: „Она што се случуваше таму беше прекрасна рунда во која во прв ред стануваше збор за настаните и одлуките од пред 30 години кои водеа кон повторното обединување на Германија. Освен тоа, стана збор и за честопати различни политички пристапи на Германија и на Франција кон темите и предизвиците, како и за фактот дека ние секогаш бараме и наоѓаме заеднички решенија.“ Според Зајберт такви биле „содржината и духот на оваа вечера“.
Канцеларката Меркел инаку ги отфрли изјавите на францускиот претседател уште три дена пред посетата на Макрон на Берлин, на маргините на посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на Берлин. Гледиштето на Макрон не е нејзино, рече таа тогаш, додавајќи: „Ваквите коментари не се неопходни, дури и ако имаме проблеми, дури и ако мора да се присобереме“.
Зајберт, осврнувајќи се на фактот дека Макрон на неодамнешниот самит на ЕУ го спречи отпочнувањето на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија, истакна дека секогаш одново има различни политички пристапи од Берлин и од Париз за поедниечни предизвици. „Тоа е во природата и на многу различната политичка култура на нашите две земји.“ Но, „секогаш се прави обид - и тој е речиси секогаш успешен - да се најде заднички пат, да се најде заедничко решение“, истакна Зајберт.