1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлинска рунда на победници и еден губитник

28 септември 2009

Меркел-задоволна, Вестервеле-во триумф, Штајнмаер-губитник: во ваква светлина протече вчерашната дискусија на политичките лидери по изборите.

https://p.dw.com/p/JqN0
Меркел иден канцелар и на сите, па и на оние кои не гласале за ЦДУФотографија: AP

Сојузниот канцелар Ангела Меркел во синоќешната дебата (27.09.09) на политичките лидери имаше улога на победник. Заблагодарувајќи им се на гласачите и честитајќи им на либералите таа подвлече: „Најпрво сакам да кажам дека вечерва сум многу задоволна. Како што се вели - главната цел е постигната. Дојде до промена на владата во корист на црно-жолтата коалиција,“ истакна таа дополнувајќи дека сака да биде канцелар и на оние кои не и го дадоа гласот.

Дебакл на социјалдемократите

„Во вакви моменти човек порадо седи кај победникот. Но, вечерва не е така. Избирачите јасно го дадоа својот глас и ова е горчлив ден за СПД и за мене. Ова е тежок пораз, но најпрво честитки до победниците: Меркел и Вестервеле,“ изјави кандидатот за канцелар од редовите на социјалдемократите Франк Валтер Штајнамер. Тој забележа дека и покрај поразот и натаму ќе остане убеден претставник на СПД, како партија на народот. Според него, многумина од оние што не гласале биле симпатизери на СПД.

Либералите во власта

Deutschland Bundestagswahlen 2009 FDP Guido Westerwelle
И покрај триумфот либералите на Вестервеле останаа приземјени и ја преземаат одговорностаФотографија: AP

Вистински триумф вчера имаа либералите и нивниот шеф Гидо Вестервеле. Тој во дебатата на политичките лидери не ја криеше среќата за одлуката на избирачите забележувајќи дека либералите и покрај успехот остануваат приземјени: „Сега сите имаме пред нас многу работа. ФДП сега има одговорност и истата ја презема. Она што им го ветивме на избирачите чекор по чекор ќе го оствариме,“ забележа Вестервеле осврнувајќи се и на темите кои ќе бидат во фокусот на идната влада, а кои заради новата констелација ќе мора да имаат и нов приод: задолжувањата, даночната и здравствената политика.

Дискусии за спорните точки

„Околу одердени точки со либералите сигурно ќе мора да дискутираме зашто немаме заедничка програма, туку во изборната кампања влеговме како различни партии. Но свесни сме за сериозната ситуација поради што сакаме брзо да составиме влада, а со цел да се зголеми вработеноста, да се осигураат работните места. Нема дискусија дека образованието и натаму ќе биде топ тема,” дополни Меркел околу задачите што престојат. Во дебатата со исклучок на Штајнамаер задоволни беа сите останати.

Успешни избори и за Партијата на левите

Deutschland Bundestagswahlen 2009 Die Linke Gregor Gysi und Oskar Lafontaine
Грегор Гизи и Оскар ЛафонтенФотографија: AP

„Најпрво сакам да кажам дека и ние имаме најдобар резултат во историјата на партијата, која постои само две години. Полека се осознава дека левите се сега етаблирани во Германија. Присутни сме во шест покраински парламенти,“ изјави и Оскар Лафонтен првиот човек на Партијата на левицата.

Иако Партијата на зелените не ја оствари посакуваната цел: да го спречи формирањето на црно-жолтата коалиција, лидерот Јирген Тритин најави дека во Бундестагот ќе има здрава опозиција доколку и социјалдемократите и левите си стојат зад партиските определби коментирајќи: „Нема коалиција во опозицијата, туку натпревар, која опозиција ќе биде најдобра. Сметам дека ние ќе бидеме мала, но умна, зашто најгласната опозиција, не секогаш е и најдобра.”

Автор: Силвера Падори

Редактор: Александра Трајковска