Данокот на капитална добивка - трн в око за бизнисот
22 јули 2019Банкарите, стопанската комора, берзата... Расте притисокот против воведувањето на мерката за данок на капитална добивка која, според владината стратегија, треба да стапи во сила на 1 јануари 2020 година. По воведувањето на прогресивното оданочување, односно зголемувањето на персоналниот данок за месечни приходи над 90 илјади денари, ова треба да биде втора конкретна мерка која е дел од стратегијата на СДСМ и нејзината програма „За подобар живот“.
Оданочувањето штетно за бизнисот?!
Но како наближува тајмингот за нејзино стапување во сила, така расте притисокот таа да не се спроведува, или да биде одложена до приемот на државата во Европската унија. Како последно алармот за ова пристигна од Македонската берза. Првиот човек на македонскиот пазар на капитал предупреди дека доколку даночната реформа стартува во планираниот период ќе влијае драстично врз одлуките за инвестирање на бизнисмените:
„Реакции од инвеститорите знаете сите дека има, нормално кога од нула доаѓате на некој процент да се оданочува, реакциите се негативни. Тоа дефинитивно ќе влијае на динамиката во иднина и во тој контекст Македонска берза, заедно со другите чинители на пазарот на капитал, прави напори, ќе поднесе иницијатива до Министерството за финансии во која ќе ја образложи потребата од одложување на оданочувањето на капиталните добивки. Тој процес е во тек“, изјави Иван Штериев, директор на Македонската берза.
Притисокот расте по заминувањето на Тевдовски
Ова не е првпат бизнис заедницата да бара одложување на мерката за оданочување на капиталната добивка. Но е прво откако се случи смена во министерството за финансии, односно откако оттаму, по налог на премиерот, замина Драган Тевдовски, еден од клучните идеолози и креатори на политиката за прогресивно оданочување. Тевдовски веќе не е министер, а на неговата позиција нема поставено нов. Работите по неговата смена ги менаџира премиерот Зоран Заев, кој сакаше и официјално да биде назначен за министер за финансии, но по реакциите и укажувањата од Антикорупциска комисија дека тоа е спротивно на законот, тој се повлече.
Владата резервирана
Како ќе постапат по барањето на стопанствениците, од Министерството за финансии нема конкретен одговор. Досега се огласи единствено вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој кажа дека првпат слушнал од новинарите дека имало такво барање:
„Јас првпат го слушам ова од вас. Ако тоа било денеска побарано, ќе го разгледаме со внимание се разбира како и сите други прашања кои доаѓаат од коморите и стопанството“, рече Анѓушев.
Коморите со поддршка
Во очекување на одговор од Владата, стопанството се мобилизира. Бизнисмените сметаат дека во актуелните економски услови, барањето е повеќе од оправдано:
„Ние не можеме да бидеме против таа иницијатива. Апсолутно како бизнис сектор сме за тоа и сметаме дека тоа е целосно коректно. Ние сигнализираме дека во услови на намален, да не речам никаков економски раст,кој што го има, но главно е генериран од компаниите во зоните што извезуваат, мислам дека секоја интервенција која би можела да го олесни бизнис амбиентот во државата е добредојдена. Вклучително и оваа. Затоа што го стимулира капиталот да се вложува во економијата, а не во недвижнини и слични работи коишто се промашување. Кај нас се затвораат пари без каква било логика и се прави страшен притисок врз дивоградбите и слично, бидејќи тоа е еден од клучните елементи, имаме бум на градби, а нефункционални станови колку сакаш. Тоа е нелогично и затоа даваме апсолутна поддршка на оваа иницијатива“, смета Антони Пешев од Стопанската комора
Како ќе постапи Владата тој не сака да прејудицира, но очекува кон прашањето да пристапи со максимална сериозност:
„Тоа е иницијатива и начелно нешто што генерално го бараат сите. Но какво ќе биде ехото не знам и не би можел да прејудицирам. Не верувам дека одекот ќе биде таков, со оглед на тоа какви се генерално состојбите во државата. Не верувам дека нешто драматично ќе се случува. Но сепак да видиме, иницијативата е тука, во текот на неделава сигурно дека ќе треба да се разговара, бидејќи очигледно иницијативата е проширена и останува да видиме“, коментира Пешев.
Уште претходно, одложување на мерката побараа и Македонската банкарска асоцијација, но и Комисијата за хартии од вредност. Банкарите бараат оданочувањето на доходот од камати на депозити на граѓаните, да се одложи до влезот на земјата во Европската Унија. Само така сметаат дека ќе се задржи позитивниот тренд на штедењето, но и ќе се обезбеди свеж капитал за стопанството.
Од Управата за јавни приходи објаснуваат дека капитална добивка е доходот што обврзникот го остварува од продажба или размена на недвижен имот, хартии од вредност, учество во капиталот, друг подвижен и нематеријален имот.
Таа претставува разлика помеѓу продажната цена и набавната цена при продажба или размена на недвижен имот, хартиите од вредност, учеството во капиталот, подвижен и нематеријален имот. Под нематеријален имот се подразбира имотот без физичка содржина, кој може да се идентификува.
Од први јануари 2020 година предвидено е со 15 проценти да се даночат капиталните добивки на граѓаните како што се дивидендите, добивките од игри на среќа и приходи по основ на кирии. Или поточно со 15% ќе се оданочуваат каматите од орочени штедни влогови за сума над 15.000 денари.