1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бејрут наликува на апокалиптична воена сцена

Том Алинсон
5 август 2020

Бејрут уште долго ќе се опоравува од страотната експлозија која одекна во вторникот и која однесе над 130 човечки животи. Земјата притисната од економски и политички проблеми сега се соочува со нов предизвик.

https://p.dw.com/p/3gTpD
Libanon Explosion im Hafen von Beirut
Фотографија: Getty Images/AFP

Меѓу граѓаните на Бејрут кои успеаја да ја преспијат минатата ноќ, многумина се разбудија во средата соочени со траумата и бесот поради страотната експлозија која го потресе градот. Либан е веќе среде хиперинфлација, растечка пандемија на коронавирус и огромна сиромаштија.
Експлозијата, која според либанските власти ја предизвикале 2,700 тони амониум нитрат складирано на пристаништето, уништи дел од главниот градот и однесе стотици човечки животи.
Фред Бтеич, хирург кој за малку го избегнал ударот на експлозијата, сцените од минатата ноќ ги опишува како „апокалиптична, воена сцена“, со огромен број пациенти кои пристигнале во итната служба на болницата во која работи.
„Некои луѓе кои ги опериравме, не им ги знаевме ниту имињата, ниту кои беа, ниту дали имаа роднини. Видовме ужасни работи“, вели Бтеич за ДВ. „Опериравме луѓе кои, технички, веќе беа мртви само за да им мине редот, а имаше деца на возраст од 4 или 5 години. Мислам дека ќе имаме многу повеќе жртви“, вели тој.
Амониум нитратот може да има „ужасен ефект врз човечкото тело, а последиците ќе ги гледаме и за неколку години“, вели Бтеич. Делови од градот се практично уништени. „Личи како Хирошима“, вели хирургот.
Многу семејства кои живееја во близина на експлозијата останаа без своите домови, отворајќи нов проблем. Според градоначалникот на Бејрут, Марван Абуд околу 300,000 луѓе останале без кров над глава.
Некои жители на социјалните мрежи им нудат сместување на своите сограѓани, додека хотелиерите ги постираат своите телефонски броеви под хаштагот "#ourhomesareopen" (нашите домови се отворени).

Libanon | Beirut | Gewaltige Explosion am Hafen
Повредени граѓани на улиците на Бејрут чекаат лекарска помошФотографија: Getty Images/AFP/I. Amro

Страотната експлозија во Бејрут од повеќе агли

Политички хаос

Иако за многумина е прерано да размислуваат за влијанието кое експлозијата ќе го има врз нивните животи, аналитичарите велат дека бесот кон одговорните ќе предизвика голем политички потрес.
„Очекувањата се дека после ова, кога ќе почне истрагата за тоа кој е одговорен, тоа ќе произведе нов хаотичен проблем затоа што нема речиси никаква доверба меѓу либанските граѓани и властите“, вели дописникот на ДВ од Бејрут Разан Салман. „Ова е дополнение на економската криза во која се наоѓа Либан од октомври“.
Пред експлозијата, во Либан се очекуваше пресудата на меѓународното судење против осомничените убијци на поранешниот премиер Рафик Харири. Пресудата ќе создадеше дополнителни политички тензии во земјата која веќе врие од незадоволство и протести против секташката политика и корумпираните политичари. Но, пресудата во меѓувреме беше одложена за 18 август.. 
„Никој не размислуваше за тоа во моментов“, вели Салман. „Сите се се уште во шок, во панија. Мислам дека никој не размислува за пресудата повеќе“.
Дали ова може да биде моментот за единство и обединување на граѓаните на Либан, останува отворено прашање.
„Не ми е гајле што се крие зад ова, дали е несреќа, намерно или политички предизвикано- загубите кои ги претрпевме се колосални и не очекувам Бејрут наскоро да се опорави од ова“, вели Бтеич.