Берлускони си заминува... на рати!
9 ноември 2011Толку барем изгледа сигурно - Силвио Берлускони нема уште долго да биде премиер на Италија. Вчеравечер (08.11), 75-годишниот политичар во телефонска изјава ги расчисти дилемите. Ќе ја напушти функцијата зашто нема веќе мнозинство во парламентот:
„Повеќе не располагаме со апсолутно мнозинство. Сега мора да ја прифатиме реалноста и да се грижиме за Италија“ , рече Берлускони.
Тоа е оставка на рати. Претседателот на Италија Џорџо Наполитано бара од владата на Берлускони пред нејзината оставка да го истурка во парламентот т.н. закон за стабилизација, кој ги содржи сите мерки и реформи кои Европската унија ги побара од Италија.
Преодна влада - најдобро решение за Италија?
„Мораме на финансиските пазари да им испратиме сигнал дека сме сериозни и затоа сите мораме прво да се погрижиме за овие работи. Потоа доаѓаат другите прашања, како на пример - кој во иднина ќе раководи со владата? Сега, пред се’, станува збор за доброто на Италија“, рече Берлускони.
Тој нема да раководи со идната влада. Впрочем претседателот Наполитано во неговото соопштение стави јасно до знаење: по оставката на Берлускони тој ќе се потруди за формирање нова влада. Опозицијата стои на располагање за една таква преодна влада, изјави претседателот на пратеничката група на најголемата опозициска партија ПД, Дарио Франческини:
„Ние сме убедени во тоа дека еден вид кризна влада е најдобро решение за Италија. Влада со личност од меѓународен формат на нејзино чело, која потоа ќе ги спроведе сите реформи, вклучително и промените на изборните закони. Потоа, изборите во 2013 би можеле да се одржат во нова клима и со почитување на важечките правила.“
Доминаторот Берлускони остава држава во криза
Меѓутоа, шефот на државата претходно ја обврза опозицијата да соработува со Берлускони за да се усвојат реформските закони. Таа веќе сигнализираше согласност, при што временскиот план за донесувањето на законите и за оставката на Берлускони се’ уште е целосно нејасен.
Сепак, со тоа треба да започне почетокот на крајот на ерата на Силвио Берлускони. Во изминатите 17 години мултимилијардерот од Милано доминираше со италијанската политика, како премиер, но и како опозициски политичар. Берлускони постојано беше обвиткан со скандали. Против него се водат судски процеси за злоупотреба на функцијата и за вклученост во малолетничка протиституција. Тој зад себе остава земја во криза, чија економија стагнира , младината нема речиси никаква перспектива, а државата е на чекор до банкрот.
Автор: Тилман Клајнјуг/ Симе Недевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска