Дипломатија која отвара нови сценарија на Блискиот исток
18 септември 2020Потпишувањето на договорите за воспоставување дипломатски односи на Израел со Обединетите Арапски Емирати и со Бахреин во Белата куќа, под покровителство на американскиот претседател Доналд Трамп, недискутабилно преставуваат огромен успех за американскиот претседател, како и триумф за Израел на Блискиот исток.
Новата Пакс Американа за наводно „новиот Блиски исток", е всушност продукт на една нова генерација политички дилови, нова форма на дипломатски односи, и неминовно ќе донесат новини на геополитички план.
Абрахамовите договори – или историскиот договор (постои ли неисториски) според Трамп, за нормализирање на односите на Израел со две мали, но богати арапски земји од Персискиот Залив – Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, во замена за суспендирање (не откажување) на Израел од анектирање на Западниот брег, пристигнува на седум недели од американските избори, и би можело во иднина да се прошири на уште 7 до 9 други арапски држави.
Станува збор за договори во линија со времињата во кои живееме, создадени повеќе за реалистите и прагматичарите, отколку за сонувачите и идеалистите. Трамп се обиде овие договори да ги престави како продолжеток на договорот помеѓу Израел и Египет во 1978 година, и Израел и Јордан од 1994 година, и ги нарече „мировни договори“. Во суштина, во случајов не можеме да збориме за мировни договори, од аспект што меѓу денешните потписници никогаш ни немало војна. Уште помалку можеме да направиме некаква паралела со Договорот од Осло во 1993 година, помеѓу Јицак Рабин и Јасер Арафат и посредништво на Бил Клинтон. За тој договор Рабин го изгуби животот, а договорот потоа секако пропадна, додека во поширока смисла, не постојат никакви аналогии со минатото, бидејќи денеска Палестинците комплетно се истиснати, отфрлени или заборавени во приказната.
Повеќе на темата:
-Збогување од палестинска држава
-Израел и ОАЕ воспоставуваат дипломатски односи
Фактот дека токму неделава се паѓаат точно 27 години од Договорот во Осло, можеби случајно - можеби не, секако ќе биде причина за Трамп денешните договори да ги престави како историски успех и себе да се издигне до рангот на светски помирувач. Но, тешко е дека можеме да говориме за помирување и мир, уште помалку за мировни договори без инволвирање на Палестинците.
Повеќе од мировни договори во овој случај говориме за мировни дилови, односно за серија на финансиски и технологиски дилови помеѓу Арапите и Израелците, кои би создале предуслови за интензивна економска соработка. Во исто време со овие договори се ратификува веќе постоечката реалност, односно се формализираат серија на неформални и неофицијални односи кои веќе со години подземно постојат и се развиваат помеѓу Израел и сунитските богаташи од Персискиот залив.
За да го доближиме контекстот на новата американска дипломатија до нашиот регион, верувам дека насетувате одредена сличност со неодамнешниот (не)договор помеѓу Косово и Србија, кој наместо нормализација на односите меѓу Приштина и Белград и нивно заемно признавање, произведе само признавање на Израел од Косово, преместување на српската амбасада во Ерусалим, односно, произведе речиси исклучиво бенефиции само за Израел.
Простете ја дигресијата, но како што формата и суштината на новите договори на Блискиот Исток ги исклучуваат Палестинците, и не се мировни договори, туку обични билатерални договори поддржани од трета страна, договорот меѓу Косово и Србија не е дури ни тоа, туку е анти-договор. Двете страни не потпишаа ништо заедничко, немаше заедничка церемонија или протокол, ниту потписниците си пружија рака. Секој потпиша различен документ и дури не станува збор ни за билатерални договори на секоја поедина земја со САД, туку повеќе наликува на „писмо за намери“. Оттука, говориме за едно меркантилистичко поимање на историјата и историското, на политиката и на правото, каде дипломатијата на Трамп смета дека сите напластени проблеми, општествено-политички несогласувања, војни или национални тензии, демографски или етнички прашања, можат да се надминат со ветувања за нови бизнис дилови и убави времиња на заработка за сите.
