Реакции за ребалансот: Владата да биде похрабра во потезите
16 мај 2020Поголеми трошоци но и поголема поддршка за стопанството. Кризата со пандемијата испровоцира кризно прекројување на државната каса за годинава. Буџетот се зголемува за околу 53 милиони евра, или се позиционира на 3,95 милијарди евра. Се зголемуваат расходите за сметка на дел од непродуктивните трошоци, но во истовреме се намалуваат приходите и тоа значително, односно, тие се предвидува да изнесуваат 3,2 милијарди евра. Ова значи дека буџетскиот дефицит ќе изнесува 750 милиони евра, или 6,8% од бруто домашниот производ.
Повеќе пари за помош
Она што е најзначајно според Владата е што се обезбедуваат финансиски средства за директна помош на стопанството, но и поддршка на буџетите на неколку министерства за надминување на корона-кризата:
„Зголемувањето од 50 милиони евра е само 1,4 процент од вкупните расходи а за пример ако погледнете како останатите земји делувале по однос на приходната и расходната страна ќе видите дека ние сме земја која најмалку ги зголемува расходите споредено со која било друга земја“, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.
Повеќе:
Секоја трета фирма бара финансиска помош од Владата
По принудниот Корона Стоп, автоиндустријата почнува да вози
Поскапа акциза- помало „нужно зло“ за справување со последиците од Ковид-19
Различните математики на економистот Заев и инженерот Мицкоски
Најголем дел од помошта ќе се употреби за Ковид- програмата на владата за зголемување на потрошувачката:
„50 милиони ерва ќе одат за Ковид- програмата на владата за зголемување на потрошувачката. 36,9 милиони евра ќе бидат за развој на туризмот и зголемување на домашната потрошувачка, 5,69 милиони евра за социјална заштита. Вкупно 5,69 милиони ќе одат за Ковид- програма на Министерството за здравство плус 5 милиони евра кои ќе бидат наменети за програмата за откривање на заболени. Вкупно 5 милиони евра се наменети за Министерството за образование за поддршка на младите и студентите, додека 2,5 милиони евра во Агенција за вработување и 1 милион евра во програмата за Ковид во Министерството за економија за кредитите од Развојната банка кои ќе се користат од септември,“ објасни Ангеловска.
Ограничени можности
Прекројувањето на државната каса се случува безмалку два месеца по прогласувањето на пандемијата. Период, во кој стопанството падна во криза која се премостува со два пакета мерки. Во очекување на третиот, стопанствениците се задоволни што со ребалансот се одвојуваат одредени средства:
„Ребалансот е дефинитивно добар чекор и не можеме да најдеме замерка на владата. Во однос на тоа колку се скратија од непродуктивните трошоци во буџетот, мислам дека Владата немаше којзнае какви големи можности затоа што познато е дека кај нашиот буџет најголем дел до издвојувањето, односно расходите се т.н. недискрециони трошоци, кои се на база на закони, дали за пензиско и инвалидско осигурување, за пензиите и другите обврски. Така што мислам дека немаше поголеми шанси да издвои повеќе од тие 30 до 40 милиони евра што ги скрати од тие трошења“, вели за Дојче веле Ангел Димитров, претседател на организацијата на работодавачи.
Реализација на капиталните проекти
Поттикнувањето на потрошувачката и форсирањето на капиталните инвестиции ќе бидат клучната стратегија на владата во справувањето со предизвиците од кризата. Сепак и покрај ваквите најави, со ребалансот се крати токму во делот на капиталните инвестиции и тоа за 68 милиони евра. Тие сега се позиционираат на 317 милиони евра. Од Владата тврдат дека се крателе проекти кои што важеле за несуштински. Стопанствениците предупредуваат да се внимава но и да се вложат максимални напори за тие да се реализираат во целост:
„Во делот на капиталните инвестиции сметам дека не треба да се крати затоа што во суштина оваа Влада во последните две години имаше потфрлање во реализацијата на инфраструктурните проекти, кои пак на некој начин се добра основа за бруто домашниот производ. Затоа во тој дел треба да има максимална заложба овие средства да се реализираат во целост“, смета Димитров.
Храброст во задолжувањето
Динамиката на реализација на многу нешта ќе зависи и од процесот на задолжување. Дефицитот ќе се покрива преку кредитирање дома и надвор и издавање на еврообврзница, која би можело да изнесува и 800 милиони евра. Ова значително ќе го зголеми и јавниот долг кој се планира да достигне 58% од бруто домашниот производ. Но тоа според стопанствениците не треба да загрижува, ако парите се потрошат за вистински намени:
„Што се однесува до задолжувањето, сметам дека владата мора да биде похрабра, затоа што колку тие задолжувања ќе бидат поголеми, колку помошта на стопанството ќе биде поголема, толку можноста за излез од кризата во четвртиот квартал за нас стопанството ќе биде посигурна. Затоа што доколку се издвојат многу скромни средства ќе има пропаѓање на многу поголем број на компании, а заживување на стопанството со пропаднати компании во стечај и ликвидација е многу потешко. Подобро е дури дел од компаниите да отпуштат дел од работниците за да останат активни, така што полесно ќе можат да ја пребродат кризата до крајот на годината“, смета Димитров.
Дополнително, стопанството очекува и проширување на поволната кредитна поддршка. Досега во овој дел се интервенираше со две линии преку Развојната банка. Односно, преку таканаречените „Ковид 1“ и „Ковид 2“ програми кои безмалку се разграбаа, но дел од компаниите останаа и со кратки ракави:
„Би требало да се сменат средствата односно износот на бескаматните кредити за потребите на компаниите кои што имаат проблеми со ликвидноста за да можат да ја одржат, затоа што штета е да конкурираат компании, да ги исполнуваат критериумите а заради недостиг на средства да не можат да добијат. Затоа треба да добијат шанса сите компании кои што ќе конкурираат и ќе ги исполнат условите за да добијат средства“, укажува Димитров.
Нема кратење плати и пензии
Во делот на расходите, минимални или незначителни промени надолу има во делот на расходите за плати и придонеси. Кај јавната администрација тие остануваат непроменети, односно нема да се намалуваат. Освен во делот на привремените вработувања. Министерката за финансии уверува дека се обезбедени и средствата за исплата на пензии, кои дополнително и ќе растат според движењата на трошоците за живот.
Опозицијата критикува дека ребалансот се спроведува задоцнето а кратењата ќе бидат без ефект. Според ВМРО ДПМНЕ, ребалансот требало да се направи уште пред месец и половина кога се увиделе првите негативни ефекти од корона кризата. Опозицијата смета дека новото сценарио е преоптимистичко, посебно во делот на проценките за намалени приходи од 11,5%. Дополнително забележуваат за пропуштена можност од натамошни кратења, пред се во делот на стоки и услуги со кои буџетскиот дефицит би бил помал, а со тоа и потребата од задолжување за негово финансирање.
Со ребалансот, нема промени во сумата планирана да се потроши за изборите, а не се кратат дополнително ниту парите наменети за политичките партии. Владата останува на проекцијата дека економијата годинава ќе падне за 3,4 проценти.