„Беспоштедна анализа“ за Бундесверот - поттик за промени
9 октомври 2014Министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен во Бундестагот учествуваше во дебатата за политиката на вооружување, по барање на опоцизјата, Партијата на Левицата и Зелените. Теми за разговор имаше доволно, впрочем министерката самата ги испорача. Урсула фон дер Лајен даде налог да се изработи студија за проектите за вооружување, а извештајот го доби изминатиот понеделник. Оттогаш црно на бело знае колку е лоша состојбата со вооружувањето на нејзините трупи. Експертите напишаа катастрофален извештај за Министерството за одбрана. Лошите оценки се однесуваат пред сѐ на екстремно прескапи авиони, хеликоптери, оклопни возила и бродови, кои исто така биле предоцна или воопшто не биле испорачани, како и на кулутрата на раководење во министерството.
Оваа „беспоштедна анализа“ била неопходна, рече Фон дер Лајен на почетокот на нејзиното излагање во Бундестагот. Веќе во наредната реченица меѓутоа нагласи дека од Германија се бара и земјата презема одговорност. Во никој случај министерката не сака кај партнерите во НАТО и ОН да се појават сомневања во ударната сила и способноста за ангажан на Бундесверот. Овој впечаток меѓутоа се зајакна во изминатите недели, оти авиони останаа приземени или недостасуваа резервни делови.
Министерката призна дека во изминатите години не се обрнувало поголемо внимание на состојбата и опременоста на трупите вкупно. Причина за таквиот однос Фон дер Лајен смета дека е тоа што фокусот бил свртен кон ангажманите во странство. Притоа Бундесверот постигнал ниво „за кое повеќето земји во светот можат да ни завидуваат“. Министерката исто така изречно им се заблагодари на војниците, кои служат на многу места во светот.
За проблемите треба брзо да се јавува
Со помош на новиот извештај Фон дер Лајен има намера да го реши застојот во снабдувањето со оружје. Министерката воедно сака да воведе култура на брзо пријавување на проблемите до водечките структури. Во однос на извозот на оружје министерот за стопанство Зигмар Габриел претпочита рестриктивност во доделувањето дозволи, додека за неговата колешка тоа оди предалеку, иако не го го кажа тоа изречно.
Критика и поддршка во Бундестагот
Од гледиште на опозицијата Германија секако испорачува премногу оружје во целиот свет. Волфганг Герке од Партијата на Левицата гледа една основна разлика меѓу одбранбено политичките замисли на неговата пратеничка група и на владатата. Владата била за „безбедност преку вооружување“, додека Левицата се залага за „безбедност преку разоружување“. Тој дополнува дека каде што зе зборува за безбедноста, профит имале фирмите за вооружување.
Критика дојде и од шефот на пратеничката група на Зелените Антон Хофрајтер, кој забележа дека министерката повикувала за поголема меѓународна одговорност на Германија, но дека проблемот бил што хеликоптерите и авионите не можеле да летаат, а панцерите не можеле да возат.
Поддршка за министерката дојде од експертот за одбрана од СПД, Рајнер Арнолдс кој смета дека министерката не ги предизвикала проблемите со вооружувањето и вети дека во наредните години ќе и пружи поддршка во обидот да се сменат структурите во министерството. Неговата анализа се поклопува со таа на Фон дер Лајен. И покрај сите недостатоци во вооружувањето, Бундесверот бил способен за делување, нагласи социјалмдемократот.