Значи, далеку од мировни договори на Блискиот исток сведоци сме на бизнис договори, договори меѓу тајните служби, и договори со кои де-факто се потпишува арапско-израелско сојузништво против Иран. На иранското прашање и геополитичката важност, како и политичките аспекти од овие договори ќе се навратиме подоцна.
Разликата од дипломатијата на минатото, особено од концептот користен за Блискиот исток е и во следното. Во преамбулата на договорот помеѓу Израел и ОАЕ, како и во мировната декларација меѓу Израел и Бахреин, се нагласува дека: „ќе бидат преземени напори за соработка со цел пронаоѓање на договорено решение на израелско-палестинскиот конфликт, во согласност со потребите и легитимните аспирации на двете страни“.
Ова е комплетно превртување на принципот на кој досега се одржуваше каков било разговор околу израелско-палестинскиот конфликт. Принципот гласеше дека: „Не може да постои нормализација на односите помеѓу арапскиот свет и Израел без претходно да се воспостави палестинска држава во рамки на границите од 1967 година“. Сега, одредени арапски држави одлучуваат да го приначат редоследот на нештата. Според новата доктрина, токму нормализацијата на односите на арапскиот свет со Израел, неговото прифаќање како интегрален дел од Блискиот исток и како стратешки сојузник и економски партнер, може да доведе до решавање на конфликтот со Палестинците. Со други зборови се отфрла досегашната доктрина дека палестинското прашање е предуслов, односно „conditio sine qua non“ за каков било договор на Блискиот исток.
Но, како што рековме времињата се променети. На Израел му појде од рака бранот на национал-популизам низ светот, подемот на Трамп, Моди во Индија, Болсонаро во Бразил, Орбан, Путин, сите со кои Нетанјаху има одлични односи, и кои помогнаа во американско-израелската кампања против Палестинците, во нивното медиумско маргинализирање, нешто што пак доведе и до промена во јавното мислење низ светот.
Други колумни на Ивор Мицковски:
-Науката и националното се судираат во трката за вакцина
-Случај Навални: Меркел го дисциплинира Путин
-Судирот меѓу Турција и Грција и новата реалност во Средоземјето
Потоа доволно беше пријателството на Нетанјаху со Трамп и Џаред Кушнер, и поддршката од двата сателити на Саудиска Арабија, поточно ОАЕ и Бахреин. Првиот план беше оној на Џаред Кушнер, наводно израелско-палестиски мировен договор каде би се анектирал Западниот брег и сите окупирани територии од Израел, додека на Палестина да им се даде остатокот. Оној конечниот, со Емиратите, се претвори во план каде одложувањето на анексијата се понуди како мировен договор. За измамата да биде поголема, се испреврте и стариот слоган, и од – „земја за мир“, и се преиначи во – „мир за мир“. Како што искоментира еден поранешен израелски амбасадор во Вашингтон: Од лимони, направија лимонада. Израел за договорите со ОАЕ и Бахреин, како и за (не)договорот меѓу Србија и Косово, не даде ништо, се откажа од нешто непостоечко, а за возврат доби се што може да се добие.
Палестинците нормално повикуваат на измама и предавништво од страна на арапскиот свет и сметаат дека ОАЕ и Бахреин го искористуваат палестинското прашање за своите интереси, во заблуда дека сојузништвото со Израел ќе ги заштити од Иран. Како и да е, за очекување е дека палестинската стратегија ќе се кристализира после исходот од американските избори во ноември.
За Палестинците, покрај очигледната штета за нивната кауза, им следува и навредата дека самите си се криви за судбината. Само во последниве 2 години, администрацијата на Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел, ја премести својата амбасада во Светиот град, и ја призна израелската окупација на Голанската висорамнина од 1967 година. Испаѓа дека Палестинците ја преживуваат судбината на слабите и на губитниците. Си дозволија да веруваат дека може да постои меѓународна правда која би ја препознала исправноста на нивната кауза и нелегитимноста на израелската окупација, која инаку продолжува и понатаму, ништо помалку агресивно и брутално од минатото. Си дозволија и да веруваат во мировен договор, мислејќи дека едно ракување може да замени клаузули кои забрануваат понатамошно ширење на израелските колонии. На крај, веруваа и во Обама кој не направи ништо, за да после Обама дојде претседател кој ги понижи, им откажа секаква помош, ги развласти и ги остави без какво било политичко достоинство, затварајќи ја нивната амбасада во Вашингтон. Со преместувањето на американската амбасада во Ерусалим, Трамп конечно им докажа на Палестинците дека не вредат ништо.
Покрај Палестинците, кои се засебно прашање, големите губитници од овој дипломатски валцер на Трамп и неговиот зет, се Иран и неговите сојузници, од Хезболах преку сиријскиот претседател Асад, до Хамас и Исламски Џихад. Една од клучните цели на Абрахамовите договори е ограничувањето на иранското влијание на Блискиот исток. Договорите се сметаат за сериозен удар на иранскиот концепт за „стратешка длабочина“, кој се базира на воената доктрина дека во случај на конфликт борбата треба да се донесе што поблиску до непријателската територија. Сега, нормализацијата на односите помеѓу ОАЕ и Бахреин, двата сателити на Саудиска Арабија, предвидува продлабочена и системска безбедносна соработка, споделување на информации, како и стратешко приближување на Израел до Техеран, преку прелет на ОАЕ, како и можност за искористување на територии под нивна контрола, јужно од Јемен, за воспоставување на израелски шпионски бази.
Историскиот анимозитет помеѓу Арапите и Израел служеше како природна геополитичка препрека за американско-израелски акции насочени против Иран. Зголемената регионална и геополитичка ранливост на Иран, ќе ги направи далеку поефикасни санкциите на САД кон Техеран, а поголемата соработка помеѓу земјите од Персискиот залив и Израел, ќе ги задушат иранските финански канали со кои успеваа да ги заобиколат американските санкции.
Останува прашањето дали домино ефектот на нормализација на односите на Блискиот исток, од пробните балони на ОАЕ и Бахреин, ќе се прошират на нивниот главен спонзор Саудиска Арабија, и дали ќе инволвираат и други арапски земји од Персискиот залив или од Магребот.
Фактот дека Ријад го отвори својот воздушен простор за Израел е мал сигнал дека нештата може да се променат наскоро. Но, внатрешната состојба во Саудиска Арабија е комплицирана поради нејзините регионални аспирации да биде лидер, и деликатната позиција на лидер во муслиманскиот свет. Воедно, принцот Бин Салман со месеци веќе ја подготвува транзицијата на престолот, додека неговиот татко, кралот Салман е човек од старата генерација кој не гледа со добро око на новата американска политика и е против секакво омекнување на односите со Израел. Единственото што до сега можеше да го понуди Ријад, покрај тајните договори со Израел, е нормализацијата со малиот Бахреин.
Оман, чиј амбасадор во САД беше во првите редови за време на потпишувањето се смета како следен во листата арапски држави. Потоа се споменуваат и Судан и Мароко, додека од Либан пристигнуваат информации за поддршка на новата американска линија.
За очекување е односите со Турција и Израел да се влошат, особено поради отвореното непријателство на Анкара со Абу Даби, како и се поголемите напори на Едроган да се прикаже како лидер во палестинското прашање и кај сунитскиот дел од муслиманскиот свет.
Бидејќи целиот процес е детерминиран од пред се бизнис логика, како и од незадржливиот интерес на Трамп во предизборието, за очекување се и нови изненадувања на овој план. Но, реакциите на многу други земји од Персискиот залив појаснуваат дека сезоната на нормализација на односите со Израел би можелo да застанe тука. Кувајт и Оман имаат сериозно граѓанско општество и политичари кои се спротивставуваат на ваквата еволуција, додека Катар е речиси целосно зависен од Турција, и веќе објаснивме како Ердоган смета дека покрај анти-иранска, се создава и анти-турска коалиција.
Конечно, Европа која се наоѓа во соседство на Блискиот исток и која има свои историски врски и недвосмилени интереси во овој регион, останува како обичен гледач од трибините, кој збунето ја гледа „новата“ дипломатија на Вашингтон.