Битка за гласачите во Германија
Шарено, контроверзно, лично, со многу слогани- во Германија на секој чекор има предизборни плакати. Утре се изборите за следниот состав на Бундестагот. Како партиите се борат за довербата на граѓаните?
Чист патриотизам
Два основни мотиви, 22 илјади големи плакати и буџет од 20 милиони евра: тоа е кампањата на Демохристијаните (ЦДУ). Партијата се претставува патриотски и на плакатите се боите на германското знаме. „Ние сме земја на која и оди добро, можеме да бидеме горди на тоа“, вели генералниот секретар на ЦДУ Петер Таубер. Фокусот е на теми за безбедноста, работата и семејството.
Граѓаните во фокусот
Една кампања и три круга на мотиви. СПД се презентира на плакати на кои се гледаат граѓани среде слогани за теми како образование, семејство, пензии, инвестиции и праведни приходи. Дури во вториот „бран“ во фокусот е кандидатот за канцелар Мартин Шулц. Кампањата на партијата, како што тврдат, ќе чини 24 милиони евра.
Кампања- тоа е тој
Партијата на слободните демократи- ФДП (Либерали) во својата предизборна кампања вложи нешто повеќе од 5 милиони евра. Кампањата се сведува на рекламирање на еден човек- партискиот шеф Кристијан Линднер, кој е често прикажан во кошула, со засукани ракави и неизбричен. Тоа треба да ја сугерира неговата посветеност кон иднината на Германија. Покрај него се гледаат цели пасуси од програмата на ФДП.
„Затоа зелено“
Зелените многу претполагаат на големи текстови испишани со големи букви покрај некој симболичен мотив. Темите секако се заштита на животната средина или интеграција на странци. „Затоа зелено“ е мотото на кампањата. На сите плакати како лајт-мотив се појавува сончоглед.
Контроверзната АфД
Најмногу дискусии предизвика Алтернативата за Германија (АфД). Нејзиниот слоган гласи: „Одважи се, Германијо!“ Оваа десничарска партија сака да ги привлече гласачите со плакати со текстови од кои е јасно дека сака да го намали влијанието на исламот во Германија, да постави јасни граници за доселување, да го укине еврото и да го смени уредувањето на ЕУ.
Без лице
Бели букви, црвена боја која ја симболизира партијата Левица, тоа е стилот во кој се водеа и претходните кампањи. Со тоа што овој пат целосно се откажа од прикажување на лицата на своите главни политичари. Под мотото „Не сакаме понатаму вака“, тиа својата кампања ја концентрираа на темите како борба против високите кирии, праведни пензии и запирање на извозот на оружје.
Не баш сериозно
Платите на менаџерите да се прилагодат на големината на брусхалтерите, а треба да се воведе и граница за поскапување на пивото. Такви и слични барања изнесува партијата Партија, чија предизборна кампања е целосно сатирична- сосема во стилот на нејзините основачи, уредниците на сатиричниот магазин Титаник. Кандидат за канцелар е кабаретистот Сердар Сомунчу